Сликата како жртвен објект или Крварење на сликата

/, Галерија, Блесок бр. 44/Сликата како жртвен објект или Крварење на сликата

Сликата како жртвен објект или Крварење на сликата

„Културата секогаш била наднационална“
Robert Musil, Essais, Seuil, Paris

#1 Непосредно по годините кога Петар Мазев го напушта физичкиот контекст на нашето опкружување завладува молк или знак на презаситеност од неговото наметливо уметничко присуство. Беше потребен временски простор за обмисла, преиспитување, ревалоризација на неговиот раскошен опус, подеднакво, како и на неговото константно влијание врз уметничките случувања во Македонија.
Кога временската дистанца (повеќе од десет години од неговата смрт) ги припитомува страстите и пристрасностите, се искристализира вистината во нејзината објективна форма. Денес, ретко кој би го оспорил фактот, дека станува збор за митска фигура, за култна личност во македонското сликарство. Петар Мазев беше и продолжува да биде парадигма и духовен предводник на голем број македонски сликари родени, пред сè, во четириесеттите, педесеттите и шеесеттите години на 20-от век. Оние поединци од генерациите воспитувани под неговата аура, што се оформуваат како автономни личности, не се следбеници на неговиот експлицитен ракопис, туку на неговата експлицитна вештина на владеење со сликарскиот феномен, на неговата харизма.

#2 Пробивниот звук на сликарството на Петар Мазев допира и до уметничките кругови во републиките на некогашна Југославија, со продолжено ехо на местата во светот кадешто се претставува, а пред сè во САД. Џон Расел во the New York Times ги запознава Американците со „неодоливата енергија на неговите слики“1F. За поблиску да го дефинира, го споредува со Френсис Бејкон и со Вилијам Де Кунинг. Истото го прави во Питсбург и критичарот Хари Шволб. Во списанието Art укажува на „изненадувачки суптилните изразности на лицата“2F во платната на Мазев. Во некои аспекти, тој дури му дава и предност на нашиот сликар, во споредба со Де Кунинг и со Џексон Полок.

*

#3 Оваа изложба се усредоточува на последните десет години од создавањето на Мазев. Најголемиот дел од делата за првпат се изложува. Мислам дека сега е моментот, во оваа, како што веќе споменав, порелаксирана атмосфера, да ѝ се даде на увид на јавноста она што повеќе од деценија трпеливо го чекаше својот миг во неговото ателје. Насликани во период на растечко несогласување со состојбите во непосредната средина и на суровата семејна драма – загубата на неговиот постар син, сликарот Константин Мазев – најчесто за време на неговата доброволна изолација на брегот на Дојранското Езеро, предложените слики, по сила на травматичниот контекст, не можеле да бидат исти како претходните. Градени се со боја/материја натопена со претчувство на трагедија и слом, со безгранична болка и отсуство на иднина. Сликарските постапки ја следат оваа линија на душевно страдање на најочевиден начин. Треба посебно да се раскажува за проседеата, зашто се особени и автохтони, без разлика на нивните визуелни релации со Пикасо или со Де Кунинг. #4 Сродноста е само мамка, илузија, бидејќи генезата е друга, инкомпатибилна со онаа на споменатите сликари. Петар Мазев анатомски ги раствора човечките тела врз сликарското платно. Нивната мускулатура, тетивите, распарчените органи и сл. се поставени all over, како грунд-база. Потоа во засирената боја на оваа голема рана, вешто ги исцртува мачните претстави на неговото вознемирено битие: контурите на главите, или деловите од лицето, а ретко и по некој од екстремитетите. Од хаосот и уништеното се обидува да ја реконструира изгубената стварност. Онаму каде што сликарската материја не е бесформно петно се јавуваат особено широки потези (на одредени места со зафат на една третина од платното), силно вертикално насочени, цедејќи ја и сврзувајќи ја течечката материја со хоризонталата на почвата. Насоката на движење на бојата, согласно логиката на земјината тежа, не е во функција на привидна виталност, туку е враќање во утробата на земјата. Хроматиката на спојување со неонтолошкото е оловно сината, црвената на згрутчената крв, зелените што наместо на мугрите реферираат на самракот, белата како замена за излачувањата. Линеаризмите, алтернативно употребувани како нагласена дебела контура и како нежна мрежа, апостериори дејствуваат врз безобличната маса, извлекувајќи остатоци на живот со минимум интервенции.
#5 Особено впечатливи во оваа смисла се цртежите. Црно-бели со акценти на краплак или зелено, односно сино, тие користат растревожена и растреперена линија. Нејзината градба внесува нов систем во познатите кодови на тантелата или на пајаковиот строеж. Се добива впечаток на човечка претстава вградена во мрежа, а потоа притисната до распрснување, при што и фигурата и мрежата се преустројуваат во антипод на симетријата и хармонијата. Цртежот само нè заведува во полето на асоцијациите, навестува дека појавноста на нештото е можно само како асоцијација, сениште, привид, деконструкција, како неспособност за ревитализација. Човечките ликови, потонати во густа црна каша, се спојуваат со инсекти, птици и со некакви недефинирани формации или со сложени органско-неоргански механизми.

#b
1. John Russel, Petar Mazev, The New York Times, New York, February 13, 1981
2. Harry Scwalb, Gallerymania, Art, Pittsburg, July 1981

2018-08-21T17:21:31+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 44|