Секвенци на моментите
Таму за првпат ме одведе Тристеса на Керуак. Градот Мексико ги нудеше своите улици и покриви, а јас, напуштајќи ги, морав да ги заборавам. Сè друго би било премногу болно. Кога морфиумот е главната опција за животна енергија, животот ги пакува куферите.
Доволно години подоцна, најрадо би ги заборавил причините за моето постоење на аголот од непознатата улица. Мојата муза одамна е мртва. Со неа умреа и сите наши прикаски. Нејзината убавина е уништена и запаметена. Некој ќе мора да ја прогласи за светица. Но кога ја здогледав во излогот, јасно беше дека потрагата сопира и дека морам сè да оставам и да влезам во таа чудна продавница. Тебе секако предолго те нема. Сите се свикнаа на таквата состојба на работите. Еден одложен ден, никој нема да го забележи.
Се најдов во неочекувано опкружување – во друштво на грамофонска плоча која Дејв Брубек ја беше снимил во Мексико. Тоа беше еден од трите постоечки записи, последниот во мојата колекција, од концертите на Брубек во овој град. Браво, Брубек! изговорив со восхит вртејќи ја со восхит корицата во рацете. Браво, Брубек! се слушаше од кај публиката на дванаесетти, тринаесетти и четиринаесетти мај 1967 година.
Браво Брубек!
Ако твоето исчезнување беше забележано порано и ако порано се најдев во овој град, кој знае, можеби наместо да бидам привлечен од излогот, ќе свртев во Аудиторио Национал на авенијата Пасео де ла Реформа, број 50.
А можеби токму тоа еднаш и го бев направил. Од каде да знам кој сум бил пред да се родам и што се случувало таму отаде сеќавањата што ги имам. Можеби сум живеел во Мексико и сум се викал Хуан Лопес Моктезума. Можеби на црвената машина за пишување (марка: 1970 Оливети Валентајн) се отчукани следниве редови:
Возбудата од нетрпение ја преплави огромната Народна хала на главниот град. Од клавирот на Дејв Брубек стигаат првите ноти од песната Челито линдо (Cielito Lindo). На нив реагира саксофонот на Пол Дезмонд. Тапаните на Морел и басот на Џин Рајт нè воведуваат во обредот. Традиционалната мелодија со силни хиспано корени станува нешто на што овој квартет му дава нова емоција: мексиканска музика која воедно е џез.
Дефинитивен приказ на заедничкиот простор на нашето време: Џезот не познава граници!
Да речеме дека машината Оливети Валентајн сум ја добил од комшијата Пабло. За неа сум му го дал мојот петел шампион. На далеку му немаше рамен. Сеништето од неговото кукурикање и денес ќе ме будеше, да сум… она што веројатно и сум.