Радост на сликањето

/, Галерија, Блесок бр. 53/Радост на сликањето

Радост на сликањето

Зрелост

#25 Не сум сигурен колку овој наслов е соодветен за периодот на создавањето на Сергеј Андреевски по 1998 година, зашто не секогаш зрелоста доаѓа со бројот на годините (разбрани како возраст или стаж во одделна дејност). Многу примери нè демантираат односно потврдуваат дека зрелост (особено во уметноста) може да се има и во млади години, то ест и на самите уметнички почетоци. Би рекол дека и Сергеј е таков пример. А, од друга страна, според возраста, Сергеј допрва го очекуваат „зрели“ творечки години!
Оттука, ваквиот наслов повеќе се однесува на поводот – јубилејот на уметникот, но треба да укаже и на зрелоста на уметникот во размислите за сопственото сликарство, на донесувањето некои важни одлуки за иднината и слично.
#26 Во овој контекст, крајот на стариот и почетокот на новиот милениум како да означуваше и некаква пресвртница во неговиот живот и сликарството. Поточно, Сергеј со право оцени дека е време да ѝ посвети поголемо внимание на презентацијата на своето сликарство вон македонските граници. Впрочем, ваквата одлука уметникот ја носи уште од времето на големата изложба во 1998 година: „Кога ја видов изложбата, кога ги поставив сликите – знаев, енергијата беше таму, во просторот. И помислив дека веќе треба да се прошируваат видиците, да се оди надвор“.20F
Од 1999 година наваму голем дел од неговиот творечки живот се одвива на релацијата Македонија – Јапонија – Кина – Германија – Шкотска – САД …! И за него како личност, но и за неговото сликарство, тоа се исклучително важни патувања, престои, запознавања на земји и луѓе, учества на изложби, контакти со колеги итн.21F Тоа едновремено претставува и можност за „глобална“ проверка на дотогаш сработеното, во средини што ниту прават ниту, пак, имаат причина и потреба да прават компромиси со уметноста. Во овој поглед одгласите што доаѓаа(т) од интернационалната уметничка сцена за неговото сликарство се навистина извонредни. И тоа е факт што секако му годи и на Сергеј, но и на македонската уметност и култура. Ако кон тоа се додаде и мислењето на реномираниот светски историчар на уметноста и теоретичар Џенсен, кој смета дека „тој е врвен талент, кој заслужува интернационално внимание (…) тој употребува многу боја директно од туба или, пак, измешана на самото платно, но се чувствува контрола што е вистинско мајсторство“,22F тогаш сите нешта доаѓаат на свое место!
Сите овие патувања по светот, целата оваа интернационална авантура на Сергеј секако не можеше да не остави трага врз неговото сликарство. Но, впрочем, меѓу другото, тоа и била целта.
#27 И овие траги се евидентни: на цртежите работени во Јапонија и Кина, на сликите од честите престои во САД итн. Но тоа се посакувани влијанија кои што уште еднаш ја потврдуваат тезата дека Сергеј не е сликар кој се храни исклучиво од внатре. Дури напротив – сите овие дела настанати на неговите патувања го содржат токму надворешниот импулс, оние сите попатни импресии, влијанија, приказни/настани што ги слушал и видел … Впрочем и самиот Сергеј прецизно ги памети сите дела и „приказните“ поврзани со нивното настанување: една прекрасна слика од Париз која што точно го пренесува париското сивило на еден есенски ден; дело изработено во Истанбул, а врз основа на кажувањата за мостот на самоубијците во овој град; сината фаза и рибите при неговиот прв контакт со океанот во САД; песокот во неговите дела настанати на плажите на Bold Head Island, исто така во САД; специфичната експресионистичка калиграфија на цртежите од Јапонија итн.
Она што е карактеристично за целиот овој период е извонредното чувство на радост во сликањето и слобода во изразувањето. Платната просто бликаат од живост, позитивни енергии, глад за сликање, опиеност од убавините на мигот – на животот!
#28 Во овој период на речиси безгранично ослободување на Сергеј како личност и како сликар, ќе дојде целосно до израз и неговата изворна/исконска страст за директен судир со платното. Во многу наврати Сергеј целосно ќе ги отфрли сите „помошни“ алатки – четки, туби со боја – и ќе почне да слика директно со рацете! Овој вид акционо сликарство, практикувано низ историјата кај многумина мајстори од рангот на Полок, Де Кунинг, Пикасо и други, секако е израз на конечна, дефинитивна слобода на духот, раскрстување со сите стеги, норми и традиции, апсолутна сплотеност со ритуалот на сликањето и делото во настанување!
Дали, пак, тоа е и исполнување на идеалот на Сергеј – тој и процесот/сликата да станат едно, останува да се види! Пред него се уште многу дела, многу „битки“. Но еднаш освоените слободи, еднаш извојуваните победи – остануваат за секогаш!

Наместо заклучок

#29 И Сергеј Андреевски како уметник и неговото дваесетгодишно сликарство се редок пример на виталност на сликарството, на експресијата во македонската ликовна уметност во последниве петнаесетина години. Дури и најголемите (не само) македонски скептици – оние кои одамна го прогласија сликарството за мртво – не можат а да не се поклонат пред неговата енергија и упорноста, пред неговата необјаснива страст за сликање и опсесивната обземеност од чинот/ритуалот на сликањето.
Во овој контекст не смее да се заборави дека сликарството на Сергеј се развива во релативно неповолни услови за овој вид уметност. Тука пред сè мислам на климата во уметноста во Македонија последниве петнаесетина години и на задоцнетиот наплив на (дел од) постмодерниот уметнички јазик: инсталациите, новите медиуми, перформансот итн. Речиси целосно зазбивтана по овој (новооткриен, а всушност веќе многу стар) уметнички исказ, македонската уметничка сцена повеќе заличуваше на провинциски театар без насока, во кој што „класичниот“ уметнички израз (сликарството, скулптурата, цртежот…) беше практично екскомунициран. И дотолку повеќе, Сергеј и неговата ѕвезда, неговата импресивна упорност и моќниот сликарски исказ заслужуваат посебен респект.
#30 Она, пак, што е особено важно не само за Сергеј туку и за македонската уметност и култура во целост е сè поцврстото и поуспешното „инсталирање“ на сликарството на Сергеј на интернационалната уметничка сцена. И Сергеј и неговата уметност и понатаму, секогаш, ќе бидат македонски зашто тоа им е и судба и определба, зашто од секој гест, од секој потег, од секоја боја просто извира локалниот, овдешниот македонски/медитерански код. Но, едновремено, и Сергеј и неговото сликарство (треба да) се дел од универзалното светско уметничко семејство на високи вредности, вистински наследници и репрезенти на вековните блескави македонски уметнички традиции.

#b
20. Јасна Франговска, Сергеј Андреевски: Патот на потегот, Арт Поинт – Гумно, Скопје, јули 2006, стр. 13.
21. Ако се има предвид сè уште маѓепснички затворениот круг во којшто се врти денешната македонска уметност, потпирајќи се на некакви свои „вредности“ и „критериуми“, ваквите контакти со светот се навистина непроценливи!
22. Јасна Франговска, Сергеј Андреевски: Патот на потегот, Арт Поинт – Гумно, Скопје, јули 2006, стр. 39.

АвторЗлатко Теодосиевски
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|