Џуџе

Џуџе
(трактат со прикаска и поезија и набројувања)

Кога Масин стана или не стана мајмун


Никој не знае точно што се случило на последниот перформанс на Мирослав Масин. Има неколку верзии. Ама мене ми раскажа другарка ми што е критичарка на уметност и е внука на тетка што има братучетка што била многу блиска со Масин, па така ми се чини дека мојата верзија горе-долу е точна. Јас не се разбирам од уметност, ама бидејќи другарка ми тоа студираше ми рече дека било многу битно да дадам позадина на приказната па јас и тоа ќе го направам, иако не сфаќам баш која би била поентата.
Кога сме биле јас и другарка ми мали, Масин имал некакви перформанси во скопската зоолошка градина. Само тогаш зоолошката беше многу смрдлива и тажна и се сеќавам дека моите не сакаа да ме носат таму откако еднаш на лисицата и’ фрливме смоки и таа ги излапа. Така што јас овој перформанс не сум го видела, ама другарка ми памти нешто, што од тоа што видела, што од приказните што ги слушнала.
Наводно Масин тогаш се заклучил во мајмунарникот и таму седел еден викенд. Првпат кога чув за тоа, мислев било којзнае што, ама тоа и да не ти бил некаковси посебен перформанс затоа што седел заклучен зад решетките (иако сигурно не бил вистински заклучен) со аквариум во кој имало златна рипка, канаринец во кафез, и слика од некаква риба на ѕидот. И тоа го имало по сите весници и на прва програма на телевизија, што во тоа време беше голема работа затоа што имаше само две програми. Другарка ми ова го знае подобро, зашто самата нејзина тетка ја однела на перформансот заедно со братучетката. И наводно тогаш тетката и братучетката и другарка ми која била мало дете стоеле пред кафезот и го гледале Масин како си пивуцка нешто и си пуши цигара и им се смешка, и тетката и’ раскажувала за значајноста на уметноста, и на другарка ми тогаш првпат и’ се родила желба за уметност. Не е многу талентирана за цртање па така стана критичарка.
После другарка ми го видела Масин по билборди низ градот и сфатила дека сепак присуствувала на битен настан. И затоа дошла на неговиот втор перформанс, кој бил поинтересен од првиот: дури и мене, што сум лаик за уметност, ми се виде повозбудлива приказнава. На тој перформанс Масин направил нешто многу поопасно од тоа да се заклучиш со риба во аквариум, канаринец во кафез и слика во рамка и да преспиеш така еден викенд во зоолошка, па уште да те има по билборди и да станеш славен. Овојпат тој навистина се заклучил со мајмун во кафез. Додуша, мајмунот бил мал и не бил некоја опасна и агресивна сорта. Наводно, братучетката на тетката на другарка ми тврди дека многу сакал да јаде младо кромитче и кога Масин му давал да пие вода од шише Јупи тој си пиел. Не се галел, ама не ни касал, така што Масин и тука лесно поминал, иако две недели седел заклучен во мајмунарникот, каде што знаете сите колку смрди и колку студи, посебно во тоа време кога зоолошката беше жива мизерија. Еве тука морам да признаам дека направил некаква жртва за уметноста. Имало тука и некоја финта со тоа да се види кој е внатре во кафезот, кој е надвор, да се види кој е тука еволуиран, човекот или мајмунот, кој е поискрен или нешто така – во таа смисла.
Е сега тука би имало градација кога третиот перформанс би бил уште поинтересен од првиот, па после и вториот, ама не е така. На третиот перформанс Масин воопшто го немало – само ставил аквариум со златна рипка во кафез. Се мислев чисто онака да го исклучам ова од раскажувањето, ама сепак веродостојноста е битна работа во секоја приказна, па затоа го спомнав. Имало тука нешто околу некакваси желба, па се јавувале луѓе со желби што треба да им ги исполни златната рипка на Масин и тој што имал најубава желба добил слика со златна рипка. Ова не ми се виде како многу инвентивно или интересно, ама за волја на вистината и на објективноста мора се’ да се раскаже.
Во приказните ништо интересно не се случува на четвртиот пат. Обично тоа се случува на бројката три или седум. Ама во случајот на Масин еве тоа се случува на бројот четири. За овој четврти перформанс на Масин дури и јас бев информирана затоа што пишуваше по сите весници: Масин, мајмунот и магионичарот: ретроеволуција. Но бидејќи не одам по изложби, не отидов и на ова, за што ми е сега многу криво. А другарка ми, тетката и братучетката биле. И ми раскажа дека се појавил некој познат магионичар таму, некој што се викал Дајнамо или нешто така, и го ставил Масин во голема кутија. Магионичарот не бил од тука и англиски зборувал чудно. Масин се клател пред да влезе во кутијата затоа што бил многу пијан, што било нормално за него, ми рече другарка ми. Магионичарот рекол дека сега ќе го претвори Масин во мајмун, и дека кога ќе ја отвори големата кутија, мајмунот ќе излезе од неа и ќе се поклони. И додека ми раскажуваше другарка ми не можев да сфатам каква врска ова има со уметноста, а не сфаќам ни сега, но нејсе. И тогаш магионичарот замавтал со некој чаршаф и од кутијата почнало да чади – но и тоа не било чудно затоа што Масин внатре влегол со цигара. Наеднаш се исклучиле сите светла и пак се запалиле. Тогаш магионичарот ја отворил кутијата и внатре, навистина, имало мало мајмунче што пушело цигара. Кога мајмунчето ги видело луѓето, се исплашило, избегало, и почнало да трча меѓу нив, но чудно трчало, накриво, и набрзо излегло од галеријата и го снемало. Се кренало општа паника: сите вработени и гости на изложбата почнале да го бараат Масин низ галеријата, затоа што на магионичарот му текнало дека мајмунот е премал и дека вискито што Масин го испил пред изложбата мајмунчето нема да може да го издржи, и дека сега сигурно лежи онесвестено во некој ќош, или не дај боже, умрело од токсичен шок. Дошла и полиција и брза помош, но ниту мајмунчето, ниту Масин го нашле, а веќе никој не знаел во што да верува. И на крајот гостите многу вознемирени си отише од изложбата и Масин три дена никаде го немало.
По неколку дена во весниците излезе слика од Масин како си седи во дворот и си пуши. Едни новинари го прашувале дали навистина се претворил во мајмун, други го прашувале каде го нашле мајмунот и го барале магионичарот за изјава, ама Масин само им се смешкал и лека-полека сите ги напил и ниеден не можел да си ја заврши до крај работата. Ова знам затоа што братучетката на тетката на другарка ми била таму, и се обидела и таа да извлече нешто од него. Го прашала што сакал да каже со сето тоа? А тој рекол, е баш сакав и јас тебе да те прашам истото, и си пивнал од чашката.

Румена Бужаровска

2018-08-22T12:38:43+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Изложба, Галерија, Блесок бр. 99|