ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ

/, Звук, Блесок бр. 117/ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ

ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ

ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ


Имањето став не значи претензија, туку дека ја согледувам реалноста и ги чувствувам работите. Имам сопствено мислење, а не сум дел од некоја толпа којашто други ја манипулираат.

„На светот убавина“ и „Тешкиот глас на новите химни“ иако навидум „концептуално“ различни и не само поради неколкуте исти песни на носачите на звук дефинитивно се резултат на една иста воздишка. На твојата грижа за она што те опкружува. На потребата да се има став. Да се „проветрат“ некои лични потраги по вистината.
ТРАЈКОСКИ: Објавувањето на обата албума во една календарска година е повеќе и од симболичен чин. Првичната идеја, како што реков, ми беше да објавам еден, двоен албум, но на крајот резултираа два посебни со неколку исти песни но во различни аранжмани. Едниот, „На светов убавина“, со театарска музика, поточно песни од театарски претстави, а вториот гитарски ориентиран, се само две наличја на една иста суштина која ја носам внатре во себе си. Иако овој вториов е ненаменски, поинтимен и поинтроспективен, сепак, и оној првиот, театарскиот, е во голема мерка индивидуализиран албум, во голема мерка модифициран во однос на оригиналниот звук на песните.

„Тешкиот глас на новите химни“ е непосреден одглас (ехо) на актуелните случувања околу мене, еден вид мој крик, реакција, на насилството на реалноста која не прашува за да влезе во мојот живот непоканета. Затоа се решив на еден слободен и без задршки одговор. Да, тој е субјективен, мој личен став, затоа што само зад еден таков став можам во потполност да стојам. За реакциите на „реалноста“ не сум загрижен.

На објавите наново им се враќаш на големи македонски творци како Рацин, па на Плевнеш… Тука е и поетот Коле Неделковски од чии стихови е позајмен насловот за албумот. Колку е тоа одраз на некоја твоја емотивна духовна состојба и потребата да се чуе твојот глас?

ТРАЈКОСКИ: Обие два албума и песните што ги имам се одблесок на работата што ја имав изминативе десеттина години. И Рацин и Плевнеш сум ги работел во театар, значи нивните стихови и текстови сум ги употребувал во различни проекти, во различни театарски претстави и ова беше само една иницијатива да го направам сето тоа. Впрочем, моите поранешни испади во рок музиката со ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА, со МИЗАР во два наврати ги чувствував како еден вид на изливи на емоција кои што останаа недокажани. И со овој албум сакав ако не друго да заокружам, да затнам една дупка во она што го чувствувам како можност за еден мој опус. Можност за мое изразување на тоа поле на музичкиот пат.

А, кога веќе говориме за насловот на актуелниот албум тој е позајмен од една песна од Коле Неделковски (1912-1941), револуционерен поет, кој загинал во 1941 година кога бил фрлен низ прозорец од бугарскиот затвор, а подоцна било напишано дека извршил самоубиство фрлајќи се од собата во која живеел во Софија. Таа негова песна се вика „Гласот на татковината“, а на мојот албум е втора во редоследот. Песната така завршува со „..тешкиот глас на новите химни“. Всушност, токму тој стих го земав како мото кое ги обединува сите песни на албумот во една мисла, а сите песни се производ на моето чувство во изминативе години. За разлика од претходниот албум, каде песните се исклучиво наменски, на овој албум се објавени мои лични, интимни песни и текстови кои се однесуваат на моето лично внатрешно чувство и душевна состојба во изминативе години.

ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-25T13:16:39+00:00 јануари 3rd, 2018|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 117|