47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

/, Галерија, Блесок бр. 53/47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

#4

Основани надежи во перспективите на анонимните кинематографии

Солунскиот фестивал како, впрочем, и многу други сродни филмски смотри во Европа, Азија, па и во самата Америка, настојувал од поодамна таквата ароганција на привилегираните кинематографски џинови да ја амортизира и да се оглуши од нејзините закани и уцени. На неговите натпреварувачки програми и во останатите десет, убаво конципирани секции, се најдоа наслови кои нема да ги сретнете на програмата на ниту една гламурозна филмска смотра, а уште помалку на репертоарот на комерцијалните кина. Но откога кормилото на фестивалската политика го презеде енергичната Деспина Музаки, таа тенденција доби далеку посилен замав. Анонимните авторски имиња како да станаа миленици не само на гледачите, туку, со извесна нервоза дека нивните очекувања од талентот во чија исклучивост до вчера се крстеа, се изјаловуваат, и кај критичарите. Отаде и изменетите навики на младата публика да јуриша на проекциите на филмовите за чии автори скоро и да не чула нешто. За мене беше мошне симпатична нивната упорност да дојдат до билет дури и на третата проекција на филмот пристигнат од Мали, Бамако, на Абдерахман Сисако, социјална драма во која без помпа и патетика се разоткриваат махинациите и саможивоста на американските и европските хуманитарни асоцијации. Напоредно со речиси документаристички проектираната хипокризија на богатите општества врз бедното население на оваа африканска земја, Сисако ја раскажува трагичната приказна за агонијата на една брачна двојка која попусто очекува разбирање од своите добротвори.
#5 Бамако е само еден од многуте примери кои ја потврдуваат тезата дека гледачите со симпатии ги делат преокупациите на новата генерација филмски автори кои навистина не се во некоја трескавична потрага по нови теми и содржини, но на нив гледаат низ диоптријата на својот сензибилитет. А новиот сензибилитет не е клише во кое темите на осаменоста, храброста, мајчинството, семејството или пријателството се вкаменуваат и остануваат препознатлив амблем на изминатите и згаснати желби. Тоа е нов поглед врз проблемите со кои секојдневно се соочуваме и се обидуваме да ја разбереме нивната природа и да ги откриеме неговите извори. Судбините на хероите од бразилскиот фестивалски претставник, на пример, Суели на небото во режија на Карим Ајнус, за кој стана добитник на наградата на критиката, ФИПРЕСЦИ, се повторуваат од еден во друг филм уште од годините на неореализмот. Но ликот на главната хероина, младата Хермила, е сложен и непредвидлив на начин што е единствен, неповторлив и уникатен. Зошто таа толку лекоумно се впушта во проституизирање, ќе се запраша гледачот навикнат да ги прима како очигледна вистина традиционалните психолошко-морални клишеа, кога има и поинакви решенија да го спаси својот интегритет и да го заштити сина си. Зошто ги отфрла пријателите, а ја прифаќа поддршката на сомнителните безделници? Авторот на филмот нема амбиции да ги одгатнува овие дилеми и недоумици, но никој не може да го обвини дека бизарниот универзум на бразилската провинција што го наслика е населен со лажните и егзотични фантоми што Холивуд и неговата клиентела обожува да ги набљудува и да ги слуша како нè мамат и заведуваат. Не се помалку интригантни ни дилемите со кои се соочуваат протагонистите на јужно-корејскиот филм Семејни врски, во режија на младиот Ким Тае-Јонг, добитник на главната награда, Златниот Александар. Тие живеат во урбаниот амбиент на една корејска метропола и традиционалните врски во кои се обединети; во многу аспекти личат на заедништвото на останатите корејски семејства. Но нивната осаменост, нивната желба да се претстават пред самите себе како припадници на една среќна заедница, има таков вкус на горчина и тага што посакувате тие златни синџири на присилно заедништво да се раскинат еднаш засекогаш и потиснатите соништа, премолчените гревови и слатките лаги да вивнат на слобода.

2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|