47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

/, Галерија, Блесок бр. 53/47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

#6

Осовремени пораки на древните азиски цивилизации

Но, кога веќе го спомнавме корејскиот филм добро е и по овој повод да им се придружиме на хроничарите кои во неговата ренесанса, заедно со експанзијата на кинескиот филм, гледаат едно големо ветување на заздравувањето на уметноста на филмот. Покрај фасцинантните екранизации на древните легенди кои ги изоструваат перцепциите на модерниот гледач за суптилните и непредвидливи преобразби на душевниот свет како на нежните љубовници, така и на култните херои, покрај обидите да се актуализираат апсурдите на војната, поделбите и националните конфронтирања, новиот корејски филм ни нуди зачудувачки луцидни слики за моралните девијации на модерниот свет. Освен веќе споменатиот Семејни врски, на програмата на независниот филм, која, како и во другите реномирани фестивалски смотри во светот, секогаш ќе ве изненади со некое непризнато ремек-дело, се најде и драмата на младата Корејка Со Јонг Ким, ученик на Арт Институтот во Чикаго, Меѓу денови. Тоа е суптилна анализа на односите меѓу корејските доселеници во Америка, какви што се младите Еми и Тран, во земјата, значи, што го одредува не само нивниот нов модел на граѓанско однесување, туку сериозно ги разнишува и основите на нивниот морален и емоционален интегритет. Не се без јасно навестени проблемски експлозии во духовниот свет и ликовите од останатите корејски филмови како Формулата Питер Пан, на Чо Чанг-Хо, или Газда, на Бонг Џун-Хо, потресна слика за студентските немири и суровиот одговор на нивното незадоволство од страна на полициските власти. Сроден по трагизмот на судирот меѓу традиционалниот морал и цивилизациските норми увезени од Запад, е и сингапурскиот филм Петнаесет, на Ројстон Тан. Бизарната и меланхолична слика на застранувањата на двајца тинејџери кои решиле да ги испитаат сите зла на своја кожа, како да ја изненади не само домашната, туку и западната критика, неподготвена да ја види опачината на технолошкиот прогрес во милјето на една друга цивилизација. Дека песимизмот на младиот Ројстон Тон не е помодна игра која флертува со конјунктурните теми на бунтот, моралната дегенерација и осаменоста, туку опасен агенс кој ги нагризува основите на една богата култура, покажува и неговиот друг филм прикажан во Солун, 4,30, чие дејствие е лоцирано во леглото на сознанието, но и на злото, на прогресот, но и на насилството, во институцијата на училиштето.
#7 Би било избрзано тврдењето дека филмовите настанати во културниот простор што се граничи со Кина, го трпат влијанието на нејзината поетика која повеќе од една деценија не престанува да продуцира нови ремек-дела и да ја открива со нова сила метафизичката убавина на своите легенди. Но, филмовите за кои стана збор очигледно не се имуни на таквото влијание. Тие не ги преземаат механички содржините и проблемите со кои е преокупиран кинескиот филм првенствено поради едноставната причина што социјалниот и идеолошки контекст на драмските ситуации во делата на една Јужна Кореја, или Сингапур, значајно се разликува од идеолошката перспектива на филмовите снимени во кинеските студија. Но сродностите, од друга страна, какви што се принципот на мудроста на акциониот чин, воздржаниот лиризам на изречените чувства, острото поистоветување на пејзажот со духовниот свет на ликовите, се повеќе од очигледни. Кина овој пат ја претставуваше дебитантското дело на Сао Баопинг, Творецот на ужасот, драма од современата социјална стварност на Кина, која е, меѓутоа, концепциски мошне блиска до класичната поделба на доброто и злото. Судирот меѓу дијаболичната заедница на браќата Ксионг и храбриот партиски секретар во зафрленото гратче Црниот Бунар, Је Гуангронг, потсетува и по мотивите на непријателството и по манифестациите на злото, на древните легенди кои ги препознаваме и во традицијата на јапонскиот, корејскиот или виетнамскиот филм. Иако поместен во натпреварувачката секција, Творецот на ужасот не можеше, по мое уверување, квалитативно да се рамни со останатите филмови дојдени од Кина, како Пат, на Занг Џиаруи, попознат во својата земја како извонреден сценарист, или Соништата ќе дојдат, во режија на довчерашната актерска ѕвезда Ксу Џинглеи.
#8 Од азиските кинематографии, Иранците и годинава ја збогатија фестивалската програма со еден убав примерок на нивната реалистичка традиција. Тоа е играното деби, Во петок попладне, на младата Мона Занди Хакики, која во својот опус прокнижи неколку извонредни документарни филмови. Трогателна приказната за страдањата на осамената, чувствителна и достоинствена Соганд, средовечна жена, која, покрај суровоста на социјалните услови во кои живее, се чувствува уште и казнета поради неразбирањето што нејзиниот син кому му ја има посветено сета своја љубов и енергија, грубо го манифестира во секоја пригода. Документаристичкиот патос и автентичната, неизнудена бруталност на сликите од секојдневието ја спасуваат оваа хроника за обичните луѓе од призраците на сентименталноста и лажната чувствителност.
Не е помалку интересна ни љубовната драма на Асгар Фаради, Огномет во среда, чие дејствие се одигрува во живописниот амбиент на празнувањето на Нова година која во Техеран традиционално се чека во месец март. Младата Рухи, која денот на венчавањето го очекува со поголема возбуда од колективното празнување на Нова година, не ќе може да ѝ се радува на својата среќа, иако во неа ги вложи сите свои надежи, сите сили и отпори на законите што иранската жена ја поставуваат во положба на послушна слугинка. Смела пресметка со догмите на едно општество кое во името на религиозното чистунство издава сурови забрани на реализацијата на човечката среќа.

Што се случува со латиноамериканските кинематографии

#9 На другата страна од светот, во Латинска Америка, каде што само до неодамна никнеа како печурки по дожд, едно до друго ремек-дела, творечката ситуација забележливо е стагнантна. Таков е барем впечатокот по прегледот на фестивалската програма на солунската филмска смотра. Бразил, Аргентина, Чиле, Мексико, Боливија немаат замена за генерацијата што ги даде еден Хектор Бабенко, Марко Бечис, или Алехандро Инариту.
Филмот на Мексиканецот Херардо Наранхо, Мексиканска драма, иако вклучен во натпреварувачката програма, не се прослави со некоја содржинска оригиналност, блиска по изборот на клишеата за љубовните триаголници и прељуби, на холивудскиот вкус, ниту, пак, со својот стил, конвенционален и, во најмала рака, имитативен. Поголем чекор во изострувањето на проблемот на осаменоста во која главниот лик на интимистичката драма Родени во трепет попаѓа по загубата на семејството во сообраќајна несреќа, не направи ни Аргентинецот Пабло Танеро, кој на почетокот од својата кариера ветуваше дека ќе се надоврзе на традициите на движењето Синема Ново. Единствен куриозитет кој долго го држи вниманието на гледачот во напнатост е фасцинантно насликаниот пејзаж на Патагонија, кој од годините кога е снимено ремек-делото на Роберт Флаерти, Човекот од Аран, не е забележан на филмското платно.
Конвенционалните содржини, рутинерската режија на чиј професионализам не може да му се направи приговор, одличната игра на актерите во чиј темперамент остана нешто неизбришливо од фуриозната игра на ѕвездите на латиноамериканскиот филм што го освоија светот, се одлики кои ги вклучуваат во листата на солидни остварувања и претставниците на уругвајскиот филм, Кучешко срце, на Мануел Нието Зас, или мексиканската мелодрама Виолина, на Франциско Варгас, добитник на поголем број домашни и меѓународни награди во Кан, Сан Себастијан, Мексико, Финска.

2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|