Сеќавање на книгата додека го гледам филмот Motherless Brooklyn
Следејќи премолчено
Твојата порака ме вознемири. Признавам, иако бесмислата одамна ми го помати умот и тешко дека нешто може да ме помести од рамнодушност. Затоа и отпатував без размислување, верувајќи дека Утопија би можела да ми помогне. На наивното око тие простории му личат на книжарница. Над влезната врата, влезот во светот наречен Утопија е обележан со јасни букви, а оние што се запознаени со работата немаат дилема во што се впуштаат.
Деталите се важни, знам. Се сеќавам, не ги заборавам деталите. Ги бележам и имам намера да ти ги пратам еден ден. Значи, градот е покрај море. По должината на брегот е влезот во палатата и преминот до лавиринтот од тесни улички во кои лесно се губат и оние што се родени во нив. Хип-хопот го трансформирам во би-бап. И твоето работно место на многумина им личи на како книжарница. Но, јас ја знам вистината, ја чувствувам, знам дека мисијата е многу посериозна и дека премолчено мора да ја одобриме за да имаме шанса.
Премолченото е неопходно за приказна што сепак решив да не ја раскажам. Но, сакам да запознаеш некои од нејзините протагонисти. И како го почнав пописот на темната страна од моето срце, таму во срцето на стариот град, во неговото гето, во дворот од некогашните бајки, местото што тешко се наоѓа и каде што лесно можеш да се изгубиш.
Мртва одмазда
Две децении откако го прочитав романот Бруклин без мајка (Motherless Brooklyn) и неколку месеци откако го гледав неговото филмско толкување, сфаќам дека никогаш не сум сакал да ги пронајдам убијците на некој близок. Би било премногу лесно да се каже дека ова е кукавичлук во која било форма. Поминувам доволно време со себеси и не останало премногу простор за нешто неочекувано или за импулси што веќе не се предвидени. Нема сомнение дека самиот сум доволно луд така што, под соодветни околности, би ги убил оние што го заслужуваат тоа.
Имам три верзии од таа книга, оригиналот и две верзии во превод: Бруклин без мајка и Сите сирачиња од Бруклин. Некаде помеѓу се крие идеалното име на оваа книга. Меѓу нив е просторот за кој имам бесконечна почит. Му се навраќам секогаш кога ќе заборавам што е скромноста и колку е големо моето незнаење. Го слушав Едвард Нортон, кој ја режирал филмската адаптација, како зборува за книгата со страст што секогаш ме радува. Затоа му биле потребни толку години да го заврши филмот. И мене да го дочекам. Тој вели дека од самиот почеток знаел дека сака Том Јорк да биде дел од филмот. Но, сакал и џезот да биде. А Јорк и џезот не одат заедно. Така се чини сè додека не го слушнеме она што го напишал и извел за Motherless Brooklyn. Мислам на песната наречена Daily Battles. Но, доста празни приказни, време е да ја завршам мислата од почетокот на ова поглавје.
Значи, нема сомнение дека сум доволно луд така што, под соодветни околности, ќе ги убијам оние што го заслужуваат тоа. Исто така, мојата смрт е нешто со што одамна си поигрувам. Нејзината неизбежност не ми е туѓа. И секоја вечер ми станува поблиска и појасна. Се разбира, таквата состојба на работите автоматски не го отстранува стравот. Но, повторувам, овде не се работи за страв. Она што ми е необјасниво и што никогаш нема целосно да си го простам, е отсуството на љубопитност и потребата да ја заокружам приказната, да откријам што навистина се случило. Тоа и едвај живата желба за одмазда.
Разрешување
Дали брзаш некаде? Светот запре и времето деновиве минува поинаку. Прочитај ги книгите што никогаш не си ги прочитал, ги имаш на листата. Изгледај ги негледаните филмови. Врати се пак на оние битните. Пишувај. Шетај низ просториите на твојот свет. Понекогаш запеј. Заљуби се ако навистина мораш. Дај си време. Кога ја најдов онаа големата кутија во подрумот, знаев дека морам да те известам. Мора да знаеш. Нејзината содржина менува сè што мислевме дека знаеме. Јави ми се.
Љубовта е минлива, исто како што и болката е минлива. Само сонот понекогаш останува, ако имаш среќа, ти се задржува на кожата до самиот крај. Исто како што осаменоста никогаш вистински не ја напушта душата што ја избрала. А нам ни останува да размислуваме за изгледите за несреќа и среќа на самиот крај. Била длабока ноќ во Њујорк кога Том Јорк му се јавил на Нортон и му ја отсвирил балада што тој му ја нарачал за филмот. Нортон плачел. Границата на очајот и среќата се избришала. Тоа ни го прават нашите секојдневни борби, точно во доцните часови, без сведоци и со огледалото како судија.
Исто како што мене мигрената упорно ме спречува да станам алкохоличар, него несреќата го држела во алкохолот. Неколку години подоцна слушав, низ шепот, дека – откако ја разоткрил најзаебаната афера на континентот – го распродал она што било вредно, ја затворил книжарницата и оставил сè зад себе. Конечно отишол на својот остров. Не се грижам за него, тој отсекогаш знаел да прави коктели како да е роден под чадор. И знам дека таму ми чува лежалка и мене. Затоа со последните пари го купив овој билет.