Радост на сликањето

/, Галерија, Блесок бр. 53/Радост на сликањето

Радост на сликањето

Цртички за македонскиот експресионизам

„Се сретнуваш со белото платно. Тука си ти како сликар, тука е платното, тука е бојата. Ништо не ти е јасно. Како тоа бело платно ќе стане живот?“3F
Петар Мазев

#4 Не случајно овој текст го започнувам со Петар Мазев – веројатно најголемиот македонски експресионист, еден од малкумината уметници што оставија вистински личен белег на македонската ликовна уметност на дваесеттиот век, уметник во чие што творештво како да се беа соединиле кумулативните вековни македонски искуства (историја, традиција) и совремието, еруптивен сликар (од светски формат) чиишто дела со децении беа гледани како современи македонски икони. Неговиот експресионизам во траење не можеше лесно да се подведе во тесни дефинициски рамки зашто неговото сликарство бегаше од дефиниции, рамки, фиоки … Тоа, едноставно, беше – состојба!
Колку и да беше еден и единствен, Мазев секако не беше осамена појава во македонската уметност. Иако неговата појава во извесна смисла просто „ги впи“ сите претходници – од Св. Пантелејмон во Нерези до Никола Мартиноски – неговата харизма, неговото сликарство, неговата еуфорична страст за сликање поттикнаа, окуражија, „произведоа“ плејада расни експресионисти во македонската ликовна уметност во втората половина на дваесеттиот век.
#5 Но, всушност, и не само во Македонија, експресионизмот секако и не е само една од стилско-историските појави/движења во уметноста од почетокот на дваесеттиот век, ниту пак заврши само со „ренесансата“ на варијантите во апстрактниот експресионизам, новата фигурација, нео-експресионизмот и слично многу децении подоцна. Експресионизмот, во сите негови варијанти и менувања, до денес остана разбран како природа на уметноста, една од најсуштествените и најпостојаните појави во современата уметност.4F
Некој овде може да приговори дека експресијата е својствена на секое уметничко дело (се разбира, ако станува збор за уметничко дело!). И тоа е точно, зашто и „најмирното“, „најтивкото“ дело – на пример, белите платна на Малевич – се и тоа како експресивни! Но – не се експресионистички, односно ја немаат идејата да бидат такви. Нивната експресивност е насочена кон изразување сосема други нешта.
#6 Поточно, ако до „уметничкото дело може да се дојде само од човековата внатрешност“, како што пишувал Мунк, односно ако припадник на експресионизмот може да биде „секој кој непосредно и неизвештачено го изразува она што нагонски го тера на создавање“,5F како што запишале во прогласот експресионистите од групата „Мост“ во далечната 1905 година, тогаш веројатно е јасно за што станува збор. Оттука нагонот, инстинктот, внатрешните импулси и нужности … се основата на уметничкото изразување на експресионистите. Уметничкото дело се занимава со внатрешното и невидливото, тоа не е толку производ на рационален процес туку претставува збир на психосоциолошки проекции!

#b
3. Софија Ѓуровска, Да не беше страста посилна од разумот (разговор со Петар Мазев), ЛИК, бр. 25, 1987, стр. 8–9.
4. Дури и само како стилско-историско движење, експресионизмот никогаш не бил единствен и целовит туку изобилувал со различни истражувања (и резултати) во однос на содржината на сликата.
5. Според: Лазар Трифуновић, Сликарски правци XX века, Јединство, Приштина, 1982, стр. 42–43.

АвторЗлатко Теодосиевски
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|