Радост на сликањето

/, Галерија, Блесок бр. 53/Радост на сликањето

Радост на сликањето

#19 Трансформации (1989–1998)

Периодот што следува по важната изложба за Сергеј во 1989 година е подеднакво исполнет со работа – сликањето пред сè, но и презентацијата на неговото творештво пред јавноста. Веќе усвоеното турбулентно темпо Сергеј дури и го интензивира со почести изложби вон Македонија (во тогашните центри во некогашна Југославија), но и во странство (особено во Нирнберг, каде неговото сликарство наидува на одличен прием). Во овој период Сергеј е добитник и на шест реномирани национални награди за неговото сликарство, што секако претставува дополнителна сатисфакција и мотивација.
Но, она што овде е поважно е фактот дека наметнатото работно и изложувачко темпо не е на штета на неговото сликарство, туку напротив – низ процесот на секојдневна работа зреат и сликарот и неговото дело, се прошируваат и, секако, продлабочуваат неговите визури, Сергеј стекнува сигурност (но никогаш рутина или манир!) и самодоверба што го водат и во нови истражувања и трансформации.

#20 Врв на овој негов период е секако изложбата во Музејот на град Скопје во мај 1998 година. На оваа изложба Сергеј презентира пред јавноста околу 100 дела настанати во периодот 1994–1998 година. Оваа изложба, веќе потенцирана како една од реперните точки за неговото сликарство во изминатиов период од дваесет години, безмалку во целост ги заокружува сите дотогашни карактеристики и потенцијали на Сергеј Андреевски но, што е уште побитно, отвора и нови патишта во неговото сликарство.
Поточно, генерално, сликарството на Сергеј во наведениот период ги задржува носечките, препознатливите белези: тоа е сликарство на енергија, гест и експресија, примарно колористичко и експлицитно фигуративно. Но, од друга страна, голем број дела од овој период очигледно упатуваат на сериозно обмислени трансформации во самата организација на сликата, во употребата на несликарски материјали, во третманот на композицијата, дури и во самата сликарска постапка … Или, поконцизно, во голем број дела од овој период како да се појавува еден нов, зрел Сергеј кој несомнено бара „нешто повеќе“ од себе и од платното пред него. Веќе сè не е само импулс, нагон, гест … туку и процес на градење на делото, на еден или на друг начин. Се разбира, го има и оној „стариот“ Сергеј – на моменти дури уште пожесток, поагресивен, во вистинска војна со платното!
#21 Ова, пак, во извесна смисла, кај некого може да предизвика двоумење односно помисла за некакво двојство во уметничката практика на Сергеј. Всушност, мислам дека не станува збор за двојство туку и за тројство, односно за множество на „уметнички практики“ коишто, едноставно, зависат од миговите на инспирација, од надворешните и внатрешните импулси, темпераментот … што го водат сликарот во даден момент. Односно, станува збор за циклични практики од еден ист извор. Од друга страна, и самиот Сергеј констатира дека тој долго не се задржува на одредена фаза, одреден циклус: „Често некои ликовни фази ми се незавршени. Не се имам доискажано. Но, патот ми се променил. Не го правам тоа свесно. Оставам да ме носи матицата. Секогаш ѝ дозволувам да ме носи. Незавршените фази се случиле зашто самото творештво побарало така. Ме однело во некој друг свет“.16F

Можеме ли, треба ли „да жалиме“ што одделни фази, одредени циклуси траеле премногу кратко, што уметникот не ги развивал и обмислувал подолго? Можеби ќе вроделе со уште поголем број одлични дела? Веројатно не, зашто веќе самиот факт што уметникот (особено од типот на Сергеј) самоиницијативно то ест инстинктивно напушта едно заради друго, една заради друга фаза, говори дека претходната „приказна“ – завршила!
#22 Една од битните карактеристики/трансформации во овој период е значително зголемената сигурност во ракувањето со четката односно, најчесто, нејзино целосно елиминирање/замена со директно сликање/истиснување од тубите. Ова е уште еден чекор понатаму во ритуалниот чин на сликањето при што уметникот едноставно копнее да го „скрати“ процесот, да ги најде пократките патишта до делото елиминирајќи ги притоа сите „пречки“ што го обременуваат непосредниот контакт со платното. Чинот/постапката туба-четка-платно сега е „скратен“ за еден чекор. Конечното ослободување ќе дојде набргу!
Овие дела, извонредно штедри во боениот намаз, ја потенцираат линеарната нерватура на раката. Намазите се повторуваат еден до друг, еден врз друг, еден низ друг … „тие се вртложат, прскаат и се прелеваат преку површината на сликата“17F … и сето тоа безброј пати … „цртајќи“ по платното со пастуозна боја. Овој сплет на боени намази врз површината на платното упатува на тактилен, дури скулптурален ефект, просто мамејќи ве да пријдете и да го допрете.
#23 Понатаму, а во контекстот на претходно спомнатата (евентуална) можност „да жалиме“ за одредена фаза, потписникот на овие редови, од денешна перспектива и сосема субјективно, би рекол дека „жали“ што една фаза од овој период на творештвото на Сергеј не траела подолго. Станува збор за (можеби изненадувачките) интервенции на Сергеј со несликарски материјали врз платното. Тоа е една серија слики каде Сергеј (и буквално) гради, во сликите вметнува суви гранчиња и други материјали: врз човековата фигура, во кучето (или што и да е), врз птицата, за неа гради гнезда …! Овие „градби“ не се „архитектонски“ промислени туку и тие се, повеќе или помалку, експресионистички третирани – нафрлувани, гмечени, „редени“ без посебен градежно-рационален ред. „Човек-гнездо ги прибира птиците од небото во сопственото тело од испреплетени гранки. Од нечие око расте отровно билје. Пред вас е лице од тревки и суви цветови коишто птиците ги грабаат со клуновите и ги носат некаде“.18F Но, од друга страна, и оваа фаза, овој циклус, можеби е само логично продолжение на претходната карактеристика на пастуозна, тактилна, речиси скулптурално нанесена боја врз платното. Овде бојата е едноставно заменета со друг материјал, а функцијата останува иста!
И овој циклус, како и многуте други, нема да трае долго и ваквата постапка – со ваков материјал, до денес, нема да се повтори во сликарството на Сергеј Андреевски. Поточно, и подоцна ќе се појавуваат дела во кои Сергеј ќе интервенира со несликарски материјали – песок, асфалт и слично – но тоа ќе биде само инцидентно, односно, нема да има поширок обем.
#24 Третата битна карактеристика на (еден дел од) делата на Сергеј од овој период е натамошното развивање на препознатливата експресионистичка, гестуална и импулсивна сликарска постапка, сега во нова, „воинствена“ варијанта. Голем дел од сликите од овој период личат на боиште после војна, на жестока битка на сликарот со платното. „Ако ‘агресивноста’ и ‘војната’ можат воопшто да произведат нешто позитивно тогаш тоа се делата на Андреевски зашто овој сликар како да води отворена емотивна војна со платното. Го напаѓа со сите расположливи ‘оружја’ – директно со тубите бои, со четката, ако затреба и самите дланки …! Но, ‘воинствениот’ дијалог на Андреевски со платното никогаш не започнува рационално и со умисла, туку доаѓа инстинктивно, без цел што е однапред зададена. Односно, целта е да се освои, да се покори белината на платното, но без претходно разработена стратегија и тактика“.19F Платната се целосно исликани во навидум хаотичен тек на енергии кои како да излегуваат од самата утроба на уметникот.
И тука, уште еднаш, Сергеј потврдува дека за него е примарен самиот процес на создавањето, а резултатите се безмалку потсвесни изливи на моментни чувства, сугестивни одблесоци на непосредните влијанија на околината.

#b
16. Јасна Франговска, Сергеј Андреевски: Патот на потегот, Арт Поинт – Гумно, Скопје, јули 2006, стр. 27.
17. Емил Алексиев, Подземно сонце (предговор во каталог), Музеј на град Скопје, Скопје, мај 1998.
18. Исто.
19. З(латко) Теодосиевски, Dialogues: l’art macédonien aujourd’hui (предговор во каталог), Уметничка галерија, Скопје, 2003.

АвторЗлатко Теодосиевски
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|