Интервју со Мет О’Ри

/, Звук, Блесок бр. 15/Интервју со Мет О’Ри

Интервју со Мет О’Ри

Една мелодија од Вон како да ме удри со тона тули

В.И. На која возраст започна да свириш?

#4Мет О’Ри: Некаде кога имав 9 години, се откажав по 2 недели, потоа почнав сериозно на 13 години.

В.И. Кои блуз стандарди најчесто ги исполнуваш на концерти?

Мет О’Ри: Little Wing, Voodoo Chile, Who Knows, Them Changes, 3rd Stone From The Sun од Џими Хендрикс, потоа Mary Had A Little Lamb, Leave My Girl Alone, Empty Arms од Стиви Реј Вон, Born Under A Bad Sign, Crosscut Saw (Алберт Кинг), Thrill Is Gone, Please Love Me, Baby Get Lost, Everyday I Have The Blues (Б.Б. Кинг), но ова е само еден дел од тие…

В.И. Кога откри дека блузот е твоето средство на изразување?

Мет О’Ри: Еднаш, кога имав 15 години учев една мелодија од Стиви Реј Вон и наеднаш како да бев удрен со една тона тули, тешко е да се објасни, но едноставно се вклопи. Другите стилови што ги вежбав ми се чинеа некако исфорсирани, додека блузот ми изгледаше како природно течение.

В.И. Што те „натера“ во блузот, којшто сепак не е толку профитабилен, за разлика од други, покомерцијални стилови кои моментално доминираат на сцената?

Мет О’Ри: Како што реков, блузот се вклопи во мојата душа. Не го одбрав како желба за кариера, бизнис аспектот воопшто не ме интересираше, сè
што знам е дека ми „лежи“ и јас го живеам. Може да се каже дека блузот ме одбра мене. Талентот секогаш израснува на крајот, без оглед во кој жанр сте.

В.И. Кои гитари ги преферираш, колку ги имаш и која е твоја основна опрема за концерти и во студиото?

Мет О’Ри: Користам Fender Stratocaster гитари за електричен и Martin за акустичен блуз. Главно користам Stratocaster од 1961 и Martin D-18 од 1963. Моментално имам 13-14 гитари, разни електрични, едно купче „Стратови“, неколку акустични вклучувајќи и една 12-жична класична и „lap steel“ гитара. Моја концертна и студиска опрема изгледа вака: гитарата оди преку ножни педали (рачно ги изработив од отпадоците!) кои содржат Vox Wah (1967), Univibe (1969), Dallas Arbiter Fuzz Face, Tycobrahe Octavia (1970), TS Tubescreamer. Сигналот потоа се раздвојува на 3 дела, едниот оди во Blackface Fender Super Reverb (1966), вториот во Super Marshall (1969) а третиот во Leslie Organ Speaker Cabinet (направен некаде во шеесеттите години). Понекогаш одам низ Echoplex Tape Echo Machine за да биде позабавно!

В.И. Кога започна како музичар, кои беа твои главни блуз и други влијанија?

Мет О’Ри: Џими Хендрикс, Алберт Кинг, Б.Б. Кинг, Ерик Клептон и Стиви Реј Вон.

В.И. Која е твојата „музичка позадина“? Некоја семејна традиција?

Мет О’Ри: Сите во фамилијата во некој период свиреа гитара, што беше секако клучно влијание, можеш да си замислиш! Кога имаш постари браќа, секогаш помага бидејќи тие се тие коишто носат плочи дома и ти ги прават достапни.

В.И. Што сметаш дека е твоето најголемо достигнување во досегашниот тек од кариерата?

Мет О’Ри: Би рекол, мојот најнов проект на којшто сега работам. Тука е вклучена мојата најдобра свирка досега и не би можел да бидам посреќен во моментов!

#5В.И. Зад тебе се настапи со познати блуз музичари, можеш ли да спомнеш некои, како и нешто за искуството околу тоа?

Мет О’Ри: Една вечер свиревме и имавме проблеми со техниката, кога се појави мојот пријател, инаку промотер, заедно со Buddy Miles! Бев стаписан. Го поканив да ни се придружи и да речеме, го урнавме кровот! Беше навистина неопишливо да се свири „Them Changes“ со човекот којшто свиреше заедно со Џими Хендрикс.
Журката кај Les Paul беше исто така вистинско доживување. Свирев со неговиот бенд, се запознав и свирев со Arlen Roth, Jeff Beck, Al Di Meola и Billy Squire. Беше нешто посебно да се ракувам со Les paul, човекот што ја ре-дефинираше електричната гитара!

В.И. Во свирката на твојот бенд се чувствува звукот што слушателите го поврзуваат со Стиви Реј Вон, можеш да кажеш нешто за тоа?

Мет О’Ри: Тој беше големо влијание за мене, што се однесува до техника на свирење, звукот и опремата. Тој навистина беше еден од ретките живи великани кога растев.

В.И. Дали областа од која потекнуваш е погодна за блуз, има ли клубови, бендови и публика која го поддржува?

Мет О’Ри: Таму каде што сум, секогаш среќавам љубители на блузот, тоа е дефинитивно универзален правец. Има клубови, но недоволно. Многу клубови се прилагодуваат кон блузот, поврзувајќи го со рокот како попогоден жанр за печалба, но во целина гледано состојбата е неповолна. Јас се обидувам да се пробијам низ тие рамки во последно време. Има извесен број блуз бендови, но тие едноставно го немаат чувството за блузот.

В.И. Кои плочи ги слушаш во слободно време?

Мет О’Ри: Често ги слушам: Axis Bold as Love – Jimi Hendrix, How Blue Can You Get? – B.B.King, Ah Via Musicom – Eric Johnson, Blue Train – John Coltrane, Bridge Of Sighs – Robin Trower.

В.И. Освен сопствени композиции, како одбираш кои туѓи работи ќе ги свириш на концерти?

Мет О’Ри: Обично треба да е нешто што ќе го фати моето уво, нешто што е забавно да се свири во моментот или некаков предизвик да се отсвири. Како и да е, обично е нешто што ќе ми се допадне, така што потоа и другите во бендот ги убедувам да го свириме токму тоа.

В.И. Твој коментар за моменталните состојби на блуз сцената?

Мет О’Ри: Таа постојано расте, но веројатно никогаш нема да стане „mainstream“. Тоа можеби е добро од причина што големиот бизнис наметнува определени правила, кои по десетина години влијаат музичкиот правец да замре. Нас сепак, нè има доволно така што блузот никогаш нема да умре.

В.И. Што мислиш за феноменот на појавата на тинејџерски блуз ѕвезди за коишто „mainstream“ публиката смета дека се блузери?

Мет О’Ри: Среќен сум што постигнуваат успех толку рано, но во исто време, блузот е суштина на живеење, искуство што треба да го осознаеш и потоа да свириш и да пееш за него. Тоа ми е малку тешко да го сварам кога доаѓа од некое младо момче, зарем не мислиш така?

В.И. Планови за настапи во Европа? Можеби и во Македонија?

Мет О’Ри: Се надевам.Моментално сме во преговори со една голема компанија и со малку среќа наскоро ќе се промовираме низ сиот свет!

Matt O’Ree and the Blues Hounds: “88 Miles” (извадоци)

2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 15|