Интервју со Мајкл Хил

/, Звук, Блесок бр. 25/Интервју со Мајкл Хил

Интервју со Мајкл Хил

Доколку го сакате она што го правите, ќе преживеете!

#2

Повеќето музички критичари кои редовно ги следат настаните на светската блуз сцена, како и љубителите на овој музички жанр, се согласуваат во едно: Мајкл Хил е еден од неколкуте „одбрани“ кои ќе го однесат блузот во новиот Милениум. Со секој свој проект, секој настап, Мајкл Хил го потврдува искажаното. Едноставно, тој поставува нови стандарди кога станува збор за блузот. Во тоа, всушност, се уверија и љубителите на блузот во Македонија, кога пред две години тој одржа концерт во рамките на скопскиот блуз и соул фестивал. Неговиот настап сè уште се прераскажува, а не треба да се заборави дека во Скопје настапија и имиња од рангот на Б.Б.Кинг, Реј Чарлс, Лаки Питерсон и други!
Во ексклузивен разговор за „Блесок“, Мајкл Хил зборува за својот музички пат, своите планови и желби.

ВИ: Кажи ми нешто за твоите активности во последно време.
Мајкл Хил:
Во моментот јас и мојот состав сме концентрирани околу издавањето на нашиот најнов албум „Поголем од животот“ кој е издаден за француската дискографска куќа „Диксифрог“. По трите успешни албуми за фирмата „Алигатор“ сметав дека е време да направиме промена во концепцискиот и во продуцентскиот пристап со што нашиот звук уште повеќе ќе се доближи кон она што како бенд се стремиме, а тоа е идејата за блузот како универзална категорија. Во таа смисла албумот го сметам како наше најдобро остварување и во моментот сме зафатени со неговата концертна промоција во Европа. Штотуку настапивме на фестивалот во Рава, Полска, а следуваат и фестивали во Англија, Франција, Холандија, Германија и Белгија. Потоа свириме низ САД и веројатно некои земји во Јужна Америка. Како што гледаш, во моментот има доста работа за нас!

ВИ:
Кога спомна работа, може ли да се живее од блузот?
Мајкл Хил:
Може, доколку се викате Б.Б.Кинг или Бади Гај, ха ха ха! За останатите е потешко, но доколку сте настојчиви и го сакате она што го правите, ќе преживеете!

ВИ:
По многубројните настапи низ светот, секако си квалификуван да кажеш има ли разлика помеѓу публиката, да речеме во САД и Европа?
Мајкл Хил:
Публиката во принцип е воглавно иста, бидејќи тука се работи за срцето и чувствата, желбата на луѓето да се забавуваат и да почувствуваат некоја од нашите пораки. Навистина нема разлика во тоа како реагира публиката каде што настапуваме; според мене, луѓето повеќе ги врзуваат сличности отколку разлики. Јас особено се чувствувам добро кога публиката пред мене е задоволна од она што го правам, а тогаш воопшто не ми е битно дали сум во некој мал клуб или на голем стадион: едноставно се воспоставува некаков обостран флуид кој создава взаемни вибрации на заедништво и тоа е она што ме исполнува, за што вреди сета енергија што ја вложувам во оваа работа. Тој „филинг“ помеѓу публиката и изведувачот е битна компонента на блузот, мораш да допреш во срцата на луѓето и тогаш твојата мисија може да се нарече успешна.

ВИ:
Некои сметаат дека само црните Американци можат и знаат да свират блуз?
Мајкл Хил:
Што се однесува да мене, тука постојат различни аспекти околу оваа работа. Факт е дека блузот призлегува од афро-американското искуство создадено од црнечката популација во САД, а она што е најбитно е неговата убавина, можност да го изразува универзалното човечко чувство во кое секој може да се најде и да се изрази на свој начин. Јас мислам дека секој може да свири свој блуз, доколку тој извира од срцето.

ВИ:
Твојот блуз, се чини, е подложен на повеќе влијанија?
Мајкл Хил:
Да, за мене блузот е музички стил, но и темел на афро-американската култура. Моите родители потекнуваат од југот на САД и во детството ми раскажувале приказни од нивниот живот, за нивните претци, обичаи и културата. За мене, блузот е и литературата, кога ги читам книгите на Томи Морисон, Џејмс Болдвин и други, во нив има блуз… ЗначИ, во литературата и поезијата, како и во секојдневниот живот, блузот е експресија на она што го живееме и чувствуваме. Конечно, блузот како музика е основа од која произлезе сета друга, денес општо прифатена музика: џез, рокенрол, ритам и блуз, соул, потоа тука имате реге, во различни места различна музика која произлезе од афро-американската традиција. За мене сите овие правци се поврзани и кога создавам мој блуз, сите ритмови и вкусови од различни музики го наоѓаат патот кон моите ноти.

ВИ:
Јас сметам дека твојот блуз делува мошне оригинално.
Мајкл Хил:
Благодарам многу! Тоа е мошне важно за мене, бидејќи настојувам мојата музика да има одредена дистинкција. Кога сте родени во Њу Јорк и сакате да свирите блуз, не можете да започнете со блузот од Делтата на Мисисипи или нешто слично. Прво ја апсорбирате музиката што ве опкружува; во седумдесетите за мене особено витални беа составите како „Ерт Винд Енд Фајер“, „Вор“, „Ајсли Брадерс“ и „Мандрил“. Покрај нив, пораснав на музиката на Џими Хендрикс, Боб Марли, Марвин Геј, Кертис Мејфилд и други соул легенди. Исто така ја акумулирав и суштината на рокенролот, така што гледате, јас не сум баш типичен блузер! Голема возбуда наоѓам и во звукот на „Лед Цепелин“ и често за своја душа свириме некои нивни работи, а според реакцијата на публиката, тоа добро го правиме! Исто така, се дружев со истомисленици како Вернон Рид и други импресивни личности од музиката, литературата и поезијата, така што се сметам за еден од оние кои креативно придонесоа за прогресивниот развој не само на блузот како музички жанр. Конечно, како уметник, доколку музиката извира од вашето срце, таа е мошне дистинктивна бидејќи е само ваша.

#1 ВИ:
Кои се твои блуз фаворити, некогаш и сега?
Мајкл Хил:
Мојот фаворит на сите времиња е Хаулин Вулф, тој навистина е нешто посебно. Се разбира и Б.Б.Кинг беше мошне влијателен за мене како и за другите. Од она што моментално се случува на сцената, мене лично многу ми се допаѓа Кори Херис, тој навистина е чудесен. Потоа, зајдеко… Си Џеј Шенир е одличен, неодамна се сретнавме во Германија и ми раскажа како одлично помина во Скопје и многу убави работи за Македонија, всушност тоа можеше и да се очекува кога се работи за вашиот блуз фестивал! Има уште доста музичари чија работа мошне ја ценам, пред сè Џо Луис Вокер, тој е посебен! Имам и пријател во Њујорк, Бил Пери, кој е одличен музичар и навистина треба да го чуете, да не зборувам и за мојата пријателка Шимика Коупленд! Има многу одлични музичари чија работа многу ја ценам.

ВИ:
Значи, перспективата на блузот ќе биде розова?
Мајкл Хил:
Лично сметам дека ќе биде така. Има многу млади музичари кои внесуваат нешто ново, но истовремено почитувајќи ја традицијата. Со „свежа крв“ блузот ќе опстане! Неодамна се појавивме на насловната страница на „Блуз Ривју“ во кој имаше статии и за Кори Херис, Алвин Јангблад Харт, што значи дека бевме во одлично друштво!

ВИ:
Досега си имал можност да настапуваш со редица познати имиња, имаш ли некои особено драги спомени?
Секако! Соработував и свирев со многу познати имиња на мое големо задоволство. Особено паметам кога по повод еден голем фестивал имав можност со мојот состав да ги придружувам Б.Б.Кинг и Бади Гај! Такви моменти се паметат!

ВИ:
Кога ќе се видиме повторно во Македонија?
Мајкл Хил:
Се надевам дека тоа ќе биде брзо! Сè уште го паметам настапот во Куршумли ан, штета само што немавме можност да останеме подолго во Скопје. Верувам дека во наредната прилика ќе имам можност повеќе да се запознам со вашиот град и луѓето, не само со љубителите на музиката.

ВИ:
Каква би била твојата порака до љубителите на блузот во Македонија?
Мајкл Хил:
Обидете се да се сакате меѓусебно и да ја сочувате довербата.

звучни записи

2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 25|