Интервју со Златко Ориѓански

/, Звук, Блесок бр. 22/Интервју со Златко Ориѓански

Интервју со Златко Ориѓански

„Човек мора да внимава на духовната хигиена“

#1 Во безмалку две децении наназад Златко Ориѓански со својата авторска пројава многупати ја брануваше јавноста. Најнапред со членовите на Лола В. Штајн објавувајќи ги албумите „Икона“ и „Мансарда“ за загрепската независна етикета Blind Dog Records не само што го вткаја традиционалниот фолклор во високостилизираната урбана амбиентална матрица, туку и го запиша поинаквиот третман на музиката од овој дел на светот – во рецензијата за првиот обелоденета во престижниот англиски музички неделник New Musical Expres беше акцентирана посебноста на објавата и нејзиниот исчекор во времето. Не многу потоа судбината го доведе до Горан Трајковски и Зоран Спасовски во веќе постоечката Анастасија и заедно, потпишувајќи ги музиката за филмот на Милчо Манчевски „Пред дождот“, „Мелургија“, „Ноктурнал“… ја вообличуваат Новата историја на современата македонска музика, нашата самосвојна звучна чувственост. Во меѓувреме, концертите на групата ги виде половина свет, а Ориѓански како музичар, автор и продуцент застана и зад „Македонски љубовни песни“ и „Ритмистика“ – изданијата што неповторливиот глас на народната певица Вања Лазарова го сторија звучна фреска за сегашноста и иднината на Македонецот. Во разговорот за БЛЕСОК тој прикажува за себе, музиката, интелектуалците, времево во кое неповторливо истекуваат нашиве единствени животи.

БЛЕСОК: Анастасија заедно со Аватон од Грција и Исихија од Бугарија неодамна стамено застана зад „Балканскиот плоштад“, проектот со кој уметниците заумно ја акцентираат упатеноста едни на други во времево на преживување и дотурање сол на раните. Има ли простор за креацијата и нејзината порака сега кога владее омразата? Може ли уметникот да се издигне над бруталното катадневие?
ОРИЃАНСКИ: Јас длабоко, со сета своја крв припаѓам на овој, мојов македонски народ. Преку него, или заедно со него, морам да ја кажам својата песна. Ако мерката е дневната политика, ако мерката се наивните анализи со вкус на лоша литература што ги среќавам по весниците, тогаш кај ни е алот. Моите херои се многу многу над сето ова. Та зарем можете да споредите еден смешен дебел политичар со еден Андриќ, Његош, Петре М. Андреевски? Но, ете, тоа е животот. Ако човек погледне наназад, не постои човечки живот кој поминал без војна, за жал. Она што е одлика на ова време, е немањето мудри глави меѓу политичарите. Непостоењето на големи, маркантни фигури, високо образувани, филозофски и поетски обликувани.
#2 Јас сум поет и моето место е дефинирано. Мојата изборна единица се наоѓа на сцена и дома, затворен во четири ѕида заедно со својата осама од каде го мерам светот, а најнапред себе си. Среќен сум што не сум гладен. Длабоко несреќен што ме понижуваат како припадник на овој народ. Но, тоа ми дава само дополнителна сила да се изразам преку она што најубаво го знам.
Интересно, но сево ова го претчувствував барем две години пред да ни се случи. Завладеа некој провинцијален дух, се измешаа работите. Ги изморија луѓето. Ги отепаа. За да се предадат, за да си играат со нив. Тоа е срамно. Заборавија оти народот заедно со Бог еден е судија, и кога тогаш ќе им се поплука в лице, откаде и да се, кому и да припаѓаат. Мислам дека чувството за припадност се гради, се храни и се негува. Многупати зборував на овие теми, ме прогласуваа за националист, припадник на некои партии и слични будалаштини. Евтини знаат да бидат луѓето, за ситна пара да се продадат.
Дали владее омразата? Не знам, јас се будам опкружен со фина кадифена љубов. Навечер излегувам да прошетам, мачно време е, но човек мора да внимава на својата духовна хигиена.

БЛЕСОК: Во која фаза од своето делување е групата Анастасија? Дефинитивно со ваш потпис излегува музика (театарските претстави), но некако како да трае предолго периодов на студијска албумска апстиненција. Работите ли на нов материјал?
ОРИЃАНСКИ: Ух, ова се прашања што ги добивам дури и кога пазарам во „Веро“. Нов албум е нова книга. Тоа бара емоционално да си на стотка. Да, веќе полека почнуваме да разменуваме идеи. Патем да не се заборави, ние тројцата имаме и некој минимален живот вон сево ова. Велам минимален затоа што речиси сето свое време го користам на музика. Во тој живот човек знае да се разболи, разведе, ожени, умре. Јас знам, дека публиката не смее ништо од тоа да знае. По чувство знам дека ќе дојдеме до тој албум со појани контури зимава. Нека слегне времето, нека застуди…

БЛЕСОК: Претпоставувам дека сосема ти е јасна глобализацијата на современата музика, но колку притоа останува простор за оригиналноста? Како Златко Ориѓански, како Анастасија, ја поимаат македонската музика во столетиево што претстои?
ОРИЃАНСКИ: Јасни ми се тие процеси. Светов е изврзан, но ништо што е насила не излегло убаво. Можеме разни термини да користиме, но во сите тие системи на живеење има некоја друга логика, некои други закони, многу поголеми, многу повисоки. Мислам дека светската музика ќе ја менуваат, надополнуваат само луѓе, големи индивидуи. Тоа отсекогаш било така. Ситни борании секогаш матат вода, ама за кратко. Ќе се појави голем бран и ќе ги удави.
Мислам дека македонската музика влегува во некаква втора фаза. Првата, благодарение на Леб и Сол, Мизар, Архангел и Анастасија е завршена. Има некои мативоди кои се плеткаат во ова фино и големо друштво, се туркаат со лакти за и тие да бидат дел од оваа златна екипа, ама не си преоблекуваат чорапи, па затоа не ги примаат. Мислат ќе натакнат гајда околу врат, опинците под мишка и… Ова големо друштво кое игра во главниот филм, тоа се луѓе кои ја знаат крвта на она што е rock’n’roll како начин на живот, како мислење, како спротивставување, како бол, како среќа, луда среќа. Во таа смисла и зборував дека се измешаа работите.
Оваа земја, овој град станаа сиво место. Валкани улици, осамени, очајни луѓе, глупави соц-реалистични идеи. Лоша облека, лоша храна, лоша мисла, репетирај пиштол. Градски фраери, како Ристо Вртев, како Горан Трајковски, како Горазд Чаповски, мораат да се кријат во своите дупки за да не се инфицираат од сево лудило околу нас. Кому служите македонски интелектуалци – се прашувам гласно? Кому? На фондациите што ви даваат по 500 долари за да чистите кондури?
Браво Ристо, Браво Горан, алал да ти е Горазд.
Ма има уште сила во нас ретки рајски птици.
Ете, во таа насока ќе се движи музиката на Анастасија. Многу македонска и длабоко урбана.

БЛЕСОК: Кога денес ги слушаш „Икона“ и „Мансарда“ помислуваш ли дека заради тогашните прилики тие и не ја добија вистинската шанса. Со искуството што со време го стекна, помислуваш ли дека требаше поинаку да исчекориш?
ОРИЃАНСКИ: Ма ништо од тоа не помислувам. На тоа помислуваат само некои злобници кои сакаат да ја расчеречат Анастасија. За жал, ќе мора да попричекаат. Тие мои два соло албума се мој влез во музиката, пред да ги сретнам Горан и Зоран. Сега е друго време, и сè е така како што сакав да биде. Фала ти господи.

БЛЕСОК: Со целиот авторски кредибилитет застана зад нашата народна певица Вања Лазарова и заедно потпишавте изданија кои не само што ја величаат македонската изворна традиција, туку и покажуваат колку далеку може да се плови, а да се остане цврсто на родната почва? Каква е таа чудна алхемија меѓу уметниците од две генерации и до каде може да оди нејзиното распостилање?
ОРИЃАНСКИ: Нема години во оваа работа. И Би Би Кинг свири со U2, па ништо. Рај Кудер со Буена Виста. Тоа мене ме релаксира. Сакам да си играм разни игри, ме разбираш?

БЛЕСОК: Проектите во кои си вклучен, соработката со Вања Лазарова, музиката за рекламни пораки… велат дека можеби ти станаа „претесни“ рамките на Анастасија. Ќе имаш ли енергија да се носиш веќе со сериозните ангажмани на неколкуте страни? Има ли нешто што како авторски немир го таиш во себе и што сакаш да го споделиш со публиката?
ОРИЃАНСКИ: А кој тоа така вели? Дали имам немир? Имам мир само кога работам, друго е сè немир. Јас сум сензибилен човек, а тоа скапо чини, меѓу скапани и рационални будали. Имам енергија како да сум потполно на почеток. Имам љубов да преместам планини. Се разбира, има злобници кои мерат дали имам дента големи подочници. Аха, сигурно не сум спиел, сега е време да се гаѓа право в’срце. Моето срце во друго срце спие будали. Затоа не можете да го погодите. Се случува некое евтино новинарче да гаѓа, а не знае дека никој не знае, и никој не ја насетува тајната во срцето поетско.

БЛЕСОК: Главниот збор во современава македонска музика сега ѝ припаѓа, условно, на твојата генерација. Има ли желба и време Ориѓански да ја чуе музиката на генерациите што доаѓаат, и размислува ли да се заложи за нему сознаените возбудливи идеи што ги насетил?
ОРИЃАНСКИ: Слушам секаква музика, од Radiohead до Бетовен. Нема брат помош во оваа работа. Или срцето пее или не. Во пубертет, во младост, сите квичат и скришум пишуваат божем поезија излезена од болка во абдоменот. После, се женат, мажат, работат на царина, во амбуланта. Меѓу трошки ѓеврек продолжуваат да чкрткаат глупости, на зајдисонце, ехеј, некаде на Пелистер, гледајќи вишно небо мислат оти ете, толку се блиску, на дофат. Арно ама. Арно ама – срцето мало. Помош нема. Сурово е кога светот го чувствуваш стотка на саат, ама кој како е направен, така ќе си го носи крстот. Лек нема.

БЛЕСОК: И, конечно, во времево кога пред очите ни „испарува“ Македонија можат ли интелектуалците, уметниците да бидат уште погласни против разнебитувањето на државава? Остана ли простор да се чуе нивниот крик?
ОРИЃАНСКИ: Има една огромна разлика меѓу интелектуалците и вистинските уметници. Овие првиве се за на плажа. Да се сончаат и да пијат жолто сокче. Тие прават здруженија, форуми, клечат во фондации, објавуваат плитки часописи, се обидуваат Божјата тајна да ја разголат и откријат, читаат како луди и помнат уште повеќе. Сè сакаат да запаметат – една цела библиотека. После нè дават со некакви глупи колумни, со еден бескрајно лош македонски јазик. Тие прават анализи и за економија и за политика, за воени прашања, а особено за култура. Тоа не боли. Таму мавај. Седат пред телевизор, пак со жолти сокчиња, влачат волна од овде до Битола. Критика за ова, став за она. А, ако можеш, зошто ти не седнеш да направиш? Јас прашувам. Кога ќе станам претседател на Македонија (чувај боже никогаш не би сакал), прво што ќе направам, ќе го укинам Министерството за култура, па натака. Накрај ќе фатам планина. Ќе добијам амнестија, а јас ќе барам, по казна што ме бркаа да ми купат леѓен да ладам нозе.
Еј луѓе, разбудете се. Во голема беља сме влезени. Ова е лавиринт, но јас нема да ви се предадам, држете вие и натаму полуписмени говори, крадете ги овие добри луѓе што гнијат по фабрики кои им ги искрадовте, возете брзо најбрзо, но моите мисли се побрзи и поитри од вас.
Под мишка ќе ги ставам и The Beatles, и Radiohead, и Блаже Конески и Боб Дилан, и така ќе експлодирам. Ама вам, вам нема жив да ви се предадам.

звучни записи

2018-08-21T17:21:55+00:00 октомври 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 22|