Интервју со Мизар

/, Звук, Блесок бр. 30/Интервју со Мизар

Интервју со Мизар

Велат дека сè е отсвирено – ние не веруваме во тоа!

#1

Култниот македонски бенд деновиве ќе почне да ги испишува редовите за своето ново откровение. Откровение што нималку не треба да претпоставува инцидентно (многупати заговарано) собирање за да бидат промовирани реизданијата на обата историски носачи на звук што своевремено ги обзнани бендот (Мизар и Свјат Dreams), туку уште една силна заложба за менување на постојната временска звуковна матрица низ активности и изданија што допрва треба да се обистинуваат. Проектот е озаглавен како Раѓањето на Мизар. Зад него стојат поставата со која бендот своевремено навидум замина во легендите и за која долго се мислеше дека и покрај даваните ишарети ќе биде неизводливо некогаш да се собере и луѓето од македонската продукциска куќа Литиум рекордс. Одговорите за новите моменти од сторијата за Мизар ги има најистакнатиот во бендот Горан Таневски.

#2 * Што претставува всушност проектот Раѓањето на Мизар? Дали се работи за класично реоформување на овој бенд или за нешто повеќе од тоа?
– Покрај апстиненцијата од македонската музичка сцена во изминатите неколку години, сепак знаевме дека Мизар зад себе остави уште многу недоречени работи. Затоа решивме повторно да ги обединиме нашите креативни енергии во Ѕвездата на надежта – МИЗАР, која своевремено остави трајни белези на македонската музичка сцена.

* Ако некаде пред една деценија и нешто повеќе, не само во рамките на тогашната држава, Мизар беше апсолутно една од најавангардните појави, како и каде звучно се гледате сега?
– Ако работите ги гледаме од една временска дистанца, не може а да не ги разбираме работите поинаку и убедени сме поквалитетно. Гледано од денешен аспект Мизар афирмираше сосема нови погледи и музички изразувања низ својата музика. Колку и да бевме свесни или, пак, интуитивни, сепак како луѓе од свои дваесетина години, со огромен креативен занес не можевме да согледаме или, пак, да бидеме свесни, колку нашата музика ќе изврши влијание врз понатамошниот развој на музиката, како кај нас така и пошироко. Воопшто ако гледате некој филм на свои 19 години и повторно на свои 30 и кусур, сигурен сум дека филмот ќе го разберете многу покомплетно.

* Може ли да се надгради еднаш веќе дадениот концепт во кој умешно беа преплетени рокенролот, старословенското пеење и изворната македонска традиција?

– Мизар немаше да биде тоа што е ако не беше сплет на сосема различни карактери. Токму тоа го дефинираше темпераментот на музиката. Тоа за кое некој мислеше дека е неспоиво, ние го споивме (како еден пример ќе го наведеме првото спојување на традиционалните инструменти како што се зурлите и тапаните во еден популарен рок-израз).
Денес многумина велат дека во музиката сè е отсвирено. Ние не веруваме во тоа.

#3* Дали реобјавувањето на албумите и здравата размисла значат само нова средба со публиката или и работа на нови материјали?

– Реобјавувањето го разбираме единствено како потврда на трајните вредности што ги остави зад себе Мизар. Не ни е сеедно зад која етикета ќе се најдат реизданијата. Литиум рекордс сепак го сметаме за најпрофесионална издавачка куќа во Македонија и се разбира веруваме дека ќе ја издржат одговорноста што ја преземаат. Реизданијата коинцидираат со нашата повторна активност, што е сосема во ред публиката да допре битен дел од македонската музичка историја.

* Колку е извесно излегувањето на нов студиски албум и кога евентуално би се случило тоа?

– Самата идеја за нов албум всушност беше пресудно за повторното враќање на сцена. Се планира заокружувањето на трилогијата да се оствари веќе кон крајот на 2003 год.

* Ако Мизар во втората половина на 80-титт? И во почетокот на 90-тите год. Од минатиот век беше своина на мислечките луѓе од еден поширок простор, документите за неговото битисање ни стигнаа преку словенечкиот Хелидон, бендот апсурдно ја немаше поткрепата од овдешните медиуми. Како го доживувате сето тоа од една убава временска дистанца?

– Желбата за самоинформирање кај публиката доведе до еден факт дека медиумите немаа влијание врз промовирањето или успехот на Мизар.
Како прво, Мизар пред снимањето на својот првенец на својот концерт во сегашниот МКЦ, во Скопје, во март 1987, имаше 2.000 посетители, што претпоставува дека беше најпосетен концерт што се памети во историјата на истиот простор, а беше реализиран без медиумска поддршка. Со овој факт се докажува дека и македонската публика знаеше што сака.
Како второ, што се однесува до „словенечката врска“, е фактот дека Македонија тогаш немаше ниту услови ниту продуцент што можеше да застане зад проектот, а во исто време да не се менува јазикот на кој ѝ се обраќаме на публиката. Затоа и ајварот ни го земаа.

#4 * Сега во сосема поинакви услови тргате од Македонија. Очекувате ли во времево во кое живееме да превладее свеста за силината на своето, за моќта на автентичниот македонски белег на Мизар?

– Секако дека денес е поинаку. Во секој случај поддршката од медиумите станува неопходна. Но се случува поради нестручноста на луѓе што ја претставуваат поп-културата пред јавноста, многу работи да станат “ајвар”. Тоа се случи и за време на отсуството на Мизар од музичката сцена. Поради секакви „стручни луѓе“, многу работи што беа заслуга само на бендот, се присвојуваа и придодаваа на други личности токму од културниот живот за разни нивни лични цели и интереси.
Сепак ако квалитативно ја согледаме работата, одговорноста е голема не само за Мизар, туку и за медиумите. За медиумите поради тоа што треба стручно да ја информираат јавноста, а за Мизар, да го исполни тоа што го замислил.
Затоа, не мора да значи дека целата приказна ќе тргне токму од Македонија.
Сепак да причекаме.
Мизар е свесен за своите вредности, а за другото ќе покаже времето.


Досие: МИЗАР

#5 Мизар е група што во 80-тите години ја промовира македонската култура, како на тлото на тогашна Југославија така и во повеќето земји во Европа. Воедно епитетот најпопуларна група на поранешните југословенски простори го оствари не само со авангардната звучна слика, која се потпираше на дотогаш нечуениот спој на рокенролот, со старословенското пеење и изворната народна музика, туку и со текстовите на песните пеани на мајчиниот македонски јазик, што во дадените услови беше речиси ерес.
Првиот албум со името на составот е и прво долгосвиречко дискографско остварување со популарна (читај: рокенрол) музика што воопшто е снимено на македонски јазик .
Иако оспорувани од системот што владееше во 80-тите, со забрана на емитување песни, уништување видеоспотови…, благодарение на публиката, групата, сепак успеа да се пробие до врвот на сите топ-листи во републиките на тогашна Југославија.
Инаку, Мизар терминолошки беа именувани според „ѕвездата на надежта“, за која е својствено дека ги соединува христијаните и муслиманите. Патниците што патувале низ пустина се ориентирале токму по оваа ѕвезда, по Мизар.
Созревањето на групата неминовно доведе до снимање на првиот албум, кој беше наречен едноставно МИЗАР. Снимањето се одвиваше во љубљанското студио Тиволи, во есента 1987 година, а плочата во продажба се појави пролетта 1988. Овој албум беше избран за најдобар албум во Југославија во истата година.
#6 Во периодот до снимањето на својот прв албум, Мизар водеше главна улога во супкултурното движење во Македонија. Со мултимедијалниот проект Македонска стрељба ги обедини повеќето креативни млади сили што сакаа да се искажат преку уметноста и нејзините форми, како театарот, филмот, сликарството, музиката… Македонска стрељба беше проект што, на некој начин, отвори нова форма на изразување не само на бившите Југословенски простори (евидентно со подоцнежната појава на словенечкиот Ное Словенише Кунст), туку и во Европа. Проектот заврши со забрани и уцени на учесниците од страна на силите за внатрешна безбедност на Југославија. Повеќето личности кои беа вклучени во проектот, денес се видни и успешни граѓани не само во Македонија туку и во странство.
Периодот од 1987 до 1989 година Мизар целосно го искористи за промоција на своите идеи на повеќе културни полиња, учествувајќи во обликување музика во повеќе театри, филмови и изложби низ земјата.
Музички целосно се посветува на културата на просторите од каде што потекнува (како што е навлегување во традицијата на културите што живеат на просторите од Македонија). Воедно почнаа подготовките за следниот албум.
Името на оваа објава, Свјат Dreams, беше поттикнато од соединување на повеќе култури низ едно музичко изразување. То особено го потврди обработката (каверверзијата) на Јуритмикс класиката Sweet Dreams во верзија на амбиентална музика или, пак, архаичен начин на пеење, кој преоѓа во црковен и завршува со еден еруптивен рок-израз симболично изразувајќи го елементот што ги поврзува сите луѓе, а тоа е музиката.
Албумот официјално беше објавен во 1991 година во предвечерието на самостојноста на Македонија, референдумот, првите избори и војната што им се закануваше на тогашните југословенски простори. Набргу потоа Мизар престана со работа. Сè до денес.
И покрај тоа што Мизар прекина со работа сепак остави неизбришливи траги и влијанија во понатамошниот развој на музичката сцена во Македонија.

звучен запис

2018-08-21T17:21:45+00:00 јануари 1st, 2003|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 30|