Жестоко звуковно патешествие до центарот на слободата

/, Звук, Блесок бр. 46/Жестоко звуковно патешествие до центарот на слободата

Жестоко звуковно патешествие до центарот на слободата

Георги Шаревски секстет на Мала сцена во МОБ

Композициите од новиот опус на македонскиот џез гитарист – иницијална каписла за мајсторско импровизирање при што предничеше гостинот од Италија – саксафонистот Франческо Беарѕати

#1 Концертот на Георги Шаревски секстет, одржан во саботата на 11 февруари, на Мала сцена во Македонската опера и балет, ги поседува сите атрибути да биде забележан како еден од најквалитетните што се случиле во градов во последно време. Беше тоа еден од оние перформанси кои ја враќаат вербата во музичкото творештво во оваа наша средина силно инфицирана од турбо какофонијата. Џез гитаристот, придружуван од Владан Дробицки (тромбон – „Сетстат“), Џијан Емин (хорна и синтисајзер – „Проект Жлуст“ и „Д.Н.О“), Оливер Јосифовски (бас – „Љубојна“), Александар Секуловски (тапани – „Тони Китановски трио“) и Франческо Беарѕати [Francesco Bearzatti], еден од најпознатите италијански саксафонисти, во нешто повеќе од 70-тина минути, ги претстави своите нови композиции пишувани по обелоденувањето на деби албумот „Елфландија“. Притоа, не само што беше евидентен неговиот исчекор кон себе-преиспитувањето, туку и потребата да претстави звучна слика која со ништо нема да биде ограничена. Авторски движејки се од свингот, преку звукот типичен за Њу Орлинс школата, џез-блузот, со вешто ткаени нитки на ритамот кој тој го има во генот, па сè до моментите кои силно го допираат психотичното вкрстување на џезот и фанкот, Шаревски не остави простор за двојба. Неговото време како комплетен музичар и веќе лидер на поголем состав е овде и сега. Во Македонија, на Балканот, Европа…
#2 И, во една таква опуштена атмосфера, во атмосфера кога и благите грешки се толку симпатични, тој само ја потврди сопствената зрелост и веќе се издига над она што до сега го знаевме за него – дека беше еден од најдобрите студенти во својата класа на проичуениот колеџ на џез музика во САД – Беркли.
Разбирливо, сево речено веројатно и не би имало смисла ако притоа особено не бидат акцентирани виртуозноста и инспирираноста на придружниците. И, не само на разулавениот Беарѕати ( беше брилијантен во соло партијата за композицијата „Војна“), чии соло изведби само ја потврдија констатацијата на овдешните познавачи на џезот дека италијанската сцена е дефинитивно една од највозбудливите и не само во Европа, туку и на локалните манги како Дробицки, Секуловски… Сè на сè, музичарите со многу енергија го изодеа своето жестоко звуковно патешествие до центарот на слободата на дадената форма. И, уживаа во средбата. А, со нив и публиката. Вистинските љубителите на џезот кои не се мират со сиромашната понуда на вакви случувања през годината.
Конечно, овој концерт загатнува и нешто друго. Соработките на домашните со странските музичари не само што се неопходни за една џез сцена (за жал) сè уште во повој, туку тие дефинитивно само можат да им помогнат на овдешниве инструменталисти да го надминат стравот од исчекорување вон матичната средина. Впрочем, во таквата констатација, за очекување е дека ќе се увериме сите по објавата на албумот со снимките направени и на овој концерт, што треба да се појави најдоцна до јуни годинава.

звучен запис

2018-08-21T17:21:28+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 46|