Deep Impact vs. Armageddon

Deep Impact vs. Armageddon

Околу значењата:

#2 DEEP IMPACT: Интересно е што во овој филм, иако необично за ова време во кое живееме, преовладува една топла, благородна и пред сè хумана нишка. Човечноста и несебичноста се основните белези на овој филм. Безусловниот хуманизам е силно акцентираната и главна порака што овој филм ја еманира кон рецепиентот. Малку зачудувачки, но таа нишка, таа порака, го засенува и вообичаениот американизам и американска пропаганда во филмот – која ја има, се разбира, како и секогаш. Но, овде – за среќа – човечкото го засени американското во овој филм. Тоа е посебно видливо во сцената кога ветеранот-астронаут Танер заедно со своите сопатници на вселенското летало се решаваат на саможртва за спас на планетата. И баш филмската изведба на тоа решение, кое инсистира и на логичноста, непремислувањето и едноставноста со која тие луѓе се решаваат на таа постапка, ги воведува вистинските човечки вредности, вознесува над приземноста на животот, и влегува во областите на вистинското сèчовечко чувствување на постоењето.
Од друга страна пак, што е исто така зачудувачки за еден холивудски филм од овој тип (филм за глобална катастрофа), човечките судбини и приказни се акцентирани токму на сметката на акционите елементи. Нив ги има, се разбира, но не премногу акцентирани, ако ги изземеме сцените на бркотницата кога младиот Лео Бидерман ја бара, па ја наоѓа својата исто така млада сопруга/девојка, и заедно бегаат пред гигантскиот плимен талас предизвикан од падот на парче од кометата… Но, гледано во глобала, тоа може да се истрпи. Сето останато е изведено со мерка и добар вкус.

ARMAGEDDON:Гледано од аспект на значењата, можеме да речеме дека овој филм е чиста спротивност на DEEP IMPACT. Во овој филм нема баш нешто многу надвор од акционата нишка на приказната, или пак надвор од некои ситни човечки проблеми на некои од главните јунаци. Акцентот е ставен на акционата линија на случувањата токму на сметка на глобалната хумана приказна. Жртвата во име на опстанокот на планетата, која на крајот од филмот ја прави главниот јунак Хари Стампер, не успева да го убеди рецепиентот во спротивното: човечноста во овој филм не се издигнува над ниските нивоа на сентиментот и патетиката. Дали можеби разликата ја прави неубедливиот актерски перформанс на Брус Вилис во однос на брилијантната игра на Роберт Дивал – кој во DEEP IMPACT, како ветеранот-астронаут Танер, ја прави истата жртва? Не верувам. Филмот е во прашање. Целиот.

За авторите:

DEEP IMPACT: Интересно е тоа што Мими Ледер, која ја знаеме по филмот PEACEMAKER, успеала да направи ваков добар авторски филм. Просто на човек да не му се верува. Затоа, да размислиме малку пошироко: филмот е на компанијата Dreamworks. А чија е компанијата, во основа? На Стивен Спилберг. А кои беа само некои од филмовите на Спилберг како режисер? Тоа беа: ШИНДЛЕРОВАТА ЛИСТА; ИМПЕРИЈА НА СОНЦЕТО; БОЈАТА НА ПУРПУРОТ; Е.Т.; итн. Дали овој филм – иако името на Спилберг не стои ниту зад сценариото ниту зад режисерската палка – не личи на него? Дали детето Спилберг, фантазерот Спилберг, и што е најбитно: хуманистот Спилберг не сечувствува во DEEP IMPACT? Тоа изгледа толку веројатно, земајќи ги предвид претходните дела и на Мими Ледер и на Стивен Спилберг? Ако е оваа претпоставка точна, тогаш можеме да си останеме на досегашните сознанија за Стивен Спилберг како голем режисер и хуманист, како за дете и фантазер што преку филмот си ги остварува и доживува своите соништа, мечтаења и стравови; и да си останеме на нашите сознанија за Мими Ледер како за комерцијален занаетчија, која го работи она што ќе го добие за работа, и која работи токму онака како ќе биде наложено од работодавецот… А ако оваа претпоставка не е точна, тогаш ќе мора да ѝ се оддаде едно големо признание на режисерката Мими Ледер за нејзиното преминување во вистински автори.

ARMAGEDDON:Колку и овој филм да не заслужува да се нарече авторски филм, бидејќи е само еден комерцијален производ без ама никакви амбиции (а ни вредности) да биде таков, сепак за Мајкл Беј, чие име стои зад режисерската палка на овој филм, ќе мора да се каже дека е автор. Зошто? Затоа што е сосем авторски доследен – кон она што досега го работел. А тоа е – музички видео спотови (на пример, спотовите на Меатлоаф). Накратко, ако земеме предвид дека ARMAGEDDON е во најголемиот негов дел работен како видео-спот, а не како филм, и тоа набрзина и без многу навлегување во некаква длабина на приказната што ја филмува, тој си е сосем доследен на своето претходно авторство. Но, едвам (ако не и воопшто) филмско.

И, еве како понекогаш една иста, па колку и да е добра приказна или тема – може:

DEEP IMPACT: да се издигне до високите дострели на авторски филм, иако не баш уметност; или
ARMAGEDDON:
да се уништи претворајќи во еден обичен, кичерски, и најчесто американско-холивудски комерцијален производ за ментално ретардирани.
Затоа, секој има право да го бира она што ќе го гледа. Филм или „џанк“ – бирајте.

2018-08-21T17:22:11+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 07, Галерија|