Ars erotica на женски начин

/, Галерија, Блесок бр. 89/Ars erotica на женски начин

Ars erotica на женски начин

(кон изложбата “Keep calm and have a vagina” на Билјана Василева, отворена во МКЦ, март 2013 г.)

#4 Прашината околу делата на Билјана Василева започна да се крева многу пред официјалното отворање на нејзината последна самостојна изложба, благодарејќи им на друштвените мрежи каде таа постави неколку фотографии од нејзините слики, веројатно со намера да го подбуцнат интересот за истата. Од коментарите беше очигледно дека голотијата и сексот, дури и кога станува збор за нивна уметничка презентација, сè уште се лесна провокација. Иако во јавноста е широко прифатен впечатокот дека живееме во крајно сексуализирана култура, во која сексот е насекаде околу нас и секојдневно нè „напаѓа“ од медиумите до степен што би требало на него веќе да не реагираме, сепак примерот на само една слика на Василева покажа, и тоа на многу пластичен начин, дека неговата уметничка репрезентација сè уште претставува некакво табу и скокотлива зона. Воопшто нема да навлегувам во вулгарноста, ниското ниво, па дури и навредливите шовинистички шеги упатени кон авторката кои ги прочитав меѓу коментарите, но наспроти нив хипотетски ќе ги поставиме прашањата кои таа дебата, а секако и самата изложба потоа, ги испровоцираа: Ако историјата на уметноста, па дури и македонската уметност, се преполни со еротика, зошто таа сè уште предизвикува бурни реакции? Дали голото тело и сцените на сексуални акти ја тенчат и онака тенката линија меѓу еротиката и порнографијата? Што е она што денес се смета за опсцено (вулгарно)? Зошто е прифатливо жените да бидат објект на еротска уметност, а не и автори? Постои ли сè уште двоен аршин за жените и мажите? Конечно, од каде таа потреба од (лажно) морализирање во 21-от век?
#5 Несомнено е дека изложбата интригира уште со самиот наслов “Keep calm and have a vagina”, наслов кој според Василева „е свесно провокативен, да привлече внимание, да постави некои прашања за состојбите во родовите сфери, па и во политичките и во социолошките генерално кај нас.“ (Слободна Европа). Имајќи предвид дека „Провокацијата и шокот биле составен дел на западната уметност од период на модерната па наваму – тестирањето, туркањето и проширувањето на дотогаш етаблираните естетски параметри се тесно поврзани со интелектуалните, верските, етичките и правните прашања на времето.” (Mey, 2004: 12), сосема е јасна мотивацијата на Василева за овој ликовен експеримент, со кој јасно и свесно отвора многу дилеми и руши многу табуа. Повеќе од очигледно е дека „За своите 17 платна, акрил и масло, 8 акрили масла на дрво, мал формат и 15 цртежи, сите главно насликани во текот на изминатава година, Василева очекува најразлични реакции. Вели дека колегите уметници тоа го прифаќаат како многу нормална работа, дека познавачите на уметноста ѝ даваат поддршка, а од пошироката публика не исклучува и негативни мислења. Сепак, како што заклучува, кога веќе тргнал, уметникот треба да биде храбар и да оди до крај. Едноставно јас си го кажав своето, а реакциите – тоа е веќе небитно за уметникот, за оној кој вистински се чувствува како уметник.“ (Слободна Европа).
#6 Очекувано или не, токму таа храброст да се фати во костец со ваква провокација неретко се толкува како машка особина, па дури и на отворањето на изложбата беше окарактеризирана од директорот на МКЦ г-дин Златко Стефковски како „жена со јајца“, што несомнено би требало да упатува на тоа дека вакви (храбри, провокативни, еротски) дела повеќе им прилегаат на мажите. Оваа фраза, која верувам беше планирано да звучи како комплимент, како и останатите слични визури за кои говоревме погоре, всушност ја потенцираат потребата од разгледување на сликите од оваа изложба низ призмата на родовата анализа. Иако не ги сакам поделбите на уметноста на машка и женска, ниту на темите и мотивите во неа на оние типични за еден род, а неприфатливи за другиот, останува впечатокот дека рецепцијата на сликарството на Василева во голема мера има врска со тоа што оваа аrs erotica1F доаѓа од жена. Оттука веројатно од една жена и нејзиното творештво би требало да се очекува да се држи строго до својата страна на бинарните опозиции низ кои се делат сите општи категории врзани за родовите (па на машката страна ги имаме рационалноста, интелектуалноста, културата, моќта, а на женската нивните спротивности ирационалноста, емотивноста, природата, слабоста). Дополнително, оваа талентирана уметница е уште и млада и убава, што е видливо и од провокативните фотографии на Јанус Т. поместени во каталогот од изложбата, што несомнено влијае интересот, но и реакциите, да добиваат зголемен интензитет.
#7 Истовремено, и самата уметница почувствувала потреба, и тоа повеќепати, да се дообјасни себеси. Па вели „Сакам да упатам порака на некој начин до припадничките на мојот пол дека иако се смета дека живееме во машки свет не мора за да успееме во тој свет да се користиме со типично машки оружја – со агресивност и насилство. Не треба да играме по нивните правила. Можеме да ги постигнеме своите цели на типично женски, суптилен, културен начин… “ (Слободна Европа), а претходно таа порака ја испраќа и преку самиот говор на отворањето во кој ги изложува своите видувања за еротиката прифатена како знак на женската инфериорност, под влијание на машките модели на моќ. Меѓу другото Василева вели „Еротиката честопати е злоупотребувана од страна на мажите против жените, претворана во тривијална сензација. Тоа одвраќа од истражување и разгледување на еротското како извор на енергија и информации, мешајќи го со неговата спротивност, порнографијата. Но, порнографија е директен демант на моќта на еротското, таа претставува потиснување на чувствата, нагласува сензација без чувство. Чести се таквите обиди да се изедначат порнографијата и еротизмот, две дијаметрално спротивни значења на сексуалноста.“ (Василева).
#8 Разбирајќи ја еротиката како персонификација на љубовта во сите нејзини аспекти, Василева зборува за животната сила на жените и инсистира дека „Препознавањето на моќта на еротиката во нашите животи може да ни даде енергија не само за менување на ликовите во уморната драма наречена живот, туку и за извршување вистински и големи промени во светот.“ (Василева). Иако стојам зад секој збор на Билјана и ја споделувам идејата дека прашањето на сексот е прашање на моќ и контрола, морам да признаам дека на моменти малку ме вознемирува тоа што таа беше „принудена” да се брани и објаснува, па дури и јас ја почувствував истата потреба со овој текст да го направам тоа во нејзино име, секако истовремено и во свое лично име и во името на сите жени, што секако го отвора прашањето зошто женската уметност, или женската сексуалност воопшто, имаат потреба од било какви оправдувања и дообјаснувања?
#9 Дури и да се обидеме да ја поставиме нејзината уметничка репрезентација во сферата на опсценото, прашање е што е опсцено и вулгарно денес. Ако, пак, се обидеме да ги разграничиме еротика и порнографијата, јасно е дека овие термини постојано флуктуираат и дека „Линијата меѓу еротската уметност и порнографијата и основните критериуми и категории отсекогаш била кршлива и историски и општествено флуидна… Постојат неколку клучни примери на она што стана широко прифатено како исклучително дело во уметноста на дваесеттиот век, иако беше надвор од затворените квалификации на еротското.“ (Mey, 2004:14). Впрочем, не треба да заборавиме и дека Сузан Сонтаг (во The Pornographic Imagination) предлагаше да се разгледа можноста за порнографија како уметност, при што би се правела разлика помеѓу добра и лоша порнографија, каде добрата е онаа која поседува извесна уметничка вредност и сопствени естетски правила.
#10 Конечно, она што е далеку позначајно од врамувањето на творештвото на Василева во рамките на феминистичките движења или толкувањето на нејзините достигнувања во однос на нивната рецепција, сепак се самите дела. Затоа и нивната валоризацијата мора да излезе надвор од овие рамки, со изразен фокус на естетиката, поаѓајќи и завршувајќи со непоколебливиот аргумент дека уметноста единствено може да функционира во зоната на слободата, надвор од сите норми и конвенции. Во таа смисла, исклучително е значајно тоа што „Во овие игри на провокација, имагинација и инвенција Василева поместува некои граници или, пак, се потпира на веќе поместени граници во светскиот ликовен израз… заеднички именител на сите нејзини дела се здравата линија, темнината или скриеноста на внатрешноста. Црната и поцрната боја со која Билјана во секој поглед ги провоцира сите оние околу за нејзиното битисување.“ (Ѓорѓиев, отворање). Такви црни провокации кои посебно ја побудија нашата љубопитност се првенствено циклусот цртежи направени со молив или туш на хартија, како „Тројство“, „Гола пијанистка“ и „Убавицата и старецот“.
#11 Од друга страна, тоа инсистирање на употреба на црната боја е само првиот впечаток кога некој ќе се соочи со делата од оваа изложба (впрочем, црното е нејзиниот заштитен знак и приватно), но како што минувате низ салата, полека сфаќате дека таа е повеќе од боја, таа е симбол на таинствената, мистична моќ и сила на жената, таа е израз на емотивната нишка проткаена во овој циклус, таа е искористена за дополнително да ги потенцира ефектите и да ги насочи мислите кон суштината на нејзините дела. Во контрастот со белата, таа создава уникатен артистички свет во кој Василева се чувствува моќно и комотно, како потполно своја на своето. Сепак, и покрај првичниот впечаток, сликите од изложбата воопшто не се монохроматски. Има тука и портокалово-црвеникаво-окерасти тонови, но останува впечатокот дека најчесто тие се само фон, заднина, во која повторно црната ја игра главната улога. Дури и кога употребата на бојата е повпечатлива и подоминантна како во „Користете еколошко гориво!“ или „Тореадорка“, силните зелена и црвена боја како повторно да имаат функција само да ја нагласат формата и да направат контраст на фигурите и лебдечката позадина. Тоа е така бидејќи иновативната композиција на сликите е повеќеслојна, со акцент на предниот план во кој „Може да се видат и да се пронајдат внатрешни крици, исплашени погледи, несигурни состојби, сеништа што ѝ тежат на душата, елементи што историографски комплетираат слика за едно време, за време во кое живееме, комуницираме и разменуваме ставови.“ (Гогов).
#12 Toa што е можеби и единствено важно е дека глетката на тие аморфни, по малку гротескни тела и битија, нивната асиметрија, нивните облици и преобликувања, нивната фрагментарност и целосна исчистеност од непотребни детали, нивната фиксација во мигот, која напати станува некаква флуидна флуктуација, длабоко ги скокотка сетилата. Во право е Василева кога тврди дека „делата се сведени на блага еротика на прв поглед, а на втор, трет итн. еротиката се губи, остануваат само ликовноста и естетиката, кои ми се на прво место, и иронијата и играта“ (Вест: 37). Тоа секако не се коси, туку напротив, е извонредно комплементарно со моќната порака која таа истовремено ја испраќа, во согласност со она што, на пр. Пикасо го велеше за уметникот како „политичко битие, постојано свесен за потресните, страсни или прекрасни работи што му се случуваат во светот, обликувајќи се себеси целосно во нивната претстава. Сликарство не е направено за декорација на станови. Тоа е инструмент на војната.“ (Пикасо). Токму во таа смисла „Силата на изразот на Василева е во одењето во крајност, дури и вулгарност, како начин да се начнат прашања за некои општествени состојби и преку ликовноста да се упати апел за ставање крај на површното доживување на нештата. Ликовен крик кој продира длабоко во социолошките, политичките и родовите сфери и го остава отворено прашањето за позицијата на жената во денешниов свет.“ (Ѓорѓиев, каталог).
#13 Со надеж дека конечно е дојдено време и жените да се вбројуваат меѓу имињата на најголемите уметници во каноните на историјата на уметноста, ќе го завршиме ова толкување на делата од изложбата “Keep calm and have a vagina” на Билјана Василева со комплименти за севкупното, несекојдневно доживување кое оваа изложба го понуди пред скопската публика. Таа оцена се должи на нејзината оригиналност, сувереното владеење со стилот, мајсторската верзираност во работа со повеќе техники и подлоги, сите вклопени во една препознатлива естетика, но и на некои сосема субјективни критериуми за допадливоста на овие дела, што е сосема оправдано ако се прашаме дали е воопшто можна објективност при оцена на кое било уметничко дело. Сепак, за мене лично, Билјана Василева е првенствено женски Прометеј, хероина на македонското сликарство, која храбро ја предизвика нашата пуританска средина и понуди прогресивна уметничка провокација, која ја потврди женската вистина дека да имаш вагина и сопствено мислење е моќна комбинација.

#14 Извори:

Василева Билјана, Говор прочитан на отворањето на изложбата “Keep calm and have a vagina”, МКЦ, март 2013 г. (преземен од ФБ евентот за истата)

Гогов Митко, Keep calm и создавај!, Репер, Скопје, година VI,
број 3/2013, 06 април, http://reper.net.mk/keep-calm. Пристапено на 07.04.2013 г.

Ѓорѓиев Горјан, Говор прочитан на отворањето на изложбата “Keep calm and have a vagina”, МКЦ, март 2013 г.

Ѓорѓиев Горјан, Текст во каталогот “Keep calm and have a vagina”, Изложба на Билјана Василева, МКЦ, Скопје, Македонија, 2013

Интимна визуелна исповест на Билјана Василева во МКЦ
, Интервју на Јолевски Љупчо,
http://www.slobodnaevropa.mk/content/article/24934168.html. Пристапено на 03.04. 2013 г.

Kerstin Mey, Art and Obscenity, Published in 2007 by I. B. Tauris & Co Ltd

Се хранат со порнографија, а се гнасат од еротика, Интервју направено од Нестороска Билјана, Вест, 11 април 2013, стр. 36-37

Пикасо Пабло, http://www.goodreads.com/quotes/6534-what-do-you-think-an-artist-is-he-is-a. Пристапено на 12.04.2013 г. #15

#b
1. Овој термин го дава Мишел Фуко (Michel Foucault) во неговата „Историја на сексуалноста“ (1978). Кај него, терминот ја означува источната перцепција на сексот како уметничка форма наспроти западниот пристап кој го нарекува scientia sexualis или наука за сексуалноста. Во овој текст терминот е употребен во неговото буквално значење на еротска уметност.

2018-08-21T17:20:50+00:00 мај 9th, 2013|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 89|