Славица Јанешлиева – Калемење

/, Галерија, Блесок бр. 57/Славица Јанешлиева – Калемење

Славица Јанешлиева – Калемење

4.
За посеопфатно да се разбере ангажманот на Славица Јанешлиева околу една ваква тема веројатно е потребно доста добро да се познава нејзиното претходно творештво.
Во таа насока, „… за досегашниот уметнички исказ на Славица Јанешлиева е битно да се потенцираат две нешта. Првото би било нејзината впечатлива раскажувачка пленливост, леснотијата со која што таа ги извлекува миговите/приказните од меморијата и, слично на најдобрите постмодернистички раскажувачи, ‘ги меша’ контекстите, времињата, редоследот, ситуациите…, притоа не инсистирајќи на сопствената верзија туку дозволувајќи му и на гледачот да составува и своја приказна. Второто, пак, се однесува на извонредното чувство за визуелизација на нарацијата, каде меморијата / приказната се преточува во претстава, објект, боја – материјализирана супстанца – што моќно ќе ги синтетизира историјата / традицијата и секојдневието, големите идеи и малите нешта, емоциите и рефлексиите, метафорите и значењата“.10F „Всушност. целокупниот досегашен авторски исказ на Јанешлиева – графичкото творештво, инсталациите, објектите итн. – главно се определува во општите модалитети на т.н. ‘уметност во прво лице’ или, уште подобро, во доменот на ‘интерсубјективитетот’ и (авто)рефлексивното. Тоа ќе рече дека нејзините досегашни проекти, безмалу во континуитет на една сосема лична ‘приказна’, се врзуваат во еден вид самореференцијален систем компониран од сегментни стории со интимно-семеен бекграунд. Во тој контекст интимното/семејното може да заличи на замена за општото / општественото, ‘бегство’ од оваа и ваква општествена реалност, но во самата суштина сепак е длабоко поврзано со редица горливи (традиционални. морални…) дилеми актуелни за глобалната средина“.11F
#5 Оттука, овој проект на Јанешлиева е всушност уште еден во редицата нејзини актуелни ангажмани, нејзини лични видувања и „коментари“ на вечни теми, секогаш горчливо провокативни и по правило со „широк спектар”. Ова пак, од друга страна, некому може да му заличи на здодевно морализирање коешто, во крајна линија, нема врска со per se. Се разбира дека не е така, а особено не кога е во прашање уметник од типот на Јанешлиева. Зашто Славица не држи лекции и не праќа пораки. Тоа им го препушта на помалку инвентивните. Таа во себе „ја носи“ темата/болката, ја развива / ја „зрее“ до цврст концепт со јасна мисла и профилирана визура. И во тој концепт нема место за ефтини морализирања или банални додворувања!
Во контекстот на македонската бегалска тема мотивот / предизвикот кај Јанешлиева, на прв поглед, може да остане нејасен (ако воопшто е потребен некаков мотив за уметничкото творештво?). Зошто и од каде интересот токму за една ваква неистражена и, да бидеме отворени. денес сè уште комплексна, чудно непозната и „проблематична приказна“? А всушност нема тајни, туку предизвикот е токму тука: во комплексноста на темата, во нејзината (сè уште) „затвореност“, во катастрофичните димензии, во неверојатните судбини на учесниците, во …! Можат да се набројуваат уште десетици причини, меѓу кои секако некои од најбитните се и потребата од гласност, од јавност, од звучност … , потребата истата соодветно да се димензионира и историски и секако уметнички, неопходноста светот, но и ние самите, уште безброј пати да се соочиме со суровата вистина. Се разбира, тука е и клучното прашање: како и зошто историјата, како и зошто светот знае се за сите други егзодуси, а за овој речиси ништо? Оттука, користејќи ја мислата на Бенјамин дека „вистинската слика на минатото нечујно минува крај нас, минатото може да се сфати како слика која силно блеснува во моментот на сознанието и потоа се губи во неврат … бидејќи во секоја сегашност во неврат може да исчезне сликата на минатото, во која таа не знаела да се препознае себеси“, Јанешлиева како да сака „да задржи“ некои слики, да ги „замрзне“ колку за миг, времено да ги оттргне од невратот – барем додека подобро не ги разбереме или им ја оддадеме должната почит.
#6 Концептот на проектот „Калемење“ е повеќезначен / повеќеслоен. Лајтмотивот апсолутно е бегалската тема – егзодусот на македонските семејства во времето на Граѓанската војна во Грција 1946-49, но околу него Јанешлиева „ткае“ неколку круцијални точки. Оттука и организацијата на визуелниот дел ја следи оваа логика:
Првата точка секако е потресната, бескрајната. трагичната … вечната бегалска колона која in contunio, како perpetuum mobile, се движи низ човековата историја. Во случајов, тоа е македонскиот дел од пеколот, егејскиот егзодус, колоната македонски бегалци пред чистките на воените орди, „… ги водат децата и, за да не им се спие, ќе ги тераат да бројат ѕвезди. Ќе си замислуваат желби и ќе бројат. А единствената нивна желба е да ги остават да се наспијат … Децата ќе се држат за скутините на мајките и ќе бројат ѕвезди“.12F Тоа е секвенца од егејскиот егзил, но всушност тоа може да биде и секоја друга колона бегалци: од Палестина и Судан, од Авганистан и Ирак, од Мијанмар…! Суштината е иста, само „сценографијата“ и „костимографијата“ се различни. Тие се колони неми судбини што мачно чекорат низ секакви беспаќа, колони што зад себе оставиле се, а пред себе гледаат само големо – ништо! Тоа е почетокот, тоа е воведот во една голема идна празнотија. во нови преселби и привикнувања на нови краишта, нови луѓе …!
#7 Ако првата „приказна“ е (навидум) општа, генерална и глобална, „анонимна“ и колективна … втората точка (делумно) ја персонализира, ѝ дава идентитет! Овде веќе колоната се идентификува, полека станува препознатлива преку нејзините директни учесници – некогашните деца бегалци и нивните стории, во неа фигурите се олицетворени – добиваат лик, глас, име и презиме. Сепак, поентата на Јанешлиева не е целосно да нè воведе односно „запознае“ со ликовите во приказната, зашто тоа веќе би била литература или филм. Во случајов таа бара нешто друго, бара (и наоѓа!) поинаква визуелна поетика. Личностите и нивните стории се фон преку којшто Јанешлиева следи други „траги“. Поточно, организирајќи го овој сегмент од „приказната“ преку неколку сепаратни видео и/или фото стории / секвенци, Јанешлиева го концентрира вниманието (и нејзиното и нашето), не толку на раскажувачите, туку на одделни делови од нивното тело. Односно, на неколку важни детали како елементи коишто ќе потенцираат „нови приказни“! На пример, рацете (поврзани со податокот дека староста на децата-бегалци била определувана според коските на рацете), потоа, косата (по правило сечена како превентивна мерка кога бегалците пристигнувале на одредиштата) итн.!
#8 Третиот сегмент на проектот, третата „приказна“, всушност е крајот, или – очекуваниот нов почеток! Поточно: иако морничаво насилно оттргнати од родните живеалишта (најчесто и од родителите и најблиските роднини), од децата-бегалци, но и од повозрасните, се очекувало едноставно да продолжат со своите животи – таму „некаде“, во туѓа земја, во сосема непозната средина, како ништо да не се случило! Јанешлиева всушност ја „тестира“ оваа теза споредувајќи ја бегалската приказна со калемењето млади дрвца, односно вештачкото „пресадување“ деца од една средина во друга го поврзува со подеднакво вештачкото накалемување, „трансплантирање“ еден растителен вид врз друг! И оваа „стара и проверена“ техника на калемење во практиката, по правило, функционира. Младите фиданки, како и младите деца, по правило, „го примаат“ калемот, растат и се развиваат, барем навидум, онака како што замислил калемарот(?). Зашто и човековиот род, како и дрвцата, е жилава сорта! Прашање е само што и како останува внатре – какви белези, какви траги остануваат во годовите, во душата, во паметењето!

5.
#9 Навраќајќи нè повторно на не така далечните случувања под „црното небо над Егејот“,13F Јанешлиева и за нас (симболично) „го отплаќа“ долгот кон егејската епопеја. Не допуштајќи „моментот на сознанието“ да биде само блесок, минатото да биде само течение во неврат, во мигот препознатливо, но во вечноста загубено, таа прецизно и емотивно го гради својот агол на перципирање. Тајмингот можеби е совршен зашто токму сега повторно се отвораат комплекс прашања за човековите / културните и други права на Македонците во регионот. Егејскиот егзодус – случка невидена и во библиски размери14F – е важен дел од овој комплекс.

#b
10. Златко Теодосиевски, Јанешлиева (каталог), Национална галерија на Македонија, 2005.
11 Исто.
12. Петре М. Андреевски, Небеска Тимјановна, Дневник/Табернакул, Скопје, 2007, стр. 152.
13. Иван Чаповски, Црното небо над Егејот, Дневник, 20 септември 2007, стр. 11.
14 Исто.

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 57|