Homo homini… canis est?

Homo homini… canis est?

2. Начин. Нарација

#2 Во овој филм, Триер повторно не престанува да нè изненадува: со невообичаениот сет, со поставувањето на сценографија навидум и налик на театарска поставка со парцијална сценографија, со фрагментирањето на филмската приказна на озаглавени чинови, потоа со онеобичениот авторијален раскажувач во “off”, па со генералното хибридизирање на филмскиот жанр, итн. И, со истовременото травестирање на сите тие постапки, од една страна, а од друга страна не пропуштајќи да даде еден (вербален и сликовен) текст со таква длабина и супериорност на деталот, на нијансата и суптилитетот на забележувањето и поентирањето на смислата, успева да го достигне саканиот, односно неопходниот ефект за потрагата по вистините да започне – од почеток гледачот е збунет, изиритиран и дезориентиран од она што го гледа на екранот: и се прашува што е ова, не личи навистина на филм, ниту навистина на театарска претстава, што му е на авторот, мора да „забегал“ во желбата да се биде поинаков и со нов уметнички израз, па овојпат, ете, ја претерал преку секоја граница… и слично – но, многу набргу бидува обземен од начинот на нарацијата, или поточно кажано: од нарацијата сама, па останува со приказната што покажува и раскажува имплицитно прашувајќи, прашувајќи и повторно прашувајќи, и иако никаде не се забележува прашалник долго време, сепак гледачот тој прашалник го чувствува длабоко во себеси, и едноставно не може да се „одлепи“ од… екранот? Не. Од приказната. Од нарацијата, господарот и најсаканиот љубовник на нашиот ум, од неодоливиот опијат на нашето мисловно постоење, па сè она онеобичено, зачудно, чудно и „чудесно“ што го вознемирува и збунува гледачот од почеток во однос на жанрот и медиумот, исчезнува како со рака оттргнато, и останува само патувањето низ приказната, ослободено од рамките и нормите (оние – кулите и ѕидовите) на она на што сме научени секојдневно да го „џвакаме“ веќе „преџвакано“… Гледачот останува со приказната за убавата и добра Грејс, со тајната со која доаѓа во малото, заспано, и закоравено во секојдневната монотонија на непрашувањето гратче, и со истите такви, помалку или повеќе истрошени од ѕидањето кули и ѕидови жители на тоа гратче – не случајно наречено Догвил: Кучешки град…
#3 Така, пред очите, ушите и (потајно) душата на гледачот, отпрво, се разоткриваат моралот, добродетелта и простодушноста на жителите на гратчето, нивната подготвеност да ѝ помогнат на Грејс да остане надвор од дофатот на нејзините непознати гонители, и дури и нивната способност да сакаат еден странец како што е Грејс, и да го прифатат како свој… Но, понатаму, полека, но силно и неизбежно, тие доблести полека почнуваат да потклекнуваат пред силата на она што разјадува – отсекогаш и засекогаш – однатре, она затвореното и неискомуницирано ниту со себе внатре, ниту со другите надвор – заради ѕидовите високо кренати кај секого од нив, па и кај Грејс, и тие доблести почнуваат да се ронат како малтер од стар ѕид, и под нив почнуваат да се покажуваат состојбите и причините поради кои тие ѕидови се кренати кај нив… Ситуацијата ескалира со потребата на Грејс – не само да остане, туку и да им се оддолжи на жителите на гратчето – полна со разбирање, со просто неразбирливо и до исусовски димензии разбирање за нивните маани и падови, дури и кога сите тие, без исклучок, почнуваат тоа да го злоупотребуваат во таква мера што никој друг – освен Грејс, како што изгледа – не би имал разбирање, ниту каква било толеранција. Во еден момент, сета таа ситуација се претвора во континуирано измачување и злоупотреба на Грејс од страна на жителите на гратчето, со уцена дека ќе ја предадат на нејзините гонители ако таа не им удоволува на нивните сè поголеми барања и хирови. Но, уште понеобично е нејзиното прифаќање и толерирање на нивната злоупотреба, а најповеќе нејзиното длабоко разбирање за фрустрациите и комплексите, простотата и безобѕирноста, разбирање кое не само наликува, туку се идентификува со исусовската толеранција и милост, милост достојна на нејзиното име, кое не е случајно одбрано од страна на авторот да биде токму Грејс (Grace – Милост)… Ситуацијата понатаму ескалира, дури и кулминира со нејзината желба таа да им помогне?!?!) на жителите од гратчето укажувајќи им на корените на нивните маани и слабости, кои таа толку добро ги увидела и разбрала во нивната суштина: таа, навистина, сред својата Голгота, успева да ѕирне отаде нивните ѕидови и кули, и да ги согледа во нивните јадови и внатрешни незадоволства што ги тераат да се однесуваат така спрема неа. Но, сè кулминира кога таа навистина и ќе го направи тоа – и тоа јавно, на собир, на секого ќе му го каже она што го јаде, пред сите други… Дури тогаш, жителите на гратчето, соголени пред себеси и другите, отворени и без ѕидовите, се преплашуваат – колку од себеси, толку и од другите, што веднаш ја предаваат на нејзините гонители… и, тие се појавуваат во Догвил, во тој Кучешки град со само едно вистинско куче, а сите други се песови

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 39|