Разговор со Петар Мазев 1989/90

/, Галерија, Блесок бр. 116/Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90


САД: Во какви просторни услови сликавте?

ПМ: Бидејќи немав ателје, одев во манастирите на Западна Македонија. Се сретнав со тишината на Св. Јован Бигорски. Со мене носев платно и бои и сликав со месеци сосема сам. Ако некогаш сум бил сам со сликарството, тоа е тоа време во Св. Јован Бигорски: меѓу 1953 и 1954 година. Уште чувам слики од тој период , иако многу од нив подоцна ги пресликав.
Впрочем сликав насекаде, каде што ќе најдам малку простор. Кога се вработив во Куклениот театар со колегата Гуте (Аврамовски Драгутин) заедно сликавме во едно приспособено ателје. Тоа беше убаво време. Се’ се прифаќаше со елан и страст. СО нас излагаа и се радуваа на нашите успеси и нашите некогашни професори. Почнавме да се групираме. Групата „Мугри“ на којашто и’ припаѓав, спонтано се создаде. Мислам дека тогаш не размислувавме за соединување според некаков принцип на блискости во естетските гледишта. Имам дури впечаток дека имавме и дијаметрално различни сфаќања за сликарството.
САД: Но кога се гледа денес, од значајна временска дистанца, групата „Мугри“ го оправдуваше својот назив. Значеше едно друго, ново гледање на ликовните проблеми. Конечно и Вие во текот на членувањето во оваа група ги направивте првите апстрактни слики (1961): „Црвен Град“, „Златен остров“. Како одеднаш од метафизичкото сликарство преминавте, со висок скок, во енформелот?
ПМ: Отсекогаш сум имал потреба да го менувам мојот израз. Почнав со експресионизам, продолжив со еден вид метафизичко сликарство и во почетокот на шеесеттите години се определив за апстракцијата.
САД: Што беше одлучувачко за Вашите слики од 1959 година (метафизичко сликарство, со примеси на конструктивизам, магичен реализам и надреализам)? Очигледно е дека тоа беше јазик на времето, манир кај Србиновиќ, Прица, Прегељ, Возаревиќ, Кондовски, Куновски, Велков… своевиден генерациски код. Колку имаше искреност и можност за индивидуална дикција во оваа ликовна насока? Впрочем, и „менталитетот“ на тој јазик беше инкомпатибилен со Вашата личност.
ПМ: Во тие години беше нормално да се биде под влијание на изразот на времето. Едноставно не можеше да се избега од некои движења. Мене лично не ми одговараше тој израз. Но сметам дека ако уметникот е вистинска индивидуа и ако е смел има можност да се врати кон себе си.
САД: Да се вратиме на апстракцијата, како ја објаснувате „белата фаза“?
ПМ; Не можам да си ја објаснам таа „бела фаза“. Имаше некој божествен мир во тие манастири. Се’ што сум впивал таму, таа концентрација, тоа средување, веројатно оставило трага врз енформелските платна.
САД: Но во тие слики, сепак, има едно неспокојство. И мирот и геометризмот (своевидна мондријановска шема) во нив се само илузија, привид. Кога се анализира потегот, материјата, светлината, се укажува на динамиката: геометријата отстапува од својата крута линија, материјата е во вртлози и слоеви. Светлината трепери во повеќе точки. Воопшто, се’ се движи. Со други зборови експресионизмот сепак живее во енформелот.
ПМ: Го има сукобот, сукобот на потези, на структури. „Белата фаза“ ми ја објасни материјата, густината. Кога сликам бела површина ја барам структурата, максимално го хранам платното, ги вметнувам монистрата, дрвото. И сето тоа ја освестува, ја разбудува статичноста. Во тие слики бележам една свечена атмосфера блиска до духот на манастирските простори.

2018-09-20T12:29:33+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 116|