Разговор со Петар Мазев 1989/90

/, Галерија, Блесок бр. 116/Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90


САД: Значи не планирате, не скицирате, не проектирате а приори зашто кај Вас функционираат други механизми. Тој хаотичен, слободен протек на претстави како одговор на напнатата егзистенција го води висок интензитет на творечка тензија. Има ли систем во сет тоа?
ПМ: Енергијата на потегот, бојата, како сами да се организираат. Нешто длабоко внатре ме тера на пр. Да исцедам цела туба боја врз платното и во еден миг да го организирам нејзиното движење. Како да изведувам некој експеримент, како да тонам во нешто непознато, а сепак длабоко мое. Сликарството е како пронаоѓање. Секојпат нешто ново откривам, неповторливо, како огнот што го следам во каминот: тој е постојано друг, никогаш не се повторува една и иста форма, цртеж или ист интензитет на бојата. Понекогаш додека сликам, во мојата визија појасно ги гледам нештата, понекогаш ми се заматени. Сè зависи од тоа колку сум набиен со енергија или колку рутина имам во себе. Никогаш не сум потполно задоволен. Како да имам постојано некое внатрешно чешање и тој треба да излезе. Понекогаш долго време работам некоја слика сè додека не дојде до просветлување на нејасното, до експлозија. Тогаш ќе се почувствувам ослободен и испразнет. Кога ќе дојде до тој момент сметам дека сликата е завршена.
САД: Водите еден вид на војна. За францускиот уметник Анри Мишо најзначаен елемент во творечкиот процес е тонусот; „За да го постигне тоа, човекот свесно или несвесно се стреми кон една состојба која е максимум елан, максимум згуснатост, максимум битие, максимум актуелизација, а сето друго е само погонско средство или повод“.
ПМ: Ако не се налутам во текот на сликањето нема слика. Таков ми е начинот на сликање. Ги барам тие екстремни ситуации.
САД: Зборувате во Лиотарова смисла за уметноста како поле на сили и напнатости. Што значи за Вас, на пример да бидете задоволни, исполнети со среќа и задоволство?
ПМ: Тоа излегува од некоја внатрешна тензија. Ако не сум возбуден, ако не сум предизвикан, ако имам некоја тишина во душата, немам потреба ништо да кажам. Кога ќе се наелектризирам, сите сетила ќе почнат да работат во мене, ќе почнам да треперам и тогаш сум најсилен и почнувам да сликам. Сликарството за мене е професија преку која густината на напнатоста можам да ја натерам да излезе од мене.
САД: Последнава деценија Вашите слики се сликани со чиста боја, без слоеви, без онаа густина на пластовите, карактеристична за претходните слики. Сега цртежот, композицијата како да лебдат. Претпоставувам дека прво поставувате петна на платното, а во втората фаза настојувате со графизам да градите своевидни претстави. Меѓутоа, тој цртеж е лабав. Како на пр. Кај Полок каде линијата не е во функција на цртеж што гради, туку што разградува.
ПМ: Често во последно време мислам паралелно како да го спротиставам флуидот – транспарентноста – и тврдата материја – конзистентноста. Сега го правам контрастот поголем. Оставам бело платно – воздух – и едновремено ставам многу густо акумулирана материја, што значи цврстина. Сега повеќе мислам на светлината преку бојата. Тоа ми е моментална преокупација.
САД: Материјата во Вашето сликарство има клучно онтолошко значење. Таа ги обединува, односно ги брише разликите меѓу Вашите апстрактни и фигуративни композиции. Енформелски ги работите сите слики, без разлика дали фигурата е присутна или не. Материјата е голема уста што сè голта и сè вари во своите енформелски сокови, за да ја роди конечно деструкцијата или деформацијата во сликата како ликовни ентитети.
ПМ: Енформелот го сфаќам како моја потреба и како потреба на времето – слика набиена со енергија и не е суштествено на која насока ù припаѓа. Јас го гледам светот преку кривата, извиткана, неспокојна линија. На пр. Кога одам на море, свесно ù вртам грб на морската шир. Сите се свртени кон неа, јас секогаш се поставувам во обратна позиција – не го сакам флуидот на водата, ја барам материјата, немирните контури на планините и дрвјата. Затоа ме возбудува густата стврднатост, конзистентноста на земјата или оној графизам кога светлината се сече со земјата, со темнината. Сакам феномените одеднаш да ги осетам и веднаш на нив да реагирам како и сите експресионисти.
САД: Постојано го нагласувате сукобот. И кога го нема сами го создавате. И како човек и како сликар Вие сте типичен претставник на „автономната послушност“, наспроти „хетерономната“, што значи дека за Вас не постои респект кон туѓото мислење?
ПМ: Го сакам сето она што ме спречува. Задоволство ми е да ги кршам правилата, табуите: да поминам со колата на црвено светло. Сакам да не бидам послушен. Сакам сукоб, предизвик, сам да одлучувам.

2018-09-20T12:29:33+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 116|