Благородниот Астатке и фуриозните „Фолтин“

/, Звук, Блесок бр. 96/Благородниот Астатке и фуриозните „Фолтин“

Благородниот Астатке и фуриозните „Фолтин“

Фотографии: Роберт Атанасовски

Докторот по музика, Мулату Астатке, и неговата група, како и неконвенционалната музичка атракција, која ја знаеме како група „Фолтин“, со своите гости, ги вратија времињата на страстните концертни доживувања во Скопје.

#1 Веднаш ќе ја објасниме тезата од воведот кон освртот за втората вечер, која се одржа во Универзалната сала, на 13. издание на ОФ-Фест. Културниот живот во главниот град веќе извесен период наназад има завидна динамика на случувања – концерти, фестивали, изложби, претстави. Рака на срце, публика има доволно за секој културен настан. Тоа што често недостасува е страста на проследувањето на настаните. Едноставно, публиката ќе дојде на настанот, ќе аплаудира за да добие барем еден бис (кога станува збор за концерт) и – толку. Ретко се случува ерупција од овации со кои на изведувачите нема да им биде дозволено да си заминат од сцената.
#2 Магијата што се случи на настапите на „Фолтин“ и на Мулату Астатке е чувството да не сакате да си заминат од сцената. Импресиите ги засилува фактот што генерациски разнообразна публика го чувствува истото. Секако, не без причина.
#3 Групата „Фолтин“ веќе неколку години е влезена во зрелата фаза на својата работа. Ако со првите четири албуми „Outre-Mer“ (1997), „Архимед“ (2000), „Донки Хот“ (2003) и „Ло-ли-та-ту“ (2005) си го пробиваше патот, ги кршеше формите, го креираше својот есперанто-израз, пловеше по бурните медитерански поетски води, веќе со следните два албума „Ова трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“ (2008) и „Антитело“ (2012) ги открива својата духовна длабочина, музичка перфекција и сценска фасцинација.
#4 Со настапот на 13. ОФ-Фест, како прво, дадоа сѐ од себе да отсвират фантастичен концерт, и второ, го исполнија принципот на организаторот на секое издание да учествува една македонска група. Дополнителен мотив е мини-турнејата, која почна на словенечкиот фестивал „Друга годба“, а по ОФ-Фест ќе продолжат на фестивалот „Мјузик митинг“ во Холандија.
#5 Иако важат за неконвенционална група, нивниот пристап во подготовките на концертите секогаш е сериозен. Во овој случај, учеството на гостите Васко Атанасовски (Словенија) и Наталио Суед (Холандија) го подигнал нивото на концентрација. Перкусионистот Марјан Станиќ (Словенија) веќе соработувал на студиските албуми на „Фолтин“ и неговото присуство дополнително ја збогати звучната слика на нивниот концерт.
#6 Засилената дувачка секција (Пеце Николовски, Васко Атанасовски, Наталио Суед) дава грандиозен звук на песните, перкусиите (Марјан Станиќ) ги засилуваат деталите, ритам-секцијата (Гоце Јованоски, Славчо Јовев) го носи темпото, хармониката (Пеце Трајковски) дава обележје на автентичност, додека вокалот (Бранислав Николов) со специфичниот мултилингвален израз и со прирачните свирчиња дава фуриозност на целата група. Концертниот репертоар на „Фолтин“ веќе станува класика. Нивната страст кон музиката успешно е пренесена врз публиката, која реагираше со овации.
#7 Докторот по музика, Мулату Астатке, на дело покажа зошто го нарекуваат „таткото на етио-џезот“. Во музиколошка смисла, поради неговото обемно творештво што го создава од 60-те години на минатиот век, музичкото образование во Лондон, Њујорк и во Бостон, фактот дека бил првиот африкански студент кој бил примен на Беркли и каде во 2012 година ја добива почесната титула „Доктор по музика“, посветеноста на етиопската музика, влијанието што во глобални рамки го извршил неговиот музички израз, соработката со Џим Џармуш со музиката за филмот „Broken flowers“.
#8 Убаво кажа Оливер Белопета во најавата на Астатке – кој сака да дознае повеќе за него треба да си ја набави книгата „Мулату Астатке: Како се создава етио-џез“ и ќе дознае, речиси, сѐ.
#9 Но, со настапот во Скопје Астатке покажа и една друга татковска димензија. Кон членовите на својата група покажа вистински татковски однос. Покрај најавата на секоја нумера, грижливо најавуваше и кое од неговите „деца“ ќе ја има главната ролја во нумерата. А тие возвраќаа со фантастична виртуозност. Невозможно е да се одреди која секција е подобра – дувачката, гудачката или ритам-секцијата. Основниот концепт на музиката го носи самиот Астатке, со вибрафонот и перкусиите, но длабочината на неговите композиции ја даваат индивидуалните изведувачки способности на секој музичар поединечно.
#10 Настапот на Астатке требаше да се види и поради неговиот израз на лицето додека ги изведуваше нумерите. Среќа е мал збор да се опише неговата состојба. Веројатно, блажено задоволство е блиску до вистинскиот израз, но и до благородното чувство што го предизвикува неговата музика. Неговиот концерт во Скопје ќе остане запаметен токму поради благородноста.

2018-08-21T17:20:44+00:00 јуни 21st, 2014|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 96|