ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

/, Блесок бр. 119/ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

Сакам кога сум во несигурни длабоки води


Сакам кога сум во несигурни, длабоки води!

Авторот во својата суета сака да го чуе делото, да му го изведат во некоја сала…Јас барем така правам – се случува да се сокријам во некој темен ќош како да ме нема и да ги видам реакциите на луѓето. Бидејќи ако ме видат, веднаш до израз доаѓа лицемерието – или скришум викаат дека тоа не чини, или ќе ти речат „браво“, а не мислат така или само ќе се смеат. Добро е ако не знаат дека ги гледаш за да ја видиш вистинската реакција. И кога ќе видам дека има насмеани луѓе, дека им е убаво, дека барем пет минути по излегувањето од салата сите молчат значи дека си успеал да ги однесеш во твојот свет – вели Кокан Димушевски, композиторот кој неодамна ја доби наградата „Панче Пешев“, највисокото професионално признание што го доделува Сојузот на композиторите на Македонија.

Кокан Димушевски е композитор и автор на современа музика чие творештво може да биде распослано на дузина страници. Она што посебно го карактеризира е неговиот постојан творечки немир. Првиот албум го снимил на 17-годишна возраст како клавијатурист, композитор и аранжер на денес култните ЛЕБ И СОЛ. Со нив бил добитник на наградата „7 секретари на СКОЈ“, бендот во 1978 година ја добива наградата „Најдобра група“ што тогаш ја доделуваше влијателниот музички магазин „Џубокс“, а исклучително успешно беше дочекана и музиката што момците ја направија за претставата „Ослободувањето на Скопје“ во режија на Љубиша Ристиќ, што на Димушевски подоцна ќе му отвори нови творечки простори. Тој, наспроти ангажманот како пијанист во Биг бендот на МРТВ, во еден период ќе биде исклучиво посветен на театарска музика и својот ангажман на тоа поле ќе го круниса со две значајни признанија – наградите на фестивалите „Стеријно позорје“ во Белград и на „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Љубопитноста кон новите медиуми ќе го фрли и во прегратки на електронската музика, па така во 1977 година, во студијата на националната куќа ќе ја сними својата прва електронска композиција со која ќе освои награда на Деновите на југословенските радио-станици, а успехот ќе го повтори 13 години подоцна кога по сценарио на Душко Димитровски и Марко Коловски ја создава радиофонската композиција „Силјан Штркот“.

Истражувачкиот дух го води кон тоа неговиот творечки опус да биде исклучително богат и разновиден, пишува и џез композиции за големи и мали состави, камерни дела, дела за симфониски оркестар, во 1997 го потпишува албумот „Окто ехос“ каде се бави со староцрковното и македонското песнопојание при што старите напеви ги пропушта низ електронски инструменти добивајќи целосно нов и интегриран звук и поинаква звучна експресија, за својот ангажман на полето на радиофонското обликување е добитник на значајни признанија меѓу кои и оние од влијателните Би-Би-Си и Радио Франција…

Во последниве години твори за „класични оркестарски формации“ при што верен придружник му е електронската музика, зад себе има 40 објави и неодамна ја доби наградата „Панче Пешев“, највисокото професионално признание што го доделува Сојузот на композиторите на Македонија.

АвторЉупчо Јолевски
ФотографијаТатјана Ранташа
2018-09-20T12:42:19+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Звук, Блесок бр. 119|Tags: |