Верба

Постфестум: New Age and World Music Festival

#1 Третото издание на штотуку завршениот фестивал Нова ера (New Age and World Music Festival), за жал, мина во знакот на неочекувано слаба посетеност на публиката, што практично подразбира дека не успеало во намерата да ја анимира културната јавност во Скопје и Македонија. Реално или… Веројатно, ако се има на ум делумното повторување на програмата од претходните години (Џиван Гаспаријан, Рос Дали), посегањето по артисти од соседството кои во релативно краток период веќе гостувале во земјава (Макис Аблијанитис), состави кои доаѓаат како апсолутна непознаница за поширокиот круг љубители на современата музика #8 (Разнотравие), (не)најавени откажувања (Де фаз, Урсула 1000), тогаш сликата разбирливо е веродостојна. И, тука ама апсолутно нема нејасно. Дури се случи, та дури квалитетни ди-џеи како Лудовик Лорка и Никола Конте (кои како типични претставници на она што се именува како „електро-џез“) да свират (вртат плочи) пред незначителен број посетители што остави неверојатно лош впечаток.
#4 Значи, излезе дека Харем, со над 1.000 посетители во Скопското сајмиште (како еден од оние бендови на кои се типуваше дури и за зголемен број присутни на журот), да бидат единствените кои ја разбудија љубопитноста на скопјани (по перформансот нивните објави се најбараните во дуќаните во градов). Премалку за едно пожелувано и очекувано големо музичко случување. Впрочем, по претходните две изданија на Фестивалот, со право такви беа и амбициите на организаторот.
#3 Дури истото можеше да се претпостави ако се имаат на ум сторените најави за сега завршенотото издание на Нова ера, потем делените прес материјали и компакт дискови со албуми на предвидените учесници, невообичаениот сајт… сето она што се подразбира под нормален тек на подготовки за интернационална музичка манифестација. Ова особено, ако се знае и предисторијата во која за жал мора да биде вклучено и минатогодишното откажување на Фестивалот и умно замислениот Саем на народни ракотворби поради воените конфликти што тогаш се случуваа во земјава.
#2 И што излезе на крајот? Обидот за зграпчување на континуитетот на Фестивалот несомнено е сторен, арно ама… остана да виси во воздухот индолентниот однос кон ова случување со сопствена традиција и историја. Причините за таквиот след на настаните можеби би можеле да се побараат и во фактот што Нова ера делумно се случуваше во времето на одржувањето на парламентарните избори во Македонија, висината на влезните билети за некои од концертите (700 денари, што и не е малку) и во заситеноста (има ли ден во неделата кога во Скопје не гостува некој ди-џеј од странство, а безбели бројот на музичките фестивали веќе е повеќе од задоволителен) и трендовската поводливост на главноградската публика.
#6 Сепак, во даденава ситуација, кога е спуштена завесата на бележаното издание на Нова ера, најубаво би било кога организаторот би ја растресол програмата и би се вратил на првичната идеја за еден поинаков фестивал на светска музика. Ова, пак, од своја страна само по себе повлекува и потрага по адекватен поинтимен (нека биде „уметнички“) простор, умно промовирање на истиот во место и за музичко случување покрај основната намена…
#7 И, најважно тој (луѓето што го заложија авторитетот и сопствените средства за обистинување), наспроти сè што било, нималку да не се обесхрабри. Да биде кутнат на коленици и да донесува избрзани одлуки. Конечно, на една средина како Република Македонија, која јасно и гласно неброено пати прокламирала дека држи до сопствениот музички јазик и ја има возљубено надградбата на изворната звуковна традиција, а згора на тоа и несомнено ги почитува заложбите за таквиот однос кај соседите и другите народи, неопходно ѝ е потребен еден фестивал од типот на Нова ера.
#5 Токму затоа и не би сакале да веруваме дека овде кај нас ги снемало оние што се интересираат и ја почитуваат таквата понуда. Веројатно ќе треба време и верба за нивно „разбудување“. Но, кога-тогаш, тоа ќе мора да се обистини.
Поинаквата солуција би била погубна. За сите. Би им одела само на рака на проматарите кои секојдневно продавајќи ги лажовно гламурозните нуз-продукти на кич и шунд (домашен или, уште полошо, увезен од соседството) знаат мошне умешно да ја завлечат раката во и онака празниот џеб.
И ништо друго.
Затоа, верба. Денес. И, особено во иднина. Некои работи за да се издигнат над обичноста треба трпение, а да се урнисаат само еден единствен миг.
Белким…

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 28|