ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ

/, Звук, Блесок бр. 117/ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ

ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ

ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ


СЕЦКО (МУГЕР ФУГЕР):
Готра е за мене одличен пример за човек и за музичар.
Како луѓе, како музичари… ние совршено функционираме кога ќе седнеме да работиме. Независно што и тој и јас сме по малку различни по некои ставови. Секогаш кога ќе му дадам песна да ја работи добивам нешто поинакво од она што веројатно сум го мислел… Дури на моменти станувам сомничав, па затоа ми треба петто – шесто слушање на снимката за да сфатам дека сме направиле ептем добра песна. Тоа се случи и со „Ново Лисиче“ и со „Будење на пролетта“… Со сите песни што заеднички сме ги стокмиле. И веќе сум навикнат кога ќе добијам лента од него на прва топка да не ја сфатам, туку дека тоа ќе се случи малку покасно.

Не сум оптерен со тоа што било во минатото, дали успеало или дали ова што ќе го правам ќе успее. Туку оставам другите да го оценуваат. И веројатно од таму успехот. Затоа што ова што излегува од нас е искрено. Токму тој дел од нашиот ангажман, па ако сакате и кредитот од минатото и на обајцата ни отвора простор за во иднина.
Оваа соработка се надевам ќе трае додека не има. Јас сум тука на Готра да му се најдам до крајот на животот. И како човек и како музичар.

МИТЕ ДИМОВСКИ (продуцент, ТЕМПЕРА, МИТАН):
Моето познанство со Горан датира уште од 1980-те години. Се сретнавме и бевме припадници на таа генерација која твореше во тој период. Тој беше прво во САРАЦЕНИ, па во ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА, јас во ЦИЛИНДЕР… Нашите патишта се вкрстија поинтензивно некаде во 1995 година кога за првпат соработувавме заедно на снимањето на албумот „Ноктурнал“ на АНАСТАСИЈА… Јас бев снимател и тон мајстор. Бевме во комшии… Речиси едно до друго беа нивната просторија за вежбање и моето студио. Тогаш почнавме поинтензивно да се дружиме. Оттогаш не престанавме да соработуваме на сите идни проекти. Сето она што тој го работеше го работевме заедно кај мене во „Тра-ла-ла“.

Тоа се безброј проекти. Дали се некои негови авторски филмски или театарски музики или негови изданија, соло албум… сеедно. Затоа мене постојано ми е возбудливо и особен предизвик кога работам со Горан како автор. Тој секогаш нуди нешто ново, поразлично од сите други… Плодотворна ни е соработката. Питома е атмосферата. Лично мене ми е многу инспиративно да работам со него.
Годинава заокруживме два негови албума, две негови авторски дела, „На светот убавина“ и „Тешкиот глас на новите химни“. И на двата бев снимател, а за овој вториов, на негова покана и на мое големо задоволство, се појавувам и како инструменталист. Седнав зад тапаните во бендот што ја имаше функцијата да ја стори концертната промоција на плочата.

Како звук ова е малку поразлично од сè она што досега го работел Трајкоски во последниве неколку години. Влече корени од неговите почетоци. Донесува малку порокерски звук, бендовски звук – со гитари и тапани… таква ни е поставата. Се собравме луѓе од три генерации, со слични или засебни музички афинитети, но не обедини една идеја. Сè е под негова диригентска палка. Тој е толку подготвен… Сè му е „нацртано“ во главата. Кој и како да свири. Но не заборава дека секој од нас како инструменталист со себе го носи својот звук и затоа секогаш е отворен за соработка. За размена на идеи.

Горан слезе до своите корени, до почетоците како музичар и од таму го донесе звукот на гитари и тапани. На поставка на бенд. Затоа и мене ми е драго што се соединивме во оваа екипа за да понудиме нешто што со себе го носи неговиот континуитет во творештвото. Како автор и интерпретатор. Како вокал. Да потсетиме на тој некогашен андеграунд, алтернативен, наш стил на изведба. Да бидеме свои.

Фото галерија: Сашо Димоски

Време – невреме

О, време иконо, образу на животот,
о, време призраку, омјазу смртен
о, време горчливо, време превртливо
ти време радосно – зошто си тажно?
Стрелките како сабји ме сечат,
секој клик одекнува
кон кобниот час повеста влече
вон секоја логика, едвај забележлив
мрак.
Се ближи тојчас, па свеќе се палат,
Глеј, самрак сред бел ден најавува
моќ
ете иде часот и дошол тој веќе
за мртвите да го чујат гласот на Синот
Човечки.
О, веку блуден, умри ти сега!
Умри во мене ти, за со тебе и јас да умрам
сам под небеси.
О, време, во тебе е мојата невера,
напластена глупост, срамотија без
дно.
О, гадост световна!
Ти лаго пеколна!
Во секој мој здив програмирана смрт.
Чуј ме Небо, ќе повикам
од Тебе правда.
О, време невреме, умри ти во мене.

Горан Трајкоски – Концерт

ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-25T13:16:39+00:00 јануари 3rd, 2018|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 117|