Блузот и фламенкото се браќа по чувства

/, Звук, Блесок бр. 44/Блузот и фламенкото се браќа по чувства

Блузот и фламенкото се браќа по чувства

#5Ве споредуваат со легендарни гитаристи како Хендрикс, Стив Реј Вон, Џеф Бек… Тоа од една страна годи, но од друга обврзува. Работевте ли на себе во тој правец?
– Јас никогаш не сум копирал никого. Не можам да се копирам ни себеси. Кога свирам соло, тешко ми е да бидам доследен цело време, да свирам нота по нота. Кога се работи за мелодија – во ред, но кога свирам соло – сè е поинаку. Признавам, на мене влијаеле мајстори како Хендрикс, Џеф Бек…, но јас постојано се обидувам да бидам свој. Ги пуштам моите чувства да се прелеат врз мелодијата. Тоа се мојата страст и мојата потреба да си го следам срцето.

#6Врз Вашата кариера како признаен латиноблуз-музичар големо влијание изврши средбата со легендарниот Карлос Сантана. Како дојде до соработката со него?
– Нашата врска почна некаде во сезоната 1993/94 година. Некој му испратил касета со латиномузика и тој ги чул песните. Неколку месеци подоцна, Хорхе Сантана ѝ се јавил на мајка ми и ѝ кажал дека на Карлос му се допаднала мојата песна. Прашал дали е можно тие да ја снимат за нивниот албум. Тоа беше тоа. Мајка ми ми кажа дека Карлос сака да ја сними мојата Latino blues. Не ми се веруваше. Бев многу горд. Знаев дека ми се случува нешто неверојатно во животот. За мене Карлос беше како Џими Хендрикс, некого кого го гледам со голема почит. мајстор над мајсторите. Икона.

#7Какви мисли Ви се вртеа во главата кога првпат со гитарата, рамо до рамо, застанавте покрај Карлос Сантана пред публиката?
– Тоа не може да се опише со зборови. Албумот на Сантана брадерс се појави некаде во 1994 година. Некој ми кажа дека плочата е излезена и јас не верувајќи во ништо претходно што се случуваше, како мало дете, отидов во продавница за да си ја купам. Ја зедов в раце, за миг ја студирав обвивката и видов дека мојата песна е таму. Се стаписав. Потоа тоа чувство беше заменето со воодушевување. Ми доаѓаше да излезам од кожата. Сепак, требаше да поминат две години пред лично да го сретнам Карлос. Тоа беше во Париз, во 1996 година. Отидов специјално на нивниот концерт, иако ноќта пред тоа во Монтре имав свирка со Литл Ричард и со Цукеро. Хорхе и Карлос ме повикаа зад сцената и сакаа да ме запознаат. Тој стоеше на влезот од гардеробите и веднаш почна да зборува како да сме стари пријатели. Како да сме се познавале цел живот. Ми кажа дека сака да свири со мене таа вечер. Ми даде една своја гитара и… Дури кога заврши сè станав свесен дека свиревме заедно.

#8Со Вас во Скопје допатува и Девон Алман, синот на уште еден голем музичар – Грег Алман, пејачот и клавијатурист на славните Алман Брадерс Бенд. Кажете ни нешто за соработката со него?
– За актуелниот албум Love, Union, Peace собравме навистина силна екипа музичари. Во бендот што влезе во студиото во Мемфис, Тенеси, за да го сними материјалот се најдоа Џек Брус од Крим, Глен Хјуз, кој има свирено со Дип Парпл, и Девон Алман, со кого многупати сме делеле голем број клупски сцени. Многу уживавме додека го работевме албумот, а еве таа убава соработка продолжува и понатаму. Навистина е задоволство да се биде заедно на сцена со ова момче. Драго ми е што нашата дружба продолжува иако тој си има сопствен бенд со кој треба да ги сними песните за нивниот албум.

#9Во согласност со ограниченото време за овој разговор, можете ли да ни ги кажете Вашите планови за иднината?
– Јас отсекогаш сум имал само еден и единствен план во животот. Да свирам гитара, да ја подобрувам сопствената умешност во изведбата и да правам концерти насекаде низ светот. Сега ме чека работата на новите песни. Кога ќе завршам со тоа, повторно ќе влеземе во студио. А желба ми е да снимиме DVD од нашите концертни настапи. Тоа е она на што сега малку поагресивно ќе работиме.

звучни записи

www.vargasblues.com

2018-08-21T17:21:31+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 44|