Прашина имаме, каде е коњот?

/, Галерија, Блесок бр. 34/Прашина имаме, каде е коњот?

Прашина имаме, каде е коњот?

Стилски вежби

#2 Да претпоставиме две групи. Судирот на две групи е чест драматуршки концепт. Најлесно ни е овие групи да ги спротивставиме така што ќе најдеме предмет за конфликт. Во „Брилјантин“, групите се со слични афинитети и предмет на конфликт се обичната тин-(не)трпеливост и превласта за („розе“) девојките. Само ние (јас) не сакаме таков, романтичен, филм. Не дека има премногу такви примери, туку затоа што самото поврзување со „Брилјантин“ е погибелно. Оптимално е спротивставени групи да се: група момци, која слуша народњаци (малку македонски контекст) и за контрапункт – алтернативни модерни момци. Ултра-турбо-супер-новокомпонираните мелодии со азиски призвук, како такви, се омилени кај наставниците. Судирот на двете групи може да се иницира на разни начини. Значи, ни треба жанр. Двете групи можеме да ги оставиме да се борат сами, како во „Јавачи на долги патеки“, само да ги мотивираме за тоа. Најлесно е ако едната група ја претставиме како „добра“ и vice versa. Така, може да се посоли со една љубовна приказна, ако сакаме да добиеме мелодрамски шмек. Како „Приказна од источната страна“? А доколку сакаме да снимиме крими филм, неопходно е, покрај неколкуте жртви, да имаме и еден навистина осамен инспектор, дедуктивен и аналитичен аналитичар, кој не сака бирократија, или сака понекогаш да се уфикса, можеби и самиот е меѓу сомнителните, што велите да разговара со масовни канибали… Во последно време, за да бидат детективите што поосамени и поранливи, ги врзуваат за кревети. Сакаме хорор? Ќе ги однесеме двете спротивставени групи во интернат каде што ќе има тушеви, туширање и неколку професори. Тогаш можеме да бираме дали ќе се одлучиме за бодиснечерси, за маскиран убиец или отровен полу-човек–полу-пајак. Можеме да најдеме и некој инфериорен ученик, кој на сите им служел за подбив. Сакаме технолошки трилер? Ништо полесно. Неколку чипа, професор и организирана сила. Ако сакаме филм за фестивал, тогаш не е ни потребна интервенција, потребни се два часа каде што не се случува апсолутно ништо. Сè зависи од тоа што сакаме ние, односно продуцентите. На тој принцип работат сите: Исток, Запад, Север и Југ. Конфекција. Да. Треба само да се погодат бројот, времето и цената. Откако го најдовме модусот, можеме да ја раскажеме својата приказна, која нема да е иста како онаа што што сакавме да ја раскажеме, но нели, животот е постојано полн со компромиси.
#3 Но, што ако имаме навистина ретка можност да бидеме оригинални?! Што тогаш? Како да си ја отвориме душата и на патос да го истресеме она што ни лежи и притоа да внимаваме да бидеме оригинални и, се разбира, интелектуални. Каков ќе биде тогаш нашиот модус. Всушност, мојот. Мора да бараме нешто што ни е блиско, нешто што сакаме да го кажеме, кое никој не го кажал и не го поврзал. Поврзавме свет на авангардни и ретроградни, во исто време. Да, одговорот е во времето. Можеме да го смениме времето. Кое време мене ми е блиско, интересно, а притоа полно со иконографија, егзотика, љубов, страст, борба, конфликти… Веднаш го бирам предилинденскиот период. Оној на Јордан Пиперката и браќата. Како да ги поврземе? Како што Тед и Бил се прошетаа по историјата со својата временска машина? Преобично и веќе видено. Има повеќе начини да се поврзат времињата. Покрај времето, јас би измешал малку и дел од цивилизациските придобивки, кои ние Македонците, нели, сесрдно ги делиме и со источната и со западната цивилизација. Така, на спротивставените проевроатлантска група и онаа ретроградна азиска би додал и неколку ученици на размена, еден, да речеме, од Шампањ, Илиноис, а другиот од Анкара, Мала Азија. Скопје, Шампањ и Анкара – универзитетски градови.
Едно прашање. Дали тие две-три приказни можат да се спојат, преплетат, малку да се искршат за да добиеме помодерен израз и дали можеме да им дадеме некоја тривијална мотивација, да бидат жанровски определени (јас сум љубител на жанровите – тоа е толку бизарно)? Можеме. Лесно. Тогаш ќе имаме голем временски скок меѓу приказните и судир на теми. Сигурно нашата етида, да ги поврземе приказните, ќе биде потешка. Ќе треба да се најде поуверлива мотивација, но и тоа е изводливо. Треба да биде и оригинално, и нешто да се каже. Да се има став. Интелектуален. И израз. На крајот да спомнам дека приказната треба да биде спонтана. Да, сето тоа е изводливо. Тешко.

2018-08-21T17:21:40+00:00 септември 1st, 2003|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 34|