Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

/, Галерија, Блесок бр. 28/Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

еклектизам

#3 Творечко интегрирање на различни видови традиција се прави поради новиот еклектички приод кон авторската оригиналност, кон делото, кон жанрот и стилот. Напуштајќи го императивот на новото, оригиналното и неповторливото, еклектицизмот во ова значење користи сè што е расположливо. Ги цитира сите можни стилови на епохата. Затоа овие постмодерни филмски творби се полижанровски. Тие поаѓаат од една идеологија на неверба спрема сите вредности, една теорија на исцрпеност, распад и катастрофичност кога сè е кажано, па ние само ќе го цитираме и ќе го прекажуваме кажаното.

пастиш

#2 Пастишот е најкористената еклектичка техника кај овие филмови (фр. pastiche, смеса, имитирање на манирот на некој познат сликар за чие делото се претставува, измама, прелага, претставување за нешто што не е; пастиш – текст произведен според правилата на друг текст, имитација). Бидејќи веќе нема субјект, нема авторска индивидуалност, нема линеарна историја, нема новум, се создава еден постисториски, постмодерен простор во кој сите практики, сите стилови се дозволени. Во таа слободна игра на „избирање“, не постои некој определувачки вредносен систем, кој би издвојувал приоритети или кој би создавал хиерархија на вредности. Сите елементи, кодови се присутни во една безинтересна и ослободувачка смисла, лишени (или ослободени) од кој било модернистички императив. Користењето на пастишите во постмодернистичката уметност ги лишува стиловите не само од специфичниот контекст туку и од историската смисла. Во таа насока, „Збогум на 20 век“ функционира како сплет од пастиши – на постапокалиптична драма, на семејна драма, на футуристички спектакл, на црно-бел филм, кои се мешаат без оглед на нивната реална историско-уметничка контекстуализација, но тие и влегуваат во еден постисториски простор во кој сите практики се дозволени, сите стилови и стратегии од минатото, во кој ниту хронотопот, колку и да е конкретно одреден, не создава чувство на познатост, на вкотвеност во одреден простор и време. Се работи за апокалиптичната свест на постмодерната, која историјата ја гледа како урнатина (Килб, 1988: 24) или како параноична теорија на заговор, како што е тоа во „Маклабас“.

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 28|