Збогување со имагинарниот свет

/, Звук, Блесок бр. 26/Збогување со имагинарниот свет

Збогување со имагинарниот свет

Интервју со Горазд Чаповски – Кисмет

#1

Кисмет, единствениот македонски бенд со активен договор за објавување на изданија за странски издавач – лосанџелескиот Tone Casualties, деновиве го објави своето ново албумско остварување Dreaming (Авалон продукција). Се работи за дефинитивно најсилното и највозбудливото издание на овој бенд, материјал кој го воскреснува духот на култниот Мизар. Она што ги поврзува обата бенда е името на гитаристот Горазд Чаповски, еден од големите интуитивци и двигатели на суштински важните делови од сторијата за храбриот македонски рокенрол.

* Со новиот албум како да велиш: еве конечно се вратив од туѓина и сега си сум свој на своето. Имам впечаток дека се прости со илузиите дека можеш да бидеш некаде на друго место и творечки да бидеш оној истиот, иако ценам дека ти беше неопходно искуството што го стекна во последниве години. Колку има вистина во тоа?
– Некако ми се собраа десеттина години „емиграција“. Две години поминав во Англија, а осум во Австралија, па мислам дека беше доволно. Инаку, за целото време јас со мислите бев овде и само го чекав моментот кога ќе пресечам. Таму „долу“, како што знаат да кажат за австралискиот континент, сè ми беше обезбедено и водев еден прелагоден живот. Арно ама сега гледам дека сум живеел во еден свој имагинарен свет. Снимав, свирев со бендот во клубови и навидум сè беше во ред. Меѓутоа кога сега ќе ги слушам албумите што ги снимив, ми станува јасно дека сум бил заробеник токму на таквиот лагоден живот, на тој имагинарен свет кој во тој период ме опкружувал. Не дека се работи за лоши материјали или слично. Напротив. На крајот на краиштата, со нив ја пропатував Австралија и стигнав до еден издавач каков што е американскиот Tone Casualties. Едноставно мислам дека во нив недостига еден добар дел од мојата душа. Види, мене во ниту еден момент не ми беше пресечена папочната врска со татковината, со ритамот, со музиката… но, туѓината си е туѓина. Сега сум дома и сè што ќе прави Кисмет ќе почнува одовде и ќе завршува овде, во Македонија.
* Некако ми се чини дека ти беше потребно малку подолго време повторно да ја почувствуваш срединава онака вистински, со сите нејзини трвења во ова време – невреме, за да можеш да ја започнеш новата авантура на Кисмет, од тебе да излезе музика, да се родат песните за новиот албум.

– Последниве година и половина, додека го работев новиот албум, катадневно одев во една од оние „скара на кило“ кафеани, во Тафталиџе, и се дружев со обичните луѓе. Практично, од својот имагинарен свет со сите сили се трудев да слезам во светот на обичнот човек. Се дружев и со уметници, но го видов и светот на пропаднатата „работничка класа“, класата која ја снемува. Всушност, последниве неколку, колку што сум во Македонија, се дружам со старите маалски другари, „сељаци“. Јас сум многу горд на своето селско потекло. Мојот татко е од село, од Егејска Македонија. Новиот албум им го посветувам на дедо ми Борис и баба ми Виолета, битолчани. Дедо ми Борис е селанец, земјоделец, лозар. Ниту има завршено основно образование, ниту средно, ниту факултет. Цел живот го обработуваше лозјето. Му се восхитувам.
#2 * Конкретно, што подразбира твоето враќање до обичниот човек? Од каде таквата потреба?

– Албумот тоа го кажува многу убаво. Тоа значи враќање на најнормалните работи, одбивање да забегувам во експерименталности, да не се правам „арт“, интелектуалец. Јас сум начитан човек, но не сум тоа што го спомнав предмалку. Јас сум дел од Македонија, од Балканот.
* Дали новонастанатата состојба, времево во кое веројатно ни се случи војна, ти помогна поинаку да ги согледаш нештата?

– Не би рекол најдиректно војната, туку маалската атмосфера во едни такви околности, луѓето што беа околу мене, нивните судбини и сосема обични животи.
* Во еден период, чинам дека тоа беше по не баш многу среќниот проект – „трибјут“ албумот на Мизар, ти практично остана сам во Кисмет. Дури имаше и такви кои речиси и да го отпишаа бендот. Знаејќи те каков борец си, не верував дека приказната ќе и ја оставиш на историјата. Во меѓувреме работите се сменија од корен. Сега имаш вистински бенд, како во времето на Мизар. Што се случи?

– Јас и кога бев сам, размислував како да имам група околу себе. Иако половина материјал е направен на семплер, аранжманите ги правев како за група. За целото време размислував дека музиката што излегува од мене ќе треба некои луѓе качени на сцената да ја свират, да ја извлечат од себе и од оние пред себе сета енергијата што ја поседуваат. Тоа мене отсекогаш ми било примарно во целата оваа работа. Впрочем тоа е суштината на рокенролот, музиката воопшто.

* Она што мене многу ми се допадна, е што при работата на Дреаминг собра екипа на музичари кои тебе ти се генерациски блиски и кои се чинители на сторијата за култниот Мизар: Ристо Вртев, Горан Трајковски… Недостасува уште Горан Таневски. Дали до тоа дојде случајно или…
– Сè се случи некако спонтано.Не ми беше намерата на снимањето на албумот да се соберат луѓето со кои некогаш тесно сум соработувал. Не планирав некакви „дежаву“ состојби. Едноставно, јас се дружам со тие луѓе, постојано сме заедно. Згора, на пример, Горан Трајковски ми гостуваше и на претходниот албум, сега неговото присуство само имаше друга функција. Dreaming е длабоко македонски албум. Направен е во оваа земја. До собирањето на екипата дојде сосема спонтано. Јас немав никаков концепт. Во септември минатата година имав само некои недефинирани идеи. Горан и Зоки (Спасовски н.з – Анастасија, нкогашен член на Мизар) ми помагаа во работата секогаш кога материјалот им се допаѓаше. Овој материјал ,многу му се допадна на Горан и тој воопшто не се двоумеше да го стори она што го стори – со толку убавина да ја отпее Извор. Ристо Вртев, пак, е друга приказна. Тоа е мојот учител. Ако почетокот е најбитен за секого, тогаш јас имав од кого да учам. Кога го почнавме првото откровение на Мизар, јас имав само 17 години а Ице 22 и тој неизмерно многу влијаеше на мене и мојот музички стил.
* Како дојде до соработката со Авалон продукција? Се зборува дека ти понудиле најдобри услови за соработка и дека биле најбрзи во одлуката да го објават албумот.

– Со нив соработувам одамна. Првиот концерт на Кисмет во Македонија го организираше Авалон. Пред да почнам да снимам, им се јавив и на Бобан и на Иво (Јанкоски) и им кажав дека работам на нов проект. Луѓето од Авалон продукација не се мислеа многу, контактираа со мене и покажаа интерес за соработка, па така лесно се договоривме.
* Насловната тема на албумот – Dreaming, е обработка на песна од Индекси. Малку е необично човек да ве спои тебе и Индекси.

– Многу е необично. За Индекси се заинтересирав откако во Австралија го изгледав филмот Лепа села, лепо горе, во кој водечка тема е песната Бацила је све низ ријеку од Индекси. Потоа го преслушав целото творештво на овој саревски бенд. Песната Сањам со Билјана почнавме да ја работиме речиси пред две години, и иако таа песна е потполно минималистичка, има само две строфи, ја работевме мошне студиозно за да ја најдеме вистинската димензија на песната.
* И, натаму односот на целата твоја генерација кон изворната народна традиција е неверојатно плодотворен. Како луѓе што до изворот стигнаа преку рокенролот сметаш ли дека го одбравте вистинскиот пат? Како натаму?

– Ние експериментиравме со кавали и со зурли некаде во 1985/86 година. Она што Даутовски го свири на песната на Макис Аблианитис, Златко Ориѓански со Лола В. Штајн го свиреше одамна. Интенцијата на мојата генерација е да се вклопи во новиот век, да не останеме само на традицијата, закоравени.
* Неверојатно многу енергија, та дури и растурање на целата структура е бележито и за Слага се с’лнце… која ја пее народната певица Вања Лазарова. Во случајов на новиот албум ти не ја остави верзијата од Ритмистика, туку отиде уште понатаму накалемувајќи рифови кои звучат толку природно, та дури како да извираат од оваа прекрасна елегична песна. Зошто?

– Сакам да го истакнам следново: тетка Вања е совршен уметник. За да прилагодиш една песна за тетка Вања да звучи модерно ти треба период од најмалку две години, а не толку краток како што ни беше даден при создавањето на Ритмистика. Во споредба со неа, со големиот народен уметник, ние сме аматери. За да го достигнам барем малку нејзиниот зенит, мене ми беа потребни цели две години. Мислам дека сè уште не сум ја достигнал оригиналната верзија, дури сметам дека сум цел степен подолу од неа. Но, јас вака ја доживеав Слага се с’лнце… песната во која е вткаено толку многу душа и енергија.
* На овој албум што го потпишува Кисмет воочлива е и атмосферата што владееше на изданијата на Мизар, се чувствува духот на тоа време, та дури како да се пресликани некои дарк моменти од тој период. Како го објаснуваш тоа?

– Тоа најверојатно доаѓа со зрелоста. И од Скопје, од луѓето со кои се дружам. Не одев свесно на тоа да го пресликувам минатото, тогашната атмосфера. Сето тоа се случи некако спонатно. Едноставно така се намести мозаикот.
* На Dreaming се користени семплови од музиката на бендови како Лед Цепелин, Килинг џоук, Синтезис, Масив атак. Дали свесно одеше на тоа да има препознатлива нишка на составите кои влијаеле врз тебе и твоето творештво?

– Бендовите што ги спомна се оние кои јас ги сакам и ги слушам. Од нив ги зедов и семпловите. Го инспирирале мојот моментен музички израз. Пред две години можеби ќе ти кажев нешто друго, но вака размислувам во моментов. Ова се работи што ми се влезени под кожата, како што е случајот и со Мајаковски.
* Обвивката на албумот е некако „кич“ (Мајаковски и сонце?!). Со Сергеј (Дамовски н.з), ја баравте естетиката на кичот или…

– Мајаковски е омилен поет на Вртев и тој ме запозна со него. Како што реков, додека го спремав албумот, постојано одев во „скара на кило“ и муабетите за Мајаковски во такви услови ми изгледаа многу кич. Токму затоа обвивката на албумот изгледа таква – Мајаковски и сонце – кич. Целиот албум има кич призвук, медитерански. Мајаковски е симбол и на руското, значи она нашето, словенското, но и на англо-саксонското. Сонцето пак е симбол на медитеранското. Значи има спој на руското (словенското), медитеранското и англосаксонското. Се гледа што сум слушал: Џими Хендрикс, Дорс, Џој дивижн… на што сум израснал.
* Наспроти сите луѓе од твојата генерација што ги спомнавме, а кои ти помогнаа во снимањето на албумот, ти во меѓувреме го консолидира бендот. Како дојде во контакт со овие луѓе?

– Лани, кога започна војната се носев со идеја да престанам да се занимавам со музика, да го „пензионирам“ бендот. Едноставно, ме мачеше помислата дека уметноста не е вредна и дека воопшто не ни е потребна. Таа мисла ме држеше цело лето, иако претходно веќе имав некои материјали. Еден ден ги зедов семплерот и компјутерот и седнав во подрумот во кој вежбав со Мизар и „ми тргна“.
Инаку луѓето кои што се сега членови во Кисмет ги познавав од андерграунд круговите. Еве, Билјана ја знам од Прилеп, каде често свирев. Икаљ (Илија Стојановски – бас н.з) ми е стар другар, Диме (Димитар … н.з) од свирките на Ласт Експедишн и Бла Бла Бла каде што свиреше тапани, Зоки Ориѓански постојано бил тука некаде… Инаку, стален состав сме јас, Икаљ, Диме и јас. Билјана можеби ќе биде во бендот, а можеби ќе си тера некој сопствен проект. Многу музичари се заинтересирани за женските вокали од Дреаминг и сакат да ги користат нивните услуги.
* Албумот е веќе излезен. Како ќе се одвива неговата промоција?

– Најнапред ќе го завршиме спотот за насловната тема, а потоа и за Извор. На 22 мај ќе настапиме на фестивалот Скопје гори… Во текот на летото ќе свириме низ Македонија. Не верувам дека ќе направиме класична концертна промоција на албумот. Впрочем, ние тоа никогаш и не сме го правеле. Сигурно е и дека летово ќе свириме во Хрватска, како и во соседна Грција, веројатно во Солун и Атина.
* Наспроти македонското, ќе се појави и американско издание на Дреаминг. Колку тоа ќе се разликува од постојново?

– Токму така. Албумот ќе го издаде нашиот издавач Tone Casualties во септември. Мастеринг ќе прави Дејвид Еклес, кој има работено со Смешинг пампкинс, а покрај ова на тоа издание ќе биде и I’m so Sad, песна што ја направи и отпеа Ристо Вртев. Инаку, сè друго останува исто.
* Си помислил ли некогаш, особено сега, кога работеше со поранешните членови од Мизар, да го поканиш и Горан Танески да ти гостува на снимањето, да отпее некоја песна?

– Кога се појави недоразбирањето за авторските права за песните на Мизар, Горан тврдеше дека првиот албум на групата го создадоа 40 луѓе. Јас не мислам така. Го правеа тројца луѓе. На албумите пишува кој ги создавал песните. Но, без разлика на несогласувањата, сакав и сакам да ми гостува на албумите. Ова го велам со полно срце.


Дискографија:


Мизар – Мизар –
Helidon/ Dallas 1988 Словенија
Мизар – Свјат Dreams
– Helidon/ Dallas 1990 – 91 Словенија
Кисмет
Dormant Dire – Paritor 1994 Австралија
Кисмет
Damjan’s War – Paritor 1995 Австралија
Кисмет
Wake up Gods – Tone Casualties 1997 САД
Кисмет
Red Ball (soundtrack) – BMG 1998 Австралија
Кисмет
N.A.B. Express – Tone Casualties / Pinnaclle 1999 САД/ Велика Британија
Кисмет
Toxic Avengeriu (soundtrac) – Troma records 2000 САД
Кисмет
Dreaming – Авалон продукција 2002 Македонија, Tone Casualties / Pinnacle септември 2002

звучни записи

2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 26|