Два чекора напред – еден во место

/, Звук, Блесок бр. 22/Два чекора напред – еден во место

Два чекора напред – еден во место

Летен џез фестивал Куманово 2001

Честа на Манифестацијата овој пат ја одбранија домашните изведувачи, пред сè Синтезис кои се во фаза на одработување на нивната светска турнеја.

#1 Годинешново, трето по ред, издание на Летниот џез фестивал Куманово се обистини неодамна (30 август – 1 септември) во едно од двете кризни подрачја во државава. Без откажувања од учесниците и во атмосфера што приличи на секое нормално културно случување од планетава Земја. Со публика што ја поима современата музика, џагор и проветрување на импресиите во кафулињата каде животот не замира со стартот на полицискиот час, со промоција на документираните материјали од обете претходни случувања што на пожелуваната традиционалност на Манифестацијата ѝ ја даваат потребната патина, со ритам што незапирливо пулсира во жилите и мускулите, убавина и насмевки наспроти грдотијата што со себе ја носи времево – невреме (Овде во ненормално време, сепак, се живее „нормално“ или отрпнавме на сè што е реалност од нашиве обични и неповторливи животи?!). И, сето тоа како своевиден протест на мислечките луѓе против состојбата, во која упорно и постојано се заговара војната и разнебитувањето на државава – Република Македонија. Конечно и вака, дури и поубедливо, се брани идентитетот, самобитноста и државотворноста на ова парче од дивиот Балкан. Токму овде и сега, со отворено срце и без збркани мисли од татнежот на воените труби. Единствено.
Наспроти ваквата позиционираност на Манифестацијата, што претпоставува, сепак, „специфични“ дури и од нас самите именувани „воени услови“ во кои требаше да се случи настанот, а за кои можат, но не мораат да имаат разбирање оние што добија покана за учество на Летниот џез фестивал Куманово 2001, уочливо е дека програмски таа не го издржа наметнатото темпо од претходните години. И, безмалку разбирливо. Едноставно, нејзината чест годинава ја „спасија“ домашните учесници, што од своја страна ја акцентира силината и виталноста на современава македонска музика. Во случајов се мисли на високо естетизираниот и емотивно набиен настап на групата СИНТЕЗИС, во моментов нашата најзначајна и највозбудлива понуда за она што е озаглавено како актуелна Светска музика (и овој пат, на уште една постојка од светската турнеја што е во тек, споменативе со леснотија потврдија зашто со нагласено внимание биваат проследувани нивните перформанси на извиканите и значајните фестивали како белгискиот „Свинкс“, на пример). Покрај овој настап, на ваквата констатација ѝ кумува и сугестивната пројавност на македонската народна певица Вања Лазарова која сцената во концепт што му приличи на нејзиниот возвишен глас (глас што и тоа како се бори со бремето на годините), и што веројатно во затворен простор, во покамерни услови, би ги дал вистинските изблици ја споделува со авторот и продуцентот Златко Ориѓански (АНАСТАСИЈА) и од неодамна крушевскиот гитарист Христо Христовски.
Својот настап, повеќе од чесно и со неопходна доза на артизам што ја подразбира неговата медиумска сеприсутност, го одработи и Игор Џамбазов, едновремено концертно промовирајќи го сопствениот проект „Ова не е блуз“. Згора, тој и неговиот содружник во оваа авантура гитаристот Игор Атанасовски – Харе, претставија одлична екипа на инструменталисти (трубачот Гоце Димитровски од Танцовиот оркестар на МРТВ, Дино Милосављевиќ и Ѓоко Максимовски – ритам секцијата од триото на Влатко Стефановски…), кои во ниеден момент не оставија простор за сомнеж во понудата или, не дај боже, во свирката. Напротив.
#2 Од гостите, бележит и преполн енергија (како впрочем и на „Blues ѝ Soul Festival“-от пред две години во Скопје), беше настапот на NICK & BACKBONE од соседна Грција. И, ако од Ник Дунисис, кој се смета за еден од најдобрите европски гитаристи тоа и можеше да се очекува, предолг и на моменти здодевен (некои во публиката забележаа: „старомоден“, „неинвентивен“…) беше концертот што го сторија пијанистот Васил Хаџиманов и неговиот придружен бенд составен од млади, но свиречки солидни музичари (нивната фузија на традиционалната музика со џезот, фанкот, афро-кубанската музика, рокенролот, техното, се чини, допрва треба да “профункционира” и да се издигне над веќе чуеното), а оној на полскиот гитарист Лешек Чихонски и неговите GUITAR WORKSHOP (технички добро отсвирен блуз во кој нема нималку душа?!), благо речено, беше комплетно промашување.
Сè на сè, по двата чекора напред (чија атмосфера е автентично меморирана на двата двојни албума со концертни снимки од учесниците на претходните изданија од Манифестацијата, а чија промоција се случи во пресрет на втората фестивалска вечер) и изнаоѓањето на самосвојниот концепт (во основа: претставување на современата балканска музика и музиката што ја допира или “експлоатира” традицијата) ова е еден во место за Летниот џез фестивал во Куманово. Во ред, предвид мора да бидат земени условите во кои се најде државава, арно ама останува да лебди мислата дека и од соседствово (каде, генерално, има „разбирање“ за заедничкиве балкански прилики и „потемнувањето на свеста“) веројатно можеа да бидат присутни некои други „имиња“ (Борис Ковач, Марта Себастијан, Лајко Феликс… на пример), а не да се вртат веќе видените („чуените“) за краток временски период. Тоа подразбира и дека во прашање може да биде доведена базичната идеја за Фестивалот, што веруваме никому не му паѓа на памет.
Сеедно, се гледаме догодина во Куманово на Летниот џез фестивал (за кој, патем, некои злобници овој пат знаеја плиткоумно да забележат „дека немало нималку џез“)! И, пожелуваме притоа половина од писаниево да биде дебело минато, да зборуваме и пишуваме за силината и естетиката на понудата онаква каква што е – ововремена.

2018-08-21T17:21:55+00:00 октомври 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 22|