Прашина имаме, каде е коњот?

/, Галерија, Блесок бр. 34/Прашина имаме, каде е коњот?

Прашина имаме, каде е коњот?

Филмски вежби – Прашина:

#4 „Прашина“ е сместена во два временски периоди, во три цивилизации, на неколку јазици, со четири визуелно сосема спротивни постапки. Авторот на филмот со својата постапка, генерално, издвојува три приказни и притоа приказните се мешаат, се пресекуваат, се враќаат и навраќаат, некои работи се кријат, па повторно се појавуваат. Има и доста соништа. Кореспондира со шпагети вестерните, дури и музичкиот акцент, кога се појавуваат вестерн ликовите во главните сцени, е со усна хармоника како во филмовите на Леоне. Крајот не може а да не се спореди во крајот на „Дивата орда“ на Пекимпо. Доста комплицирано. Многу комплицирано во режисерската коцепција и страшно амбициозно како скапа продукција.
Да почнеме од синопсисот.
Во Њујорк. Црнец (Еџ) влегува во стан да бара пари. Баба – Ангела, од 100 години, го сочекува со голем пиштол и му вели please to meet you, hope you guess my name3F. Почнува да му раскажува приказна. Таа постојано му навестува дека парите се тука некаде. Приказната што ја раскажува нè враќа во времето на Дивиот Запад, западно од Пекос (во Пекос, нели, судија беше милосливиот и слаткоречив Рој Бин). Двајца браќа, Лук и Илајџа, не се знае кој е побрз со пиштолот, се вљубуваат во иста девојка: француската курва Лилит. Постариот, Лук, не знаеме зошто, бега во Европа. На бродот се сретнуваме со Фројд (исто така не знаеме зошто), а во Париз со филмовите на Манаки. Гледајќи ги овие филмови, Лук сфаќа дека неговата иднина е во Македонија, место каде што цивилизацијата сè уште нема допрено, алтернативен Див Запад. Рај за бандитите и пиштолџиите. Во Македонија тој пљачкосува заедно со една крволочна банда, а во исто време го гони царот – Даскалот, заштитникот на Македонците, чија глава е богато уценета. Бабата добива срцев удар. Еџ ја носи во болницата „Св. Лука“. Приказната продолжува. Илајџа, кој дошол во Македонија и му се придружил на турскиот потерџија, кого го гони царот, го пронаоѓа и го ранува Лук. Лук бива спасен од бремената Македонка Неда. Таа го лечи, а тој разбира дека тоа е жената на уценетиот комита. Преку неколку халуцинации, разбираме дека Лук имал афера со Французинката. – Затоа бате е лут, претпоставуваат гледачите. Црнецот мора да најде пари, затоа што расипани џандари го гонат за некаков долг. Бабата сè уште раскажува. Потерџијата го фатил царот и му ја скратил главата. Селото на царот е запалено. Лук добива понуда да ја одмазди главата на царот за грне жолтици. Тој тоа не сака да го стори, а парите ги зема (?). Се сретнува со братот. Лук тогаш разбира дека Лилит се самоубила. Црнецот ги наоѓа парите, тоа се парите од грнето на Лук. Бабата умира, а не му ја докажува приказната. Црнецот сега е богат и им се одмаздува на расипаните џандари. Црнецот ја носи со авион пепелта на бабата во Македонија. Тој ѝ ја прераскажува приказната на девојката што седи до него. Во крајот што тој го кажува, Лук оди во кампот на потерџијата, десет минути пукање и сите Турци и грчкиот православен поп се мртви. Мртов е и Корто Малтезе. Мртва е и Неда, која во смртната агонија раѓа дете. Тоа е Ангела, чија пепел се наоѓа во урната. На крајот од битката е убиен и Лук. Илајџа го зема бебето и фрла петка-глава. Петка, го носи бебето во Америка.
#5 Значи, имаме три приказни: 1. За бабата и црнецот, и црнецот и лошите полицајци (време сегашно, Њујорк и авион Њујорк – Европа) 2. За браќата Лук и Илајџа и француското ороспииче (време минато; локација на Дивиот Запад, и уште подива Македонија) 3. Царот, Лук и Неда (време минато, локација Македонија). Се менуваат времињата, кои на места се сеќавања со флеш-бекови. Значи, на двапати времето е враќано наназад. Македонија, Дивиот Запад наспроти урбаниот Њујорк. Како да се спојат овие приказни, за да биде интересно, да има suspense; времињата и локациите да се одвоени дури и ликовно, а музиката да биде применлива во три приказни, во две епохи и во три цивилизации; да им се оддаде должна почит на идолите од филмската историја, да се биде оригинален, нарацијата да не биде веќе видена; Македонија и Македонците да бидат добри карактери; да се предизвикаат емоции на страв, тага и емпатија; да се биде интертекстуален со литературните влијанија, да се дејствува интелектуално, да се каже дека рокенролот го сакавме ама дека сепак е мртов, да се биде одмерено духовит, да се испочитуваат историјата и историските факти; да се каже дека на Балканот е судирот меѓу Истокот и Западот… Реков, амбициозно.
Не е тоа нешто невидено во историјата на филмот. Филмовите најчесто се со повеќе од три приказни. Некогаш приказните не се ни поврзуваат и тие филмови ги викаат омнибуси, а најчесто се снимаат по принцип: еден режисер – една приказна. Друг пат, режисерот спојува неколку приказни, чии носители се различни ликови, кои со време се спојуваат како во „Пред дождот“. Некогаш приказните се условени со временски скокови. Често приказните ги спојува предмет, како такси возило, пиштол или личност. Има случаи кога не се чувствува како се спојувани приказните. Тој метод е најделикатен. Ова, нели, го знаевме.
Времињата често се мешаат. За таа цел, писателите и сценаристите измислуваа и временски машини. Времето може да се измеша со тоа што нарацијата ќе следи некој предмет во подолг временски период. Може да се измешаат времињата со тоа што ќе го замрзнете и одмрзнете главниот јунак. Карактер Форест Гамп е исто така можен поврзувач на филм со временски скокови. Стогодишниот наратор е една од оптималните варијанти. Тоа го видовме во „Малиот голем човек“. Во тој филм, нараторот се сеќаваше затоа што така сака новинарот. Овој пристап во старт е со предност кај филмови што треба да се сентиментални. Сите ние сме чувствителни кон старите луѓе. И доколку карактерот на стариот лик го градиме така што тој е бунтовен, ги цитира стиховите на Стоунси, се знае со познати луѓе и во сандак ги чува фотографиите на Џегер и Тито, ракува со оружје, пуши преку маска за кислород, кажува духовити досетки – тогаш продуцентите есапат 100% успех.
#6 Во „Прашина“, поврзувањето на времето повеќе беше филмски, повеќе мотивирано. Но, не и многу (повеќе) спонтано. Дали сте ги гледале цртаните филмови. Секако. А оние на „Ворнер Брос“, со Дафи и Багзи. Кога во „Ворнер“ сакаат своите веќе снимени кратки цртани да ги спојат за да ги пуштат во екстра заработувачка во киносалите, тогаш Багзи ќе биде заробен од таткото на разгалениот син Абадаба. Така во дворецот среде пустината, Багзи ќе мора на Абадаба да му чита приказни. Мошне добра мотивација. Меѓу двете приказни (кратки цртани филмови) Абадаба и Багзи се бркаат, се убедуваат и прават најразлични вратокршачки. Приказните на Багзи најчесто се парафразирани иронизирани верзии на веќе познати приказни. Ваквата конструкција премногу ми кореспондира со „Прашина“, каде што улогите на Багзи и Абадаба се заменети. Значи, ако направиме унија меѓу Багзи и Малиот голем човек, добиваме – прав. Но, и тоа не е важно. Зошто? Затоа што се работи за жанровски филм, а и секогаш ја имаме постмодерната како изговор.
Така доаѓаме до прашањето на саспенсот и мек-гафинот (види: Трифо, „Хичкок“, Институт за филм, 1987, Белград). ММ е филмски човек. Од глава до петици. Ерудит. Неговото сценарио мора нешто да крие, нешто што публиката не го знае, тоа е правило и во шпагети вестерните, и тоа правило не е случајно измислено. Правилото е тука за публиката да седи до крајот на претставата и токму кога ќе треба да замине, ефектот и впечатокот од филмот да бидат најјаки. Во „Прашина“, (Лаки) Лук бега во Македонија. Мошне матно е навестено дека се работи за прељуба и публиката чека и се чуди. Што се случува, зошто браќата се закрвија? Кога филмот ќе ни открие дека тоа било поради прељуба и самоубиството на девојката, веќе поминала втората половина од филмот, една крвава битка, која трае 30 минути, и уште една малку пократка, неколку соништа, агонии и слично. А на гледачите веќе не им е важно што се случува. Потоа, за црнецот што ги бара парите. Тој е под притисок да најде пари затоа што секој следен ден губи по еден дел од телото, по насилен пат. Тој е успешно гонет и неуспешно прогонува. Парите се мек-гафин. Причина што го раскажува филмот. Овој дел од филмот е, можеби, најуспешниот. Оној урбаниот. Тука речиси сè функционира. Мала драма. Бабата е интересен карактер, телевизиски архетип, ама е сепак уверлива; расипаните џандари се одлично смислен заплет, можело да бидат и мафијаши, ама ММ знае дека тоа е стерилно и го избрал вистинскиот пат; младиот црнец е во контрапункт со старата бела баба, а тоа функционира и на планот на комеди рилиф, мислам на оние делови каде што тој (таа) се (го) претставува како нејзин (негов) внук. Сепак, делот во болницата (исто како и карактерот на старицата) мене (субјективно!) ми беше премногу телевизиски, но тоа е во сегментот на режисерската постапка, камера и монтажа. И повторно ќе кажам дека напнатоста (на која, сепак, се инсистира), и во овој дел, се губи со расцепканоста на приказната.

#b
3. Мило ми е што се запознавме, се надевам дека го знаеш моето име (стих од песната „Симпатии за ѓаволот“ од Ролинг Стоунси).

2018-08-21T17:21:40+00:00 септември 1st, 2003|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 34|