Ибрахим Ферер – Кубанска легенда

/, Звук, Блесок бр. 36/Ибрахим Ферер – Кубанска легенда

Ибрахим Ферер – Кубанска легенда

#1

Неочекуваниот комерцијален и критички успех на Buena Vista Social Club во 1997 помогна кубанската музика подобро да се афирмира во светот. Албумот се продаде во милионски тиражи, доби Греми награда, се сними филм за него додека на учесниците им овозможи успех и признанија кои претходно не им биле дадени. Изненадување беше и Ибрахим Ферер кому овој проект му овозможи нова кариера. Денеска неговите албуми се продаваат во милионски тиражи и концертите се секогаш добро посетени.

Со успехот на Буена Виста сите учесници на албумот станавте интернационални ѕвезди а кубанската музика сега е повеќе популарна од кога и да е. Како се чувствувате за тоа што сте го направиле за кубанската музика?

Се гордеам со тоа. Мене ми беше важно да ја претставам нашата култура ширум светот. Кубанската музика има да понуди толку многу работи и јас се обидувам да стигнам за сите насекаде.

После светскиот успех и признание, дали нешто се промени за овие музичари на Куба? Дали се сега повеќе почитувани?

Музичарите отсекогаш биле почитувани на Куба, но сега нашата музика повторно се врти по радијата и младите имаат можност повторно да ја слушнат. Тоа е многу добро, знаеш, повторно да се вратат овие песни бидејќи тие се основа за сè.

Каква беше реакцијата на луѓето од Куба кон ова неочекувано откритие на изгубеното богатство на Куба?

Не би рекол дека беше изгубено, бидејќи младите се повеќе заинтересирани за современа музика како што е рап, рок, итн. Меѓутоа, сега тие посветуваат големо внимание на традиционалната музика.

Какви се вашите сеќавања од Буена Виста сесиите? Како гледате на успехот на Буена Виста после сите овие години?

Се сеќавам на многу убави моменти, особено кога се сретнав со Омара Портуондо, што беше многу емотивно, Рубен Гонсалес, како и останатите музичари.
#2 Успехот на Буена Виста ни овозможи да имаме своја соло кариера: Омара Портуондо со нејзиниот бенд и нивниот прв албум а сега го завршуваат и вториот. Тука е и Качаито Лопес со неговиот бенд а и јас сум тука. Поради сето ова успехот на Буена Виста беше навистина важен.

Рај Кудер беше клучна фигура за време на овие сесии. Тој исто така ги продуцираше вашите два соло албуми. Како би го опишале пријателскиот и работниот однос со Кудер?

Искуството да се работи со Кудер како и со Ник Голд беше одлично. Ние сме и добри пријатели и често зборуваме за нашите семејства или за нашата работа секојпат кога ќе се слушнеме по телефон. За време на нашите сесии од него добивме голема подршка што беше од голема важност.

Какво беше чувството да го снимите вашиот прв соло албум на 72-годишна возраст?

Тоа е како повторно да си се родил. Поради тоа честопати велам дека сум млад човек. Тоа е како да почнувам одново, како да ми се исполнил сонот и сè уште се штипнувам за да се уверам дека не сонувам.

Некои од вашите најпознати нумери од “BVSC presents Ibrahim Ferrer” и BVSC се Silencio (дует со Омара Портуондо) и Dos Gardenias. Кои стилови на пеење и компонирање најмногу ви лежат?

Како што самиот кажа, тоа е болерото. Така било отсекогаш и сега конечно тоа се исполни. Не сум компонирал многу и не би се нарекол себеси композитор, но на мојот последен албум има песни кои ги компонирав кога бев млад “Hay que entrarle a palos a ese”, “Boquinene” и “Musica Cubana”. Последната нумера ја компонирав заедно со Деметрио Мунис и Чучо Валдес, додека работевме на последниот албум.

Делови од сесиите за “BVSC presents Ibrahim Ferrer” беа снимени од страна на Вим Вендерс за неговиот документарен филм. Дали имате некоја сцена или слика од филмот која ви оставила впечаток, односно нешто што го доловило духот на музиката или музичарите во една сцена или секвенца?

Филмот многу ми се допадна. Нормално, режисерот на филмот, во овој случај документарец, ги претставува работите од негова точка на гледање и јас го почитувам тоа. Мислам дека сцените во студиото најмногу ја покажуваат хемијата меѓу музичарите.

Пред две години почина Компај Сегундо а минатата и пијанистот Рубен Гонсалес. Многумина жалат што нема да имаат можност да ги слушнат овие музичари во живо. Какви се вашите мислења и емоции за овие двајца музичари?

Иако немав блиско пријателство со Компај Сегундо, сепак многу го почитував и му се восхитував. Можам да кажам дека тој беше голем музичар кој направи многу за кубанската култура.
Со Рубен бевме блиски пријатели а и често одевме на турнеи заедно. Изгубив драг пријател а светот загуби еден од најдобрите пијанисти.

Оваа година сте на турнеја низ Европа. Какво е чувството да се оди на турнеја на возраст од 77?

Да ти кажам, ми се допаѓа! Обично си поминуваме убаво и се обидуваме тоа да трае што повеќе. Јас секогаш одам на турнеи заедно со мојата сопруга и внукот и сите музичари и техничари за мене се како што и мојот албум носи наслов: “Buenos Hermanos” (добри браќа).

2018-08-21T17:21:38+00:00 јуни 1st, 2004|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 36|