Дени Фримен – сива еминенција на Тексас блузот

/, Звук, Блесок бр. 22/Дени Фримен – сива еминенција на Тексас блузот

Дени Фримен – сива еминенција на Тексас блузот

#1

Добрите познавачи на блузот секако знаат дека, една од суштинските идиомски и содржински поставки на жанрот го сочинува и она што го препознаваме како „Тексас блузот“. Од архаичниот израз на Блајнд Лемон Џеферсон, Ледбели, преку иноваторот Ти Боун Вокер и современите легенди како Фреди Кинг, Алберт Колинс и Стиви Реј Вон, како и безброј други познати и непознати имиња, тексашката сцена претставува синоним за возбудливата историја на блузот, спој на чувствата и емоции кои преку музиката најдоа пат до срцата на слушателите. Во тој специфичен универзум се среќаваат најразлични профили музичари чија улога е мошне значајна, но кои од разни причини не се експонирани и секогаш во прв план на медиската покриеност. Еден од тие „херои“ од позадина, секако е и Дени Фримен, име кое со почит се изговара помеѓу музичарите и добрите познавачи на блузот, не само во Тексас. Во ексклузивно интервју за „Блесок“ Дени Фримен открива некои непознати детали за себе и за блузот во Тексас, во целина.

Обично, гитаристите ги прашуваат кога започнале да свират гитара?
-Кога почнав, имав само 14 години. Тоа беше во Далас.

Дали твојот интерес за музиката имаше подлога во некаква семејна традиција или тоа беше сосема индивидуален афинитет?
-Не, не беше во прашање семејна традиција. Во 1955, кога имав 11 години, а тоа беше времето кога рокенролот и ритам и блузот го започнаа пробивот преку радио брановите, почнав да посетувам некои журки каде што се пуштаа плочи и каде можевме да запознаваме девојчиња и да играме со нив. Токму во тие моменти кога влегов во адолесцентната возраст, на сцената се појави Литл Ричард и редица други кои буквално не соборија од нозете и не извадија од паметот! Со другар ми бевме чести посетители на такви тинејџерски игранки, каде што за првпат имавме можност да слушаме жива свирка. Кога го слушнав звукот на гитарата, едноставно се изгубив и во моментот одлучив да научам да ја свирам!

#2 Дали гитарата беше твој прв инструмент или можеби си се обидел и со некои други?
– Кога имав околу 8 години, кусо време добивав часови по пијано, тоа се случуваше пред појавата на рокенролот, но и фактот што дома немавме пијано придонесе што љубовта со овој инструмент не беше подолга.

Кои беа твоите најрани влијанија во музиката?
– Добра работа околу тоа што бев во Далас тогаш, беше и можноста да се запознам со блузот. Тоа беше мошне мал чекор подалеку од рокенролот, така што лесно се „адаптирав“. Во таа смисла, покрај Чак Бери се обидував да научам нешто од блузот преку плочите на Мади Вотерс, Џими Рид, Бо Дидли, Б.Б. Кинг, Ти Боун Вокер плус материјалот на „Иксело Рекордс“, се разбира и многу други.

Кои гитаристи ти беа омилени тогаш, а кои сега?
– Оние што ги сакав порано, ги сакам и денес, со тоа што на нив ги придодадов и џезерите како Кени Барел, Вес Монтгомери, Барни Кесел, Чарли Кристијан, Херб Елис, сите тие.

Кажи ми нешто за твоите први состави!
-Мојот прв бенд се викаше „Коралс“, имав 13 години и воглавно свиревме на школски игранки. Заедно свиревме околу три години, а репертоарот го „симињавме“ од Бади Холи, Чак Бери, Бо Дидли, Санто и Џони и слични. Втората година ни се приклужи и пијанист кој знаеше да свири и усна хармоника, така што почнавме се повеќе да свириме и блуз репертоар. По заминувањето на колеџ бев соочен со дилемите околу војската, така што неколку години настапував само преку викенди и тоа во различни состави. Тоа траеше се до 1970 кога се преселив во Остин и едноставно заборавив на сите работи, со основна желба да бидам само музичар.

Музичката сцена на Тексас е мошне богата и колоритна, претпоставувам дека, блузот не беше единствена музика кога започна да свириш во првите стадиуми на твојата кариера?
– Па, скоро секој бенд во кој свирев исполнуваше блуз и тоа траеше се некаде до 1970 кога „сериозно“ се нафатив со блузот. Додека растев, блузот заедно со ритам и блузот беа секогаш околу мене, секогаш помешани со некоја друга музика, но јас, да речеме, никогаш не сум свирел кантри.

#3 Кога зборуваме за различни сегменти на блузот, тексашкиот блуз секогаш се спомнува со респект како посебна институција. Како ти би го дефинирал?
– Не мислам дека, можам бидејќи е толку разновиеден. Во почетокот го имавме Блајнд Лемон, па Ледбели и други. Ти Боун Вокер со својот нов звук, „Дјук Рекордс“ со препознатлив имиџ, па Фреди Кинг, Алберт Колинс и редица други. Потоа се појави Стиви Реј Вон, „Фебјулоус Тандербердс“ и сцената околу клубот „Антонс“. Сите тие Тексашани апсорбираа влијанија од најразлични места и луѓе и ги презентираа на свој, оригинален начин што резултираше со нов, оригинален квалитет.

Ти имаше можност да настапуваш со, денес, легендарни блуз имиња. Можеш да именуваш некои кои оставија најсилен впечаток врз тебе?
– Како неколкугодишен член на составот на клубот „Антонс“ во осумдесетите години, имав можност да свирам со многу луѓе. Некои од моите најголеми возбудувања како музичар се сврзани со свирка со некои, релативно не толку познати имиња како Еди Тејлор, Тед Тејлор, Литл Џони Тејлор, Лутер Такер и Лејзи Лестер. Исто така свирев во состави заедно со Џими Вон и неговиот брат Стиви Реј што беше „кул“. Возбудливо беше и кога свирев со Отис Раш, Алберт Колинс, па Снукс Иглин, Фетхед Њумен, Џејмс Котон, Хјуберт Самлин, Даг Сем…

Има ли музичари со кои си сакал да свириш, но не си имал можност?
– Многу, премногу за да ги набројам…

Кажи ми нешто за твојата соработка со браќата Вон, Џими и Стиви Реј.
-Џими беше неколку години помлад од мене, но во тоа време тој веќе се здобиваше со добра репутација во Тексас. Се сретнавме и свиревме неколку пати заедно и потоа некако во исто време (1970) отидовме во Остин и направивме наш состав. Набргу потоа и Стиви Реј ни се придружи. Во тоа време немаше многу блузери како нас, така што со сите се познававме и се дружевме, менувавме и некогаш „позајмувавме“ музичари. Со Џими и Стиви Реј живеевме заедно во изнајмен стан. Нашиот состав се викаше „Пол Реј Енд Кобрас“ и од раната 1975 Стиви Реј свиреше со нас неколку години, а потоа си замина за да стане Стиви Реј Вон. Заедно поминавме одлични мигови, но откако направи свој состав, не се гледавме премногу, сепак секогаш кога ќе беше во близина, ќе дојдеше кај мене или ќе свратеше до „Ентонс“, навистина многу ми недостига. Заедно слушавме многу музика, секогаш укажувајќи еден на друг некои интересни работи што ги „откривме“. Тој секогаш мислеше само на музика и, се разбира, на девојки.

дали постојат некои ваши заеднички снимки од тоа време?
– Имам многу ленти од живи свирки и некои студиски кои се чуваат некаде во некој архив. На нив има одлична атмосфера, можеби некогаш ќе се објави нешто од тој материјал. Во секој случај, со Стиви Реј бевме одлични пријатели во секој поглед, уште еднаш ќе повторам, навистина ми недостига.

Кои се твои 5 албуми за пуст остров?
– „Врста на плаветнилото“ на Мајлс Дејвис, „Џиновски чекори“ на Колтрејн, „Јас сум“ од Џими Рид, „Заедништво“ на Лари Јанг и „Дали сте искусни“ на Џими Хендрикс.

Кои се членови на твојот пратечки состав во моментот?
– Покрај мене настапуваат: Мајк Томпсон – клавијатури, Марк Голдберг – бас и Дон Хефингтон на удиралки.

Што мислиш за моменталната состојба на блуз сцената во Тексас и за блузот воопшто?
– Моментално не постои некоја особена голема сцена во Тексас за која јас знам. Таа никогаш не беше особено голема, секогаш се состоеше од една група луѓе кои воглавно беа во областа на Остин, мислам на последниве 30 години. „Фебјулоус Тандербердс“ и Стиви Реј Вон го „ставија“ Остин на блуз мапата, имаше и други, се разбира, но Стиви Реј веќе го нема, Џими ги напушти „Тандербердс“, клубот „Ентонс“ сè уште е таму, но тоа веќе не е исто како некогаш. Јас од 1992 живеам во Лос Анџелес, делумно и поради тоа што Остин „остана без бензин“. Времињата се менуваат. Не чувствувам и некое особено подобрување во блузот генерално гледано. Денес има многу добри свирачи, многу состави насекаде, но тие не покажуваат особена оригиналност. Во оптек е премногу медиокритетски материјал и според мене тоа не е добро, особено за блузот.

Добро, како ја замислуваш иднината на блузот?
– Блузот секогаш ќе постои, сепак никогаш нема да биде голем. Ќе има некој што ќе го одржува, барем кога се во прашање гитарите, но секогаш е голем предизвик да направиш блуз кој ќе биде возбудлив и интересен.

Има ли разлика во антиципирање на блузот помегу американската и европската публика?
– Можеби понекогаш европската публика сака материјал кој, според мене, не е особено квалитетен, во смисла: штом е американско мора да е добро, што не мора секогаш да биде така! Од друга страна, во минатото, Европјаните повеќе го сакаа блузот отколку Американците, не знам дали тоа сè уште е така.

Кои се твои омилени блузери во моментот?
– Блуз? Ким Вилсон ја продолжува традицијата, тој навистина е одличен. Џими Вон звучи супер, Отис Раш сè уште го прави тоа. Ким ми го препорача Расти Зин, а мене ми се допаѓа и Дојл Бремхол Вториот.

Конечно, за крај, имаш ли некоја порака за љубителите на блузот во Македонија и какви се можностите за настапиш кај нас?
– Ме радува фактот дека, во Македонија се слуша блуз. Слушајте и понатака, има многу да се открива. Секогаш постојат можности да се видиме…

звучни записи

2018-08-21T17:21:54+00:00 октомври 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 22|