47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

/, Галерија, Блесок бр. 53/47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

#10

Стагнацијата значи уназадување

За европските кинематографии, во чии естетички лаборатории своевремено се кристализираше уметничката супстанца на новиот медиум, веќе од поодамна се зборува како за декоративен, но цврсто утврден бедем на конформизмот. 47-та филмска смотра во Солун убедливо ја докажува вистинитоста на оваа теза, чии консеквенции, се чини, не им создаваат големи главоболки на продуцентите. Нивните сериски фабрикувани производи имаат своја публика на која ѝ годи гламурозната забава заштитена од злобните јазици на социјалната, моралната или политичката критика. Списокот на филмовите со содржини во кои грижливо се бараат и глорификуваат суптилитетите на малограѓанскиот менталитет во кој на егоизмот и хипокризијата им се подигаат споменици, е непрегледно долг. Саможивиот, повластен граѓанин на модерниот свет има право на својот цинизам дури и во случаите кога зборува за колективните драми на цели народи.
Во политичката драма Враќање дома, Французинот Раба Амер, на пример, се обидува да ги жигоса војната и махинациите на нејзините стратези, изоставувајќи да ги наведе интересите на инспираторите на ова зло. За да биде иронијата поголема, тој дејствието го лоцира во Алжир, неодамнешната колонија на Франција, во која денес, којзнае поради кои причини, владее политичка конфузија и социјален хаос. И Германецот Маркус Херлинг ќе се потруди да ги подзаборави идеалите од младоста на своите ликови во филмот влезен во официјална конкуренција, Јавајќи на чело, и нивното лицемерие да го турне во вителот на празнувањето на Исусовото раѓање, кога сите гревови се простуваат и кога лагата добива облик на убаво костимирана илузија.
#11 Боите на европските кинематографии и нивното разнишано достоинство остана во прв ред да ги брани доајенот на авторскиот филм, Французинот Ален Рене, со неговиот најнов филм Интимни стравувања на јавни места, добитник на Сребрениот лав во Венеција и на францускиот пандан на Оскар, Сезар. Иако темата на приказната за шестмината трагачи по својата животна љубов ја експлоатирале со многу инвенција неговите далечни претходници уште од годините на Поетскиот реализам, таа во режијата на Ален Рене не изгуби ништо од свежината на инспирацијата, актуелноста на моралните конфликти и поезијата на сонот по среќата.
И Полјаците не изоставија да нè потсетат на престижот на својата кинематографија која до 90-тите години од минатиот свет суверено ја држеше челната позиција во хиерархијата на филмските сили во Европа. Нивниот претставник, Повлекување, што го режираше Славомир Фабицки, прогласен за најуспешен режисер на солунскиот фестивал, ја отсликува со безмилосна критика и сарказам бездната на социјалната несигурност на своите млади херои кои се на прагот на моралната деградација и бесчувствителноста за болките што им ги нанесуваат на своите пријатели. Покрај солидната режија, треба да се пофали и инспиративната, уиграна глума на целиот актерски ансамбл.
#12 Нешто од духот на лиризмот и иронијата што го негуваа славните Чеси како Јиржи Менцел или Вера Хитилова, остана и во темпераментот на Јан Хребејк, автор на меланхоличната комедија Убавината во опасност, кој длабоко сочувствува со љубовите на својата убава хероина Марсела, но не ѝ приговара ни на неверствата кои ја дезинтегрираат нејзината личност. Времето на борбата за одржување на моралните принципи, на верноста и доследноста, како да констатира со хуморна резигнација, одамна исчезна. Песимистичка синтагма чија ерозивна сила ги озрачува и ликовите на исландскиот филм Крвта не е вода, на Арни Олафур Асгеирсон, иако тие со патолошка мера на дволичност ја негуваат илузијата дека им се верни на својата љубов, и на своите морални начела.

Бардовите не ги плаши изолацијата

#13 Сосема поинаква од перспективата на моралните конфликти и консеквенции е универзумот во кој рускиот режисер Павел Лунгин, познат и кај нас по извонредниот психолошки трилер Такси блуз го сместува својот главен лик, необичниот калуѓер Анатолиј, во своето ново дело Остров, бездруго еден од најинтригантните фестивалски филмови. Сместен во оддалечениот манастир на еден пуст сибирски остров, отецот Анатолиј како да ја апсорбира во својата осаменост и во своите исцелителски моќи сета мудрост, суета, убавина и зло во кое живее модерниот свет. Припадник на генерацијата на Александар Сокуров кому, исто така, му се прирастени метафизичките теми за смислата и целта на човековото емоционално и физичко постоење, Лунгин ја продолжува традицијата што ја воведе Андреј Тарковски, наоѓајќи во своите визии нови извори на противречностите и нови причини за војување против ништожноста.
Користејќи ги и во својот најнов филм Внатрешноста на империјата, енигмите на својот стил како потрага по идентитетот на ликовите кои со секој нов гест откриваат некои бизарни противречности на својата личност, Дејвид Линч и годинава беше еден од најчесто споменуваните автори на фестивалот во Солун. И, како што се очекуваше, тој ги подели гледачите и критиката на неумерени апологети и строги опоненти. Но, Внатрешноста на империјата е филм чија приказна за една жена подеднакво посветена на љубовта и изложена на опасностите треба внимателно да се следи, а мистериите со кои неговиот автор еквилибрира како со безопасни, воздушести играчки, уште повнимателно да се проучат.
#14 Покрај Дејвид Линч, кој го презентираше духот на елитизмот и верноста во традицијата што своевремено во Холивуд ја негуваа еден Ерих фон Штрохајм, но и Стенли Кјубрик, на програмата на солунскиот фестивал се најдоа уште неколку интересни наслови, од кои дебитантскиот филм на натурализираната Американка од руско потекло, Џулија Локтев, Дење ноќе, најнепосредно ја отсликува атмосферата на неизвесност, опасност и ризик од практикувањето на терористичките активности во кои се впуштаат американските тинејџери. Од големите ветувања што своевремено ги даваше Дарен Аренофски, во неговиот нов филм, мегаломанскиот спектакл Фонтана, останаа само блескаво колорирани лушпи, шаренолики визии без некаква значенска или поетичка супстанца.
Но затоа, присуството на големото име на германскиот и меѓународниот филм, Вим Вендерс, меѓу филмофилите чија егзалтација на моменти потсетуваше на атмосферата од шеесеттите години од минатиот век, и ретроспективата на неговиот опус, ја врати надежта дека уметноста на филмот и неговите неимари не ја загубиле медиумската виталност и творечката смелост.

2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|