Превртено

Превртено

– или колку е тешко да се сними (добар) филм –

Режија: Игор Иванов
Сценарио: Игор Иванов и Венко Андоновски
Кинематографер: Томи Салковски
Монтажа: Игор Андреевски
Музика: Зоран Спасовски
Улоги: Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ, Славиша Кајевски, Никола Ристановски, Ѓорѓи Јолевски, Марија Кондовска, Јовица Михајловски

Непосредно по премиерната проекција на Превртено во Битола, авторот на романот Папокот на светот и коавтор на сценариото за филмот, Венко Андоновски, ми рече: „Тешко ми е да зборувам за нешто зад кое стои и мојот потпис… Овој филм го доживеав како принудно слетување со авион.“

#1 Проектот Превртено уште во својата развојна фаза ги имаше сите неопходни атрибути за создавање солиден уметнички продукт. Тука беше Папокот на светот – еден од најзначајните романи на современата македонска проза, добитник на престижната Балканика – на Венко Андоновски, тука беше Игор Иванов кој со претходните свои остварувања (Сабвеј и НЕП) и особено со краткиот филм Бубачки се стекна со реноме на сериозен и инвентивен автор, тука беше и екипата чијшто состав ветуваше високо професионално рамниште во реализацијата на филмот. Добар дел од овие претпоставки се инкорпорирани во филмот, така што можеме да зборуваме како за филм со интегритет и со сугестивен авторски печат. Сепак, подеталната анализа ќе укаже и на некои меѓу-нијанси кои се резултат на извесни тешкотии околу склопувањето на конечната верзија.

СТАВ ПРВИ – НАРАЦИЈА
Превртено е сосема пристоен филм. Само како потсетување, филмот, како ниедна друга наративна уметност, изискува прецизна, доследна и, пред сè, стилски јасна раскажувачка линија која ќе нè води до големото финале. Читајќи книга, евентуалните нејаснотии ги решаваме со препрочитување на пасусот или страницата. Кај филмот, и трепкањето со очите може да биде пресудно, пропуштеното или неразбраното да се надоместат само со повторно гледање на целиот филм (ова се однесува само на кино проекциите, а не и на домашното ДВД-гледање). Значи, првичните дилеми се однесуваат на дифузноста во наративната структура на дејствието. Проблемот не е во превртеното време или во флешбек секвенците, туку во временското дозирање на нивното траење. Со други зборови, категоријата време, или траење, како да избегала од контрола. Текстуалната предлошка, во својата филмска варијанта како да ја губи од потребната тензичност и сугестивност, како предолго да ја одложува навестената разрешница и катарза. Сепак, одличното решение на финалето на филмот делумно ги покрива или прикрива претходните „недостатоци“.

#2 СТАВ ВТОРИ – РЕАЛИЗАЦИЈА
Режисерски и продукциски, Превртено е повеќе од пристоен филм. Авторите (режисерот, кинематограферот и авторот на музиката) сосема знаеле што прават. Малобројните забелешки се однесуваат на неколкуте секвенци кои можеле да се решат поинвентивно и да се заобиколи чувството на déjà vu. Снимателската работа е пример за консеквентност и визуелна доследност во текот на целиот филм. Уедначената гама на колорот и светлото, како и екстраваганцијата во сцените со акробатката на трапезот, му даваат извонредно атрактивна димензија на целиот филм. Музиката е уште еден од квалитетите на Превртено, особено партитурата на Спасовски кој со извонредно чувство за тематска илустрација, без непотребни кокетирања и пикови, прецизно, умешно, и временски и динамички ги дозира дискретните музички акценти. Монтажата е во целосна функција на концептот на филмот иако извесно динамизирање би имало посилен ефект во некои делови од филмот.

СТАВ ТРЕТ – АКТЕРИ
Според кастингот, Превртено е горе-долу пристоен филм. По извонредната креација во филмот Како убив светец, Милан Тоциновски се наметна како актер со автореференцијален имиџ, урбан бунтовник и симпатичен мангуп со социјални и „политички“ проблеми. Речиси истиот профил на „јунак“, Тоциновски во ликот на Јан го има и во Превртено. Одличен е и во широките и во крупните планови, со прецизна и најчесто спонтана мимика во сите расположенија. За жал, неговата партнерка Сања Трајковиќ во улогата на Луција се чини дека не е вистинскиот избор за носечката женска улога. Мошне несигурна, на места нарцисоидна и без искрени емоции, Луција е далеку од ликот во романот на Андоновски. Во дефинирањето на нејзиниот лик не помагаат ниту експлицитната еротика, ниту убавото кадрирање, па така Трајковиќ ја доживуваме како фешн-девојка залутана од некоја друга приказна. Останатите ликови се онолку добри, колку што тоа од нив го бараат приказната и режисерот.

#3 СТАВ ЧЕТВРТИ – ВПЕЧАТОЦИ
Кога на крајот ќе ги потсредиме емоциите, Превртено е сепак добар филм. На места е возбудлив, на места мачен, на места растегнат, на места духовит… и сè некако како да го има оној сенс и визура од времето на југословенскиот црн бран, максимум песимизам, минимум надеж, антихероите кои ги сакаме по нивната смрт, жените како декор на настаните, темните валери, црно-белото во боја… Тука нема грев, но како да нема и нова идеја, како да недостасува некој нов зрак светлина за генерацијата која ќе се соочи со сопствената иднина.

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 57|