Радост на сликањето

/, Галерија, Блесок бр. 53/Радост на сликањето

Радост на сликањето

За сликарството на Сергеј Андреевски

„Така е, јас ја сликам радоста на живеењето.“7F
Сергеј Андреевски

#11 Ако цитираната реченица од уметникот ја дополниме со констатацијата дека сликарството на Сергеј Андреевски е експресионистичко, дали во стартот сме рекле сè, дали сме ја допреле неговата вистинска суштина?8F Да, и тука потписникот на овие редови нема речиси никакви дилеми. Зашто и уметникот и неговото сликарство безмалку не оставаат простор за други можни толкувања вон определбите на експресионизмот. Тој, експресионизмот, é и во самото битие на Андреевски, некаков негов (наследен) генетски код од којшто, едноставно, не се бега! Оттука и неговото сликарство не може да биде поинакво освен такво какво што е – експресионистичко, безмалку како да е „пресликано“ од теориските трактати за експресионизмот како природа на уметноста: внатрешен импулс, нагон, инстинкт, чувства … потреба за „борба“ со сликата, напад и одбрана, давање и земање … страст, хедонизам, хуманизам …!
Кога велам дека Сергеј é експресионист, не мислам само на неговото минато и сегашно сликарство. Иако овој текст е всушност поврзан со 20-годишниот јубилеј на Сергеј Андреевски и логично е да гледа „назад“, констатациите за неговиот експресионизам се однесуваат колку на минатото и сегашноста толку и на иднината. Не дека си земам за право да бидам пророк и да предвидувам како Сергеј ќе слика утре или задутре, туку слободен сум ова да го кажам од проста причина што не верувам дека суштината на неговото сликарство може да се промени! Во сиве овие изминати дваесетина години тоа секако се менувало, се менува и ќе се менува. Сергеј, а со него и неговото сликарство, зрее од ден во ден, од слика во слика, од циклус во циклус. Неговото сликарство евидентно се трансформира – бара, истражува, чувствува, реагира/кореспондира, допирајќи/користејќи притоа елементи и искуства од многу (експресионистички „настроени“) историски и современи правци. На пример, во одделни периоди или во одделни циклуси Сергеј ќе допре искуства на фовистите во однос на бојата, блиски ќе му бидат акционото сликарство, поуките на новата фигурација итн. Или, на пример, неговите циклуси (или конкретни дела) се директно или индиректно поврзани со конкретни случки, настани, локации.
#12 И овие трансформации ќе бидат претставени на наредните страници. Но, наспроти сите менувања, неговата суштина е една – неговата радост, страст, еуфорија за сликање не спласнала дваесет години, ниту пак тоа може да се случи со уметници од типот на Сергеј!
Во овој контекст, а при спомнувањето на можните директни или индиректни влијанија на неговото сликарство (односно на одделни циклуси и, уште повеќе, на поединечни дела), неопходно е извесно дообјаснување.
Имено, Сергеј Андреевски не е ирационален сликар, ниту пак неговото (интуитивно) сликарство може генерално да се поистоветува со, на пример, автоматизмот на надреалистите, „Кобра“ и слично. Експресионистичката постапка на Сергеј вклучува и такви мигови (некогаш повеќе – некогаш помалку), но тој е сликар кој реагира (и) на рационални и надворешни импулси! Конкретни ситуации или случајни поттици, случка врежана во меморијата или настан/лик што му се одвива во мигот токму пред очите, сивилото на еден град или, пак, песокот на брегот … сето тоа понатаму станува негова тема, негово сликарство, негова Уметност.
#13 Во рамките на овие општи цртички за сликарството на Сергеј Андреевски не може да се одмине уште еден особено битен, или – примарен, елемент: бојата. Иако на употребата и значењето на бојата во неговото сликарство ќе се навраќаме почесто подоцна, овде мора да се потенцира дека таа, бојата, „ја носи“ пресудната ролја во неговите дела! Колку што по природа е експресионист, исто, или многу повеќе, Сергеј е – колорист. Без оглед како бојата ќе биде нанесена на платното – со четка, директно од тубата, со раце … – таа секогаш ќе биде силна и чиста, формална и симболична, драматична и еуфорична, говорлива и певлива … Во многу нешта близок до фовистичкото разбирање на бојата во сликарството, се чини дека кај Сергеј (рационално или не?) од самите почетоци провејува и одреден бунтовнички однос (повторно сличен на фовистите!) против закоравените малограѓански норми и правила, против предрасудите и усталените шаблони на однесување (не само во уметноста).
Конечно, иако веќе беше спомнато, сликарството на Сергеј Андреевски во изминативе дваесетина години помина низ низа менувања и трансформации. Дел од нив критиката успеа да ги забележи, дел не. Но, според мене, а во интерес на поголема концизност во искажувањето, мислам дека сите овие трансформации можат да се „збијат“ во три битни точки: од завршувањето на Академијата до изложбата во Уметничката галерија во Скопје во 1989 година; периодот од оваа изложба до изложбата во Музејот на град Скопје во 1998 година; периодот по оваа изложба до денес.

#b
7. Јасна Франговска, Сергеј Андреевски: Патот на потегот, Арт Поинт – Гумно, Скопје, јули 2006, стр. 47.
8. И овде, повторно, морам да потенцирам дека поимот експресионизам поврзан со сликарството на Сергеј Андреевски треба да биде разбран не како блискост со истоимената стилско-историска појава/движење, туку како природа на уметноста!

АвторЗлатко Теодосиевски
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|