ИНТЕРВЈУ: ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ

/, Звук, Блесок бр. 118/ИНТЕРВЈУ: ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ

ИНТЕРВЈУ: ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ

Сакам да напишам уште некоја добра песна во животот!


Дел од твоите песни, како оние на Христовски… се свират и пеат во кафеани. Се обнародуваат. Како се чувствуваш поради тоа?

СТЕФАНОСКИ: Тоа ми причинува големо задоволство. Како ќе влезам во Белград во некоја кафеана веднаш ја свират „Gipsy Song“… верувај ми… и тоа е голем комплимент за мене. „Џипси сонг“ е свирена по сите балкански кафеани. Ете, тоа е најголем комплимент за мене како автор. Тоа е една од тие песни за кои ти зборам дека се како одвоени од карпа. Ниту можеш нешто да ѝ додадеш, ниту да ѝ одземеш… вклучувајќи го и текстот. Така се случи.


Не сум фрустриран од тоа што сум го работел. Мислам дека доста сум направил. Имам снимено доста плочи, отсвирено бројни концерти, остварено многу соработки… реализирано многу различни проекти со различни оркестри, разни музичари… значајни музичари, големи имиња. Како човек од Скопје, од Македонија, се чувствувам прилично задоволен со она што е зад мене. А она што е пред мене колку Господ ќе даде сила, ентузијазам, мотивација и здравје за да ги истерам работите што евентуално треба да се истераат.

ЗА ДИСЦИПЛИНАТА НА СЛОЖУВАЊЕ МИСЛИ

Те знаеме како вонсериски гитарист, како ненадминат свирач, како композитор… ама од себе извади и еден куп одлични текстови. Се гледаше ли себе како текстописец? Ја имаше и ја имаш ли сè уште таа потреба да пишуваш стихови?


СТЕФАНОВСКИ:
Ја имав и сè уште ја имам. Во телефонот имам еден куп фрази кои ми доаѓаат и кои се како иницијација за некакви песни што ќе настанат во иднина… да сме здрави и живи. Уживам пишувајќи текстови. Многу ми се допаѓа таа дисциплина на сложување мисли и рими. Го научив тој занает. Едно време го гњавев брат ми Горан за првите албуми на ЛЕБ И СОЛ, а подоцна сам ја совладав таа дисциплина на пишување. Имам многу убави текстови. Пред некој ден Јан ми ја пушти „Носталгија“ од албумот „Кула од карти“… и се изненадив самиот колку е добар текстот. Знам да убодам по некој стих. Види, ако смеам да се пофалам сега ќе ти кажам кај лежи мојот најголем квалитет. Во исто време сум ги слушал и Алан Холдсворт, Боб Дилан, БИТЛСИ, Џими Хендрикс… и Џеф Бек. Значи, во исто време сум слушал и фјужн музика, а сум ги обожувал Дилан, Џони Мичел… луѓето коишто се кантавтори… кои пишувале убави текстови, убави песни. Сум сакал само да направам баланс помеѓу тие два света. Јас сум сигурен дека Алан Холдсворт не напишал ниту еден текст во животот… или можеби само еден, два во групата ТЕМПЕСТ… Себе си се гледам како еден од подобрите текстописци меѓу гитаристите. Како и еден од најдобрите гитаристи кај авторите на песни. Тоа е тоа. Но, постојано се обидувам да бидам флексибилен и да црпам од сите тие сфери.

ПреводКалина Малеска
ФотографијаТатјана Ранташа
2018-10-30T09:52:22+00:00 март 27th, 2018|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 118|