Ти, линија и јас

Ти, линија и јас

#1 Рацио и емоции – спротивставени состојби од кои еманира двојноста на човековите битија. Обидот да се воспостави врска и баланс помеѓу нив најчесто завршува со комплексни манифестации на личноста. Во денешното динамично време, исполнето со вештачки сензации кои не напаѓаат од сите страни, вистинскиот избор не е воопшто едноставен. Сепак, изборот на Маријета Сидовски отсекогаш недвосмислено се базирал врз емоциите.
#3 Патината на минатото, сеќавањата, интимните делчиња на душата,… сите фрагменти, иако речиси невидливи, повторно се присутни и во најновите слики на Маријета. Во случајов, секој формален опис на нејзините слики е непотребен, дури невозможен, бидејќи поетската сензибилност и целосната предаденост на желбата да се претстават емоциите се симболично нагласени и доминантни.
#5 Белото платно со содржина која исчезнува и чека да се пополни со нови моменти, раскажува едноставна, но во исто време комплексна приказна за љубовта, почетокот и крајот, минливоста и вечноста, спокојот. Линијата, пак, како симбол на течението на нештата, на минливоста, но и на вечното кружно враќање, е изразена како патека, поврзување на две крајности, две личности како точки во бескрајот…
#7 Предметноста исчезнува… И зборовите кои егзистираат на ниво на Logos исчезнуваат полека… Останува приказната која треба да се исчита од чистото бело, речиси маљевичевски решено платно, од буквите кои едвај се наѕираат, од навестените „ангелски“ пердуви (како присуство на безвремените духовни суштества, крилести меланхолични чувари на нашите збунети битија), од клинците и металните нитни како останки на предметноста наспроти духовноста..
#9 Сликите на Маријета Сидовски носат хуманистичка порака која го слави постоењето на емоциите и сознанието за апсолутна љубов, ги слави моментите на препознавање во бесмислената толпата и (повторно) поврзување на раздвоените платоновски две половини од целото… Доживувањето на апсолутната љубов за Маријета не е утопија; нејзините дела, прочистени од секојдневниот наплив на бесмислени сензации, повикуваат на тотално прочистување и исклучување од мрачното и хаотично секојдневие и влез во еден интимен духовен простор.

2018-08-21T17:20:56+00:00 март 5th, 2012|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 82|