Славица Јанешлиева – Калемење

/, Галерија, Блесок бр. 57/Славица Јанешлиева – Калемење

Славица Јанешлиева – Калемење

Мултимедијален центар Мала станица, октомври 2007

1.
Темата за бегалците/бегалството е една од т.н. вечни теми, тема што буквално и апсолутно комуницира со сите цивилизациски кодови на постоењето. Низ неа / во неа директно се прекршуваат / се обединуваат суштествени егзистенцијални и морални, филозофски, социолошки … и секакви други аспекти / консеквенци на човековата судбина. Но, едновремено, бегалската тема е далеку од некакво можно рационално промислување; таа е крајно стресна, емотивна содржина пред која што речиси и не може да се застане со подготвен одбранбен механизам на незаинтересираност или со „ладна глава“. Зашто, пред сè, бегалството/изгонувањето/прогонот … се доживува и преживува низ призмата на колективни трагедии и егзодуси, низ сликите на колони измачени, несреќни и страдни старци, жени и деца … слики што не оставаат простор за рамнодушност!
#1 Од друга страна, можеме ли и целокупната (позната) историја на човештвото да ја „врземе“ за бегалскиот синдром, можеме ли и изгонувањето на Адам и Ева од Рајот да го третираме како чин на (посредно) бегалство? Зашто, во крајна линија, бегалството е сепак реакција на која што најчесто ѝ претходи акција – прогонот – така што тогаш ова директно е и библиска тема, што уште повеќе ја зацврстува нејзината „вечност“. Дотолку повеќе што Првата книга, освен „рајската приказна“, изобилува и со друга „живописна“ и убедлива елаборација на оваа круцијална тема и со други подрастични примери – протерувањето на Евреите од Египет, прогонот / бегалството на христијаните од Израел итн., – уверувајќи нè дека историјата на човештвото е историја на бегалството!
Но, и многу „повозбудливиот“ реален свет, пресликан во одделни настани од подалечното или поблиското минато, изобилува со далеку посурови примери на акција и реакција, на прогон и бегалство: Едиктот од Фонтенебло на Луј XIV од 1685,1F Советската револуција во Русија 1917,2F т.н. Ерменски геноцид во 1915-1917 година,3F ужасите и холокаустот на Втората светска војна, формирањето на државата Израел во 1948 и неколкуте израелско-арапски војни4F итн.
#2 Ниту денес, и покрај шокантните историски искуства, ситуацијата со бегалците не е подобра. Податоците на УНХЦР велат дека на почетокот на 2006 година во светот имало 8,4 милиони бегалци! И: околу 80% од бегалците секогаш се жени и деца!
Причините за овие неверојатно мачни и како по правило секогаш еклатантно крвави случувања се различни: верски, територијални, идеолошки, расни …! Односно, причините секогаш како да се необјасниво поинакви, а методите и резултатите секогаш – исти!
Конечниот исход е како пресликана матрица: крв и солзи. мртви и раселени, раздвоени семејства и прекроени судбини, лични и колективни драми, илјадници „изместени“ животи …

2.
Бегалската тема не му е туѓа на македонското историско искуство. И тоа од различни аспекти – и како земја/националност директно подложена на бегалски геноцид, но и како територија низ/во која се „одигрувале“ низа бегалски кризи. Но, македонските искуства се, повеќе или помалку, туѓи за светското историско паметење зашто во пребарувањата/препрочитувањата на сите можни бегалски кризни жаришта низ светската историја Македонија буквално не се споменува! Или – многу ретко, што повторно се сведува на исто!
#3 Ова особено се однесува на темата на овој уметнички проект – трагичниот македонски бегалски егзодус во времето на Граѓанската војна во Грција, односно нејзиниот крај (1948-49 година) – кој што, главно, во денес популарните и лесно достапни „извори“ (интернет), или не се спомнува или, пак, се сведува на еуфемизми од типот: „депортација“, „преселување“, „транспортирање“ на семејства или деца, без да се наведе нивното етничко потекло. Од друга страна, бројни се изворите кои драстично ја менуваат вистината именувајќи ги (особено децата бегалци) како „грчки деца трансформирани во фанатични Македонци“.5F Иако бројките зачудувачки варираат – некои достигнувајќи 700.000 6F бегалци, други потенцирајќи ги 28.296-те деца7F – повеќе од јасно е дека станува збор за трагичен егзодус, невиден во балкански размери во дваесеттиот век.
Од друга страна, иако ова не е место за таква елаборација, прашање е колку ние самите сме придонеле / сработиле за поцелосно и посеопфатно документирање и јавно објаснување на овие настани!

3.
Навраќајќи се на почетокот на овој текст – на потенцираното емотивно доживување на оваа тема, односно токму заради тоа – би можело да се заклучи дека таквата тема (на глобално рамниште или како конкретна, поединечна случка) би била податлива за евентуална уметничка транспозиција. Веројатно, но практиката, барем македонската уметничка практика, говори сосема спротивно. Односно: бегалската тема, независно од „богатото“ македонско историско искуство, не е честа уметничка тема. Дури може да се каже дека е зачудувачки игнорирана.
#4 Особено кога станува збор токму за темата на овој проект – македонскиот егзодус во времето на Граѓанската војна во Грција – сериозните уметнички проекти (во визуелните творечки медиуми) можат да се набројат на прсти!8F Се разбира, тука прв се наметнува филмот „Црно семе“ на Кирил Ценевски, неколку документарни филмови (на пример, „Тулгеш“ на Коле Манев) и телевизиски емисии („Сињорите на грчката дипломатија“ на Никола Калајџиски). како и најновото филмско остварување „Децата од 1948“ на младата Сузана Диневски. Во ликовната уметност примерите се уште помалубројни: можеби во сликарството на Коле Манев (повеќе како атмосфера, референца и слично). некои остварувања во скулптурата и графиката на Насо Беќаровски, и толку.9F

#b
1. Овој Едикт го става протестантизмот вон законот и практично предизвикува насилна преселба на околу 500.000 протестанти (хугеноти) од Франција во други европски земји.
2. Предизвикува бегалски бран од околу 1.500.000 луѓе, главно во земјите на Европа.
3. Предизвикува насилна преселба на околу еден милион Ерменци од Турција.
4. Според некои проценки, во тој период се раселени околу два милиони луѓе (Палестинци. Евреи и други).
5. Irene Lagani, The Removal of the Greek Children and Greek-Yugoslav Relations, 1949-1953 – A Critical Approach, Athens: I. Sideris, 1996
6. Greece Civil War, Library of Congress Country Studies
7. The Black Book of Communism, by Stéphane Courtois, Nicolas Werth, Jean-Louis Panné, Andrzej Packowski, Karel Bartosek and Jean-Louis Margolin, H.U.P., Cambridge, MA. 1999
8. За разлика од ова, оваа тема е особено присутна во македонската литература, во творештвото на редица реномирани македонски пистели: Ташко Георгиевски, Петар Ширилов, Иван Чаповски, Ката Мисиркова, Паскал Гилевски, Ташко Ширилов, Кица Барџиева-Колбе и др.
9. Во овој контекст, иако не директно врзано со конкретната „македонска“ варијанта на оваа тема, туку согледана пошироко, секако, треба да се спомне изложбата „Уметници & бегалци“ (куратор Мелентие Пандиловски) во Музејот на град Скопје, 1999.

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 57|