Зоран Маџиров – музичар-номад

/, Звук, Блесок бр. 41/Зоран Маџиров – музичар-номад

Зоран Маџиров – музичар-номад

Не се плашам од ништо!

#1

Далновод е совршен логичко-космички спој помеѓу интелектот и интуицијата со голема и ведра доза на духовитост. Ете, на тој начин јас го предизвикувам просечното и натпросечното слушателско уво од речиси сите страни на светот, вели во интервјуто за Блесок македонскиот вибрафонист и волшебник на шишиња, светски патник со привремена адреса на живеење во Германија – Зоран Маџиров

Маџиров како артист, како уметник и изведувач од посебен ков ги има сите атрибути на голема интернационална атракција. Со сопствената умешност во изведбата на вибрафон и особено со бравурозното поигрување со ритмите откорнати од површината на обичните стаклени шишиња, тој го свртел светот надолго и нашироко. И, секаде каде што го чуле и виделе, каде што го почувствувале неговиот изведувачки магнетизам, од родната Струмица до Њу Јорк… останале фасцинирани. Зад себе има неколку албумски објави, а од неодамна добар дел од сопствената енергија вложува во новиот проект во кој членува и сограѓанинот Петар Тасев – Далновод.

Како дојде до формирањето на дуото Далновод?
Далновод е типичен made in Струмица проект. Средбата со Петар Тасев се случи под веќе легендарните необично магични околности во нашиот роден град. Не би сакал тоа социолошки или философски да го објаснувам, меѓутоа моето запознавање со него беше „една од оние големи работи“. Кога ја слушнав неговата музика, знаев дека ќе мора да се случи судбоносен спој на две екстраординарни личности. Петар е необичен артист. Тој е апсолутно сигурен во тоа што го прави. По вкус и естетика е типичен претставник на денешната модерна и бескомпромисно држи до тоа. Свири компјутер и компонира музика што метафизички ја објаснува иднината. Поседува слободен дух и камиказно храбар извор на фантазии. Во неизбежната заедничка работа се покажа како вистински професионалец подготвен за работа на „долги патеки“. Заедно, обидувајќи се да ги помрднеме лимитите и границите на модерната музика, открив дека може да ја направи музиката што никогаш не сум ја (сме) слушнал(е)… Она нешто за што се стреми секој авангард.

#2Колку работата во дуото ќе му пречи на дејствувањето на музичкиот номад како солист? Ќе се има ли време за сериозно посветување на
активностите на проект како Далновод?

Јас сум познат по тоа што можам да контролирам неколку работи едновремено. Ангажманот на повеќе проекти ми причинува задоволство. Со оглед на фактот дека денот има 24 часа, а годината 52 недели, навистина сè е можно. По неколкуте екстравагантни настапи во Минхен околу Божик, по секој концерт со хеликоптер бевме префрлани до Штутгард за да стигнеме и на тамошниот хепенинг. Нашиот промотор Клеминтс Зипке тоа го нарекуваше релаксирачки лет помеѓу два концерта, зачинет со неколку чаши шампањ. Кога си добро организиран, навистина сè функционира како што треба. Мене Далновод ми е апсолутно сериозен потег. Дури и неговото име говори за тоа дека сакаме да нè однесе многу далеку.

Како стигнавте со Далновод до етикета како Фет-кет и колку луѓето од компанијата сериозно ќе застанат зад Вас при пласманот на дискографскиот пазар?
По неверојатно креативниот период што го имавме со Петар во минатата пролет во Струмица, при една од моите редовни посети на Њујорк, демо-материјалот го слушна мојот пријател и продуцент Скип Ла Плантеи. По негова препорака снимките ги испративме кај Дејв Хауел, во Фет-кет во Брајтон, Велика Британија. А тој, за да ги одбегне бирократските пречки околу чекањето за да се печати материјалот, поради актуелноста и убавината на музиката, одлучи во истиот момент да објави две композиции, Glasstica и Momichka, во архивата на нивните артисти што се наоѓа на интернет. И, само што се случи тоа, токму нашите две теми од интернет-страницата, која впрочем претставува и еден вид топ-листа, станаа најмногу симнувани од посетителите на сајтот. И, еве повеќе од осум недели никој не може да нè собори од првите две места.

Дали се реални шансите за посериозен пробив при понуда од сè и сешто во етерот? Што е потребно за успех на Запад?
Шансите се реални онолку колку што ги сметаш за реални!!! Мислам дека секој има доволно шанси под ова небо. Клучот за успехот, не само таму, на Запад, се крие во истрајната работа!

Сепак, што е најпотребно за да се возбуди „просечното западно слушателско уво“? Ве плаши ли фактот дека можеби во вашата музика, во она што го потпишувате како Далновод, ќе биде акцентирана само „егзотиката“?
Јас не се плашам од НИШТО! Особено не од она што сум!!! Ниту јас, ниту мојата музика, не сме „само егзотични“. Јас никогаш не истрчувам само со еден адут. Во Glasstica и Momichka, како и во другиот материјал, покрај огромната доза егзотика во кристално чистиот звук, јасно се чувствува тежината на композициите, моето почитување на старите мајстори како Бах, Моцарт, Бетовен, Стравински и други. Слушлив е и фактот дека ние го пречекоруваме прагот на современата модерна музика на денешнината со директен излез од џез-традицијата и способноста за импровизирање. По структура, Далновод е совршен и логичко-космички спој помеѓу интелектот и интуицијата со голема и ведра доза на духовитост. Ете, на тој начин јас го предизвикувам просечното и натпросечното слушателско уво од речиси сите страни на светот.

#3До каде е стасано дуото со подготовките за деби-албумот? Ќе се почувствува ли посилно духот на нашата изворна традиција на новиот материјал?
Далновод е подготвен како пушка. Материјал имаме, не за едно – туку за две изданија. Сепак, мора да кажам дека во моментов сè уште е неизвесно кога би се случил чинот на нивно објавување. Единствено со сигурност можам да тврдам дека годинава ќе учествуваме на неколку фестивали на современа и електронска музика. Инаку, можам да кажам дека стилски се движиме некаде во просторот во кој се допираат електрониката и аналогијата, звукот на необичните акустични инструменти со синтетиката на компјутерите. Луѓето од Фет-кет, по естетиката и мелодичната сензибилност, нè окарактеризираа како артисти блиски на она што го работат Squarepusher или Autechre. Во целата таа приказна, длабоко е присутен и духот на нашата изворна традиција. Но, во никој случај не може да стане збор за преземање и цитирање цели фрази или мелодии. Не сакавме да се плеткаме со традицијата на стариот изветвен начин – ја земаш Јовано, Јованке… и правиш варијации на тема. Зошто? Посегањето по традиционалната музика е сериозна работа.

Како гледате на модерните движења во џезот, воопшто во современата музика?
Повеќе или помалку, она што Далновод го работи би можело слободно да се нарече дека е едно ново модерно (електронско) движење во современиот џез како сè уште најслободна музичка форма. Денешната музика се глобализира многу побрзо отколку што можат политичарите да го генерализираат светот.

Во Македонија во последно време те имавме како јунак од рекламните пораки за едно домашно пиво? Многумина речиси и го заборавија настапот на дуото Китановски – Маџиров на Скопскиот џез-фестивал. Не се врти нешто особено ниту музиката што ја снимивте на албумот што го објави Продукцијата на МРТВ? Кога да ве очекуваме со ново издание или соработка во татковината?
Мојата препознатливост по рекламните пораки ја сметам за привилегија. Тоа е резултат на извонредните достигнувања на еден музичар. Покрај тоа, тивко, но сигурно и Далновод им станува близок на нашите слушатели. Покрај интернет, постои и индивидуална размена на новите материјали на човекот со шишињата, па така, како што ми пишуваат, дуото во одредени средини израснува во култен бенд. Не би ја исклучил и можноста за евентуално скорашно издание на Далновод во Македонија, потем концерти и слично. Јас искрено ја сакам и многу ја почитувам македонската публика. Таа има уво за убавите и квалитетни нешта. Инаку, не би се согласил дека сум „заборавен“. Концертот со Тони Китановски на Скопскиот џез-фестивал и моите џез-албуми за МРТВ се од историско значење за современата македонска музика и култура воопшто.

2018-08-21T17:21:34+00:00 март 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 41|