Радост на сликањето

/, Галерија, Блесок бр. 53/Радост на сликањето

Радост на сликањето

#14Почетоци (1985-1989)

Периодот по завршувањето на студиите, претпоставувам, не е лесен ниту за еден млад уметник. Судирот со реалниот живот и борбата за опстанок, потребата за докажување, за „сè и веднаш“ … се тегобност која што скршила многумина млади, особено во македонската средина. Сергеј Андреевски, завршувајќи ги студиите на Академијата за ликовни уметности во Скопје во 1985 година, имал и дополнителни предизвици: да научи да го канализира темпераментот и да „излезе“ од сенката на големиот професор Петар Мазев!
Првото – темпераментот – е нешто што тешко се скротува, особено кај личности како Сергеј, но можеби може да се „научи“ да се насочува, да се контролира барем во одредени ситуации, зашто ниту една средина, особено не македонската, не сака баш сè да се каже јавно и отворено, без задршка, да се „чепка“ по веќе востановените „вредности“ и слично. Едновремено, македонската средина не сака брзи успеси, прескокнување „на редот“, дури и кога тие се темелат на потенцијален квалитет – сè треба да се одвива според некои шаблонизирани норми на зачмаеното малограѓанско опкружување! Во еден таков контекст, бројните изложби на Сергеј (годишно по една, дури и две) што следат веднаш по завршувањето на Академијата и неговата брза популарност кај публиката и медиумите често се проследени со чудење, збунетост, некогаш и со малициозни коментари. Иако и тогаш Сергеј ова јавно го објаснувал со неговиот темперамент и начин на сликање – „Јас сум уметник што многу работи. Нема ден да не ја фатам четката в раце. Вистински посветениот уметник не може да го спречи ништо да создава“9F – средината мораше полека да свикне на доаѓањето на младите македонски генерации.
#15 Второто – проблемот со „сенката“ на Петар Мазев – всушност никогаш и не бил проблем, освен за неуките и малициозните. Петар Мазев бил еден од неговите професори на Академијата и Сергеј никогаш не ја криел фасцинацијата со Мазев како личност и како сликар. „Дури во допирот со Мазев мојот темперамент дојде до израз, бидејќи ние сме слична природа“,10F вели Сергеј. Но, би рекол, тука почнуваат и тука завршуваат сите сличности! Сигурно дека Мазев како сликар и педагог одиграл голема улога во ослободувањето на темпераментот на младиот колега, во нормалните и логичните поуки за уметноста/сликарството, а веројатно бил и пример кон кој Сергеј стремел.
Но, од друга страна, овде мора да се потенцира дека сликарството на Сергеј Андреевски – дури и она веднаш по завршувањето на Академијата – и сликарството на Петар Мазев се безмалку два света! И тоа речиси на сите рамништа. Освен сличностите во темпераментот и, можеби делумно, во начинот на сликање, суштината на овие две сликарства е – различна. Најконцизно речено, на пример, сликарството на Мазев е болка а на Сергеј радост; Мазев разградува, Сергеј (сè уште) гради; Мазев е често суров и брутален песимист, Сергеј е (сè уште) непоправлив оптимист итн., итн.
#16 Како и да е, по реализираните десетина самостојни и учеството на над 25 групни изложби, во релативно краток период од четири години по дипломирањето, Сергеј во 1989 година ја приреди за него значајната и амбициозно подготвена изложба во Уметничката галерија во Скопје. Оваа изложба може да се земе како репер за постигнатото во периодот по дипломирањето, односно како некаков сублимат на неговиот (условно) прв творечки период.
Оваа изложба во многу нешта ќе ги потврди ставовите дека станува збор за расен експресионист кој допрва ќе ги развива и покажува потенцијалите, изразит колорист, уметник кој спонтано ги активира сите сетила при создавањето на сликата. Точката на внимание по правило е насочена кон Човекот – животот – емоциите: интимните понирања во драматичното секојдневие, психолошките состојби, сопствениот немир и сензибилитет … оквалификувани и како еден вид „витешки романтизам“.11F
Веќе во овие дела се оцртуваат главните карактеристики на неговото сликарство, што понатаму континуирано ќе се развиваат и дополнуваат: експресивниот, гестуален потег; композицијата; третманот на фигурата; колоритот итн.
#17 Особено потенциран е интересот за експресивната фигурација изразена низ поединечни фигури или парови/групи, портрет и слично, често со различен приод и третман: цели, делумно деформирани фигури; полу-фигури; експресивни лица итн. Во одредени дела („Модро затемнување“, „Луѓе од Атлантида“) фигурите се конципирани со монументална стаменост, додека во „Слика во зелено“ фигурата полека ќе се „разложува“, издолжува и стилизира, ставајќи го во центарот на вниманието лицето – ликот (што подоцна ќе стане доминантен третман на фигурата). Треба да се спомене и тоа дека во контекстот на ваквата фигурација Сергеј постојано, до денес, ќе се навраќа и на фигурите на животни – куче, птица, мачка, коњ – објаснувајќи дека „тоа се наоѓа во мене, затоа што тоа сум го гледал во своето детство, а сега само го исфрлам од себе“.12F
Во овие дела веќе целосно ќе дојде до израз и неговиот третман на бојата како примарен елемент во сликарството. Во тоа ќе се согласи и критиката истакнувајќи дека „со неа Андреевски црта, ја гради формата и боените сензации во сликата, но истовремено таа има улога на средство и непосреден преносник на внатрешната вознемиреност“,13F односно дека „суровите, фовистички (отворени) бои (…) поседуваат драматична снага на душевните импулси“.14F И навистина, колоритниот спектакл на Сергеј Андреевски (што допрва ќе биде развиван!) веќе на оваа изложба никого не остава рамнодушен со силината, жестокоста и чувствувањето на боите, нивниот навидум хаотично гестуален распоред на платното а всушност во целосна корелација со неговата идеја за сликата/сликарството.
#18 И тука секако треба да се издвои уште еден битен (или најбитен!) момент којшто оттогаш наваму ќе биде безмалку темелот на неговото сликарство. Односно, овие дела на Сергеј се, покрај другото, негова објава на ритуалот на сликањето како врвен чин во сликарството! Сето друго за него е речиси неважно или второстепено, возбудливо но само како резултат, повторливо колку и да изгледа неповторливо. Битен е самиот чин издигнат на пиедесталот на ритуално-магиски настан, опсесивната обземеност што започнува со самото застанување пред белината на подлогата, но само за „… да се види ‘крајот’ на сликата и веднаш сизифовски да се почне одново …“.15F

#b
9. С. Ѓуровска, Пружена рака (разговор со Сергеј Андреевски), Нова Македонија, 26.09.1989, стр. 11.
10. Исто.
11. Љубен Пауновски, предговор во: Сергеј Андреевски, Уметничка галерија, Скопје, октомври 1989.
12. Исто како бр. 9.
13. Владимир Величковски, Непосреден израз, ЛИК, бр. 75/1989.
14. Мирјана Талеска, предговор во: Сергеј Андреевски, Уметничка галерија, Скопје, октомври 1989.
15. Исто.

АвторЗлатко Теодосиевски
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|