Интервју со Коен Волтерс

/, Звук, Блесок бр. 43/Интервју со Коен Волтерс

Интервју со Коен Волтерс

#1Твојот настап во Скопје ти е веројатно прва свирка во овој дел од Европа; кои се твоите импресии?
– Да, ова е првпат да настапуваме во овој дел од Европа и се надевам прв од низата конерти што претстојат во иднина. Бев воодушевен од организацијата и колку луѓето беа пријателски настроени. Публиката беше одлична и имавме можност да се запознаеме со многу луѓе. Слушнавме неколку локални бендови, добив неколку ЦД-а и морам да кажам дека нивото на музицирање е мошне високо.

Нешто за твоите почетоци во музиката, што беше причина да почнеш да се занимаваш со неа?
– Не почнав да свирам гитара сè додека на наполнив 18 години, но секогаш бев заинтригиран од бас гитарите. Пред да почнам да свирам, сакав да научам да свирам лут (lute), да правам бас гитари, па така купив евтин бас со намера да го расклопам. Отсвирив неколку ноти и бев „закачен“. Сепак, не ми се допаднаа дебелите жици на басот, па така се обидов со гитара и никогаш потоа не се свртив назад.

Имаше ли некоја музичка традиција во твоето семејство?
– Не, воопшто. Моите родители не свиреа никави инструменти и музиката никогаш немаше некоја важност во нашата куќа.

Твоите рани влијанија беа…?
– Кога почнав да свирам, највеќе го слушав Еди Ван Хален. Сè уште ми се допаѓа тој звук, но денес не би го сметал како влијание на моето свирење. Можеби е подобро да спомнам кои беа мои влијанија кога почнав да свирам блуз пред десетина години: Алберт Кинг, Алберт Колинс, Џими Хендрикс и, се разбира, Стиви Реј Вон.

Сепак, кого го сметаш за најголема инспирација досега?
– Морам да изберам помеѓу Крис Дуарте и Џими Хендрикс… би рекол Крис Дуарте, но Џими е секогаш тука.

Има ли некој со кого би сакал да работиш?
– Секако Џон Мејл! Јас сум голем негов голем фан и речиси би дал една нога за да свирам со него!

Која е твоја неисполнета амбиција?
– Да свирам со Џон Мејл, ха, ха, ха! Има доста работи што сакам да ги направам, но главниот фокус ќе биде свирење моја музика пред многу луѓе.

Која е првата плоча што си ја купил?
– Не можам да се сетам, но сигурен сум дека купив многу ѓубре во тоа време…

Која е последната плоча што си ја купил?
– “Fitchburg Street” од Дојл Брамхал.

#25 албуми за пуст остров би биле…?
“Texas Sugar/Strat Magic” на Крис Дуарте,
“Electric Ladyland” на Џими Хендрикс
”The Quintessential Vol. II” на Били Холидеј,
“Spinning Coin” на Џон Мејл
“24 Hours” на Ерик Клептон

Покрај сопствен материjал, што на концерти свирите од други автори?
– Свириме песни како “Going Down”, Oh Well”, “Big Legged Woman”, “Hideaway”. Обично и нешто од Хендрикс на бис.

Какво е твоето мислење за современата блуз сцена?
– Тоа е можеби најлојална сцена која постои. Музиката доаѓа и заминува, но блузот и неговите љубители секогаш ќе ги има. Блузот никогаш не умира…

Каква е состојбата во Холандија, каде што блузот има долга традиција?
– Ситуацијата секако не е иста како пред 30 години. Сè уште има многу бендови кои свират блуз, но со многуте американски блузери кои доаѓаат во Европа, станува тешко за домашните бендови да настапуваат на големите фестивали во Холандија. Очигледно, за нашите промотери, тревата е секогаш позелена од другата страна. Последните економски превирања придонесуваат потешко да се доаѓа и до свирка во клубови. Ние се фокусираме на настапи во Европа, особено во Германија, така што не настапуваме многу во Холандија.

#3Во текот на твојата кариера си имал можност да настапуваш со големи имиња; имаш ли некое интересно искуство?
– На сцената „големо име“ не важи. Кога свириш, ти си музичар како и сите други. Со некои од тие луѓе создадов пријателства и слушнав одлични приказни. Веројатно е тоа „кул“ работа во врска со нив… тие знаат толку многу приказни.

Нешто за твоите идни планови?
– Моментално работиме на новиот албум, возбуден сум поради тоа. Треба да излезе во првата половина на 2006. Исто така, сакам да направам концертен ДВД, а голема желба ми е да снимам комплетен блуз албум, само кавер верзии на мои омилени блузови од други автори. Покрај ова, би сакал да настапувам во многу земји каде што сè уште не сме биле.

Кој факт во врска со тебе, би ги изненадил твоите фанови?
– Јас правам сопствени гитари и засилувачи! Имам еден фабрички Фендер Стратокастер и фабрички засилувач, но ја претпочитам опремата што сам ја правам…

звучни записи

Посетете го сајтот на Коен Волтерс: http://www.coenwolters.com

2018-08-21T17:21:32+00:00 јули 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 43|