Разговор со Петар Мазев 1989/90

/, Галерија, Блесок бр. 116/Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90


САД: Целото сликарство Ви е пиктуралност на внатрешни сукоби: контура со плоха, жолто со црвено, фигура со хаотичен простор…
ПМ: Во некои слики барам чист цртеж, само основата да е неутрална. Сукобот директно да расте и звучи од цртежот.
САД: Она што ги обединува спротивностите во Вашите слики е единството на просторот. Немате позадина врз која лежат „формите“. Сè заедно се стопува во еден единствен конгломерат.
ПМ: Настојувам светлината да биде таа арматура што ќе ја држи сликата.
САД: Кај Вас не живее конкретно третата димензија. Дури и во мозаиците ја нема. Ги почитувате сликарските законитости и интегритетот на сликарството. Дури имам впечаток дека ја нагласувате плошноста – претставите Ви се „сплескани“.
ПМ: И мозаиците што сум ги видел немаат трета димензија, не бараат длабочина. Таа не ме возбудува. Јас сум современ сликар.
САД: Им припаѓате на сликарите на СТРАСТА, на егзалтирното, дионизиско, еудемонистичко доживување на светот, што се врзува со синтагмата „агресивно сликарство“, вистинско сликарство. Колку Ви значи страста, можно ли е нејзино дозирање или усмерување?
ПМ: Секој човек има сопствена температура и изворче. Некој има мало изворче што бргу секнува. Некој има буен извор што блика. Ако се потиснува таа температура или тој извор тогаш се добива некаква вештачка творба, лажна. Јас ја водам страста до експлозија. Без неа моето сликарство ќе згасне.
САД: Што е она во Вашето сликарство што и покрај повеќето фази и изрази останува трајно, константно? На што му останувате без прекин доследни? Што е она Ваше од кое не можете да избегате?
ПМ: Јас сум потполно распрсната природа. Кај мене нема организација. Сè препуштам на времето, на чувствата. Но кога пријателите ме анализираат ми велат дека и покрај тој впечаток на дезорганизираност сепак во мене постои систем, цврстина, некое посебно чуло што ме управува, ме усмерува. Во секој случај од чувствата не можам да побегнам.
САД: Јас забележувам дека сите Ваши слики од првата до последната, ги води енергијата на страста. Таа е наметливо присутна во континуитет.
ПМ: Времето на ХХ век е грубо, не можам да сликам романтика. Самото време ми го наметнува тој интензитет на енергијата , тој степен на страста што сраснала со мене.
САД: Да резимираме: создавате уметност што интензивно ја живеете додека сликате. Се трошите и физички, секој потег значи и истурање и материјализација на Вашата енергија, претопување а биолошката енергија и на внатрешните вибрации во сликарска материја. Дали за Вас бојата (материјата) има магиско, симболично или друго значење?
ПМ: Кај мене нема свесно одење кон симболика на бојата. Сосема спонтано ќе употребам црвена или жолта. Кога ќе почувствувам дека не е доволно звучна (како тонот на музиката) продолжувам да го барам соодветниот звук на пигментот.
САД: Значи чисто сликарски, феноменолошки ù пристапувате на бојата, но зошто тогаш најчесто сликате со црвено и црно?
ПМ: Не знам дали црвената боја најмногу ја употребувам, но ја сакам. Немам теориско објаснување за тоа кои и какво бои користам. Кога ќе ги погледнам боите на палетата, она што најупорно ме повикува, таа ќе ја земам.
САД: Колку повеќе ги впивам Вашите слики, толку повеќе ми се наметнува една мисла на Ман Реј, дека „уметничките дела не треба да се проценуваат поред нивните ликовни квалитети, туку според нивната сила да изненадат, да пореметат, да ги направат нештата загадочни, да разонодат и на нè наведат на размислување“.
ПМ: Ми се допаѓа ова мислење. Сликата, ликовното е вклопено во делото, но пиктуралноста не е примарна. Уметничкото дело треба да раздвижи, да предизвика, да направи допир. Ако предизвикува, тогаш те повикува на војна, на дијалог.

2018-09-20T12:29:33+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 116|