Фестивал „Браќа Манаки“, дел II

/, Галерија, Блесок бр. 18/Фестивал „Браќа Манаки“, дел II

Фестивал „Браќа Манаки“, дел II

21. Интернационален Фестивал на Филмската камера „Браќа Манаки“, 27.септември – 01.октомври 2000, Битола

Што беше што на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ 2000?

Еден фестивал може и треба да се споредува само со себе и од себе да ги црпи силите на креирање на сопствената автентичност и посебност; да ја крои сопствената традиција, и стрпливо и мудро да ја вградува во културниот идентитет на кого и самиот е белег, носител и промотор…
Како што рече г-динот Фреди Френсис, годинешниот лауреат на наградата за животно дело: „Постојат три видови на фотографија: добра фотографија, лоша фотографија, и вистинска фотографија“… А и фестивалите можат да бидат такви: добри, лоши и вистински – размислувам… Вистински – за еден простор и време кога се испреплетуваат културната традиција и новите придобивки, во името на сите генерации – почитувачи на уметноста. И во името на една професија: мајсторите на камерата, снимателите – професионално наречени директори на фотографија, пред 21 година почнаа со своите надежи, енергија и ентузијазам, да пишуваат со филмската камера, да ги создаваат светлините и сенките, за сите овие години, да го втемелуваат своето место; но, наместо во заден план, напред на филмската сцена. Така, интернационалната средба во Битола со филмските сниматели, практично е една од ретките и една од најстарите во светот која ги третира филмската фотографија и снимателската вештина, што е причина за посебна почит кон специфичноста на овој фестивал кој веќе ја живее својата 21-ва година. 21-виот Интернационален Фестивал повторно е посветен на филмската камера, односно на филмската слика и нејзината естетика и јазик. Оттука – и на сите оние креативни сензибилитети: снимателите, кои низ окото на камерата ја создаваат, секој сопствената рефлексија. Онаа рефлексија, која нас – од оваа страна – знае вешто и слатко да нè измами, восхити, да ни ја разбранува утробата, да нè возбуди, да покани на размисла!
Дел од тоа можеше да се доживее и во текот на петте фестивалски денови што го сочинуваа 21-вото издание на Фестивалот.
Термин: 27.09. до 01.10.2000;
Локација – традиционална: Домот на културата и киното „Македонија“ во Битола.

За филмовите во конкуренција…

Главното обележје на секој филмски фестивал, па и на Фестивалот во Битола, претставува изборот на филмовите кои се поместени во официјалната конкуренција, за највисоките, традиционални награди на самата манифестација. Тие главно ја сочинуваат „аортата“ на целиот фестивалски „организам“ што го дава пулсот, динамиката и ритамот на целиот настан.
Годинава, селекторот на Фестивалот направи избор од 15 филмови кои нудеа жанровска и стилска разновидност, раскош од креативни енергии на режисерите и снимателите кои се рефлектираат во нивните филмски продукти.
Годинава, според естетиката на филмската слика и според крајно нестандардните форми што таа покажа дека ги има, како и експерименталниот дух во однегуваната стара и добра традиција, фестивалот „Браќа Манаки“ покажа желба да биде во функција на еден релевантен одблесок на најспецифичните и најкарактеристични трендови во снимателството денес во светот, со што, уште еднаш, слободно може да се потврди визуелниот легитимитет на директорот на фотографија и неговиот придонес во филмот.
Од прикажаните филмови, не може да се заобиколи филмот на свеченото отворање на фестивалот „Браќа Манаки“: беше прикажано, вон конкуренција, најновото остварување на режисерот кој секогаш знае да нè однесе на некое необично, или во најмала рака, мистериозно патување – Дејвид Линч, кој овојпат во тандем со директорот на фотографија, снимателскиот великан Фреди Френсис (денес во своите 80-ти години и со исклучително искричав дух), ја создаде Приказната за Стрејт – приказна за љубовта, самопрегорот, и за мудроста која ја има само во претходните две нешта. Дали смислата на постоењето е во целта до која треба да се дојде или пак, во патот кој треба да се изврви за таа да се постигне? Едноставна приказна, дотолку послоевита и подлабока. Еден ваков филмски „екстракт“, веројатно, може да извлече само еден ваков искусен тандем: Линч – Френсис. За жал и малку иронично, 80-годишниот Ричард Фаренсворт, главниот актер во улогата на стариот Стрејт, кој беше номиниран за Оскар за главна машка улога на 72-то доделување на Оскарот во 2000, неодамна, сам си го прекрати својот животен пат…
Еден друг, по многу нешта особено специфичен филм, се најде во официјалната програма на фестивалот: Џулиен магаренцето, првиот американски независен Dogme-филм, потпишан од младиот режисер Хармони Корин и директорот на фотографија Ентони Дод Мантл (носител на наградата Spirit за најдобар американски директор на фотографија), познат неофицијално како „Dogme-крал“ еден од „потписниците“ на Dogme-манифестот, според кој „душата е најважна, а е стилот“. Џулиен магаренцето е нестереотипен од повеќе аспекти: обработува крајно стигматизирана тема – шизофренијата, правејќи сепак, убедлив и возбудлив портрет на филмското платно. Филмот е снимен со рачна дигитална видео камера и без некое, претходно формално подготвено, сценарио.
Од германската кинематографија беа претставени два филмски проекти, од две различни генерации: Легендите за Рита (од најновата германска продукција, во режија на ветеранот на германската кинематографија Волкер Шлендорф, додека директорот на фотографија на овој филм, Андреас Хефер, ја понесе врвната награда на фестивалот Златна камера 300. Филмот е сместен со дејствието во годините пред и за време на падот на Берлинскиот ѕид; многу реално покажува како во едно такво време на пресврти, духот на промените се рефлектира врз младата Рита. Вториот филм од германската продукција, дел од најновата независна германска продукција денес, е синоним за хит-филм: Трчај, Лола, Трчај, на младиот но реномиран режисерско-снимателски тандем Том Тиквер – режија, и Франк Грибе – директор на фотографија. Тешко дека некој нема да се вљуби во овој: оригинален, урбан, современ, иновативен, откачен и особено мисловен филм, еден играно-анимиран експеримент, кој најмногу од сè, е – култен филм. Оваа година на фестивалот не беше доделена Бронзена камера 300, а Специјалната награда за фотографија, жирито му ја додели токму на снимателот Франк Грибе.

АвторСузана Т. Павловска
2018-08-21T17:21:59+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 18|