Интервју со Девон Алман

/, Звук, Блесок бр. 43/Интервју со Девон Алман

Интервју со Девон Алман

#1Настапот во Скопје е веројатно прв во овој дел од Европа: кои се твоите импресии?
– Иако овде бевме само дванаесет саати, се уверив дека луѓето се пријатни и со задоволство ја прифаќаат музиката… Тоа навистина е нешто што може да се посакува.

Нешто во врска со твоите музички почетоци, што те навлече на музика?
– Мајка ми ги слушаше „Битлси“ кога бев дете. Кога наполнив 5 години, побарав да ми купат грамофон; едноставно „се закачив“. На тринаесетгодишна возраст решив дека е време да научам да свирам гитара и да создавам своја музика. Таа ја надополнува мојата душа, не можам тоа да го објаснам, тоа е во мене.

#2Да бидеш син на познат татко, дали го чувствуваш тоа како голем товар?
– Тоа не ми пречи воопшто. Не дозволувам тој товар да влијае врз мене, тоа им го оставам на другите луѓе. Единствениот притисок што си го дозволувам е во смисла да бидам што подобар вокалист, гитарист, автор и изведувач, да ја отворам душата, споделувајќи ја со други и да правам квалитетна музика.

Дали сметаш дека тој факт ти помага полесно да ги отвориш сите врати?
– Можеби во некои моменти да предизвика интерес кај луѓето да видат што може да направи следната генерација, но факт е дека вратите се отвораат за оние што работат напорно и го знаат својот потенцијал, без оглед дали станува збор за деца на рок ѕвезди.

#3Дали татко ти ти помага во кариерата на кој било начин?
– Кога имав околу 18-19 години татко ми ми овозможи, односно плати, студиско време што беше многу добро и што би го направил секој татко кој верува во способностите и талентот на својот син. Одев со него на турнеите, за да бидеме што повеќе време заедно; тоа се некои од најдобрите моменти од мојот живот.

Како би ја дефинирал музиката на твојот бенд „Ханитрајб“?
– Би рекол дека ние сме рок, блуз, соул бенд кој се потпира врз чувство. Имаме атрибути на „џем“ бенд кои опфаќаат динамика на класичната блуз школа и пријатни вибрации на современиот звук.

#4Твоите први влијанија беа…
– „Битлси“, Хендрикс, „Флитвуд Мек“, „Кјур“, „Ролинг Стоунс“, „Пинк Флојд“, Б.Б. Кинг…

Кој извршил најголемо влијание врз тебе досега?
– Тешко е да се каже, бидејќи сакам многу изведувачи и различни стилови, но сепак би го издвоил Линдзи Бакингем како мојот голем херој.

Постои ли некој со кого би сакал да работиш?
– Со оглед на тоа што сум и продуцент, би сакал да работам со татко ми, би „припаднал“ на можноста да работам со Линдзи Бакингем било како. Тука би ја споманл и Алиша Киз.

Имаш ли некоја неисполнета амбиција?
– Актерство, се занимавав со него низ школските представи и мјузикли. Можеби ќе се бавам со него, многу години по музиката.

#5Која е првата плоча што си ја купил?
– „Најголемите хитови на Вингс“

Која е последната плоча што си ја купил?
– „Икс и Ипсилон“ на „Колдплеј“.

Кои 5 албуми би ги земал со тебе на пуст остров?
– Тешко прашање! 1. Кјур (Kiss Me, Kiss Me), 2. Ролинг Стоунс (Sticky Fingers), 3. Флитвуд Мек (Greatest Hits), 4. Реј Чарлс (Greatest Hits), 5. Грег Алман (Laid Back).

Покрај сопствениот материјал, на сцена веројатно изведувате и туѓи композиции?
– Да, стари класици како ”Checkin’ On My Baby” на Џуниор Велс, “Bell Bottom Blues” на “Дерек и Доминос”… главно наши композиции, но убаво е да се оживеат некои сјајни композиции од минатото.

Што велиш за состојбите на современата блуз сцена?
– Моето мислење е дека таа е во фаза на транзиција со постарата генерација (Б.Б. Кинг, Бади Гај) која полека старее. Поновиот блуз материјал, изгледа, бара време да созрее, така што луѓето што го свираат треба да набијат „километража“, да имаат повеќе душа во прстите и грлата. Во секој случај, би било одлично кога луѓето повеќе би создавале во овој жанр и би го одржале блузот жив и здрав!

#6Имаше можност да настапуваш со големи имиња, има ли неке особено интересно искуство со некој од нив?
– Ох, имаше прекрасни искуства! Секогаш кога отвораш некоја свирка и следниот бенд по тебе е твој идол, тоа е навистина феноменално! Имаше многу такви досега.

Нешто за твои идни планови?
– Моментално работам на материјалот за новиот албум на „Ханитрајб“ кој ќе го продуцирам и снимам наесен во Мемфис, Тенеси. Потоа одиме на турнеја, закажана е нова турнеја низ Европа. Исто така, закажани се неколку нови свирки со “Варгас Блуз Бенд” на кои ќе снимаме концертно ДВД, што ќе биде фантастично. За повеќе детали проверете ги нашите сајтови. (www.honeytribe.com, www.vargasblues.com)

Кој факт во врска со тебе би ги изненадил твоите фанови?
– Моја најомилена работа на светот е гледањето детски ТВ емисии и филмови со мојот петгодишен син, Орион Грегори Алман и жена ми Сузи. Седиме пред екранот, јадеме бомбони, пуканки и „кулираме“! Неизмерно сум cреќен што го гледам како полека станува млад човек и што имам прекрасно семејство. Тоа ме држи цврсто на земја во мојот цигански рокенрол живот.

музиката на Девон Алман е достапна на неговиот веб сајт (www.honeytribe.com)

2018-08-21T17:21:32+00:00 јули 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 43|