Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

/, Галерија, Блесок бр. 28/Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

метатекстуалност

#13 Постмодернистичките филмови самосвесно и системски го свртуваат вниманието кон својот статус на артефакт. Традиционалниот и модерниот филм најстојуваат да ја минимизираат фикцијата и да го уверат гледачот дека доживува стварност, да изградат таква илузија на светот што ќе го зароби реципиентот во својот привид. Метатекстуалните филмови ја максимализираат фикцијата и му покажуваат на гледачот дека доживува само творештво. Метафилмска техника користи Столе Попов во својот опус. Во „Џипси меџик“ филмот започнува со тоа што Циганите гледаат индиски филм. Начинот на кој тие го доживуваат филмот е миниесеј за односот меѓу филмот и стварноста, видовите рецепција на уметноста. Во „Тетовирање“, затворениците симулираат телевизиска екипа, со која еден од затворениците (Кирил Поп Христов) директно им се обраќа на гледачите, меѓу кои го сместува и својот татко, со што ненадејно го вади гледачот од филмската илузија.

интертекстуалност

#12 Интертекстуалноста е концепт според кој уметноста е составена од уметност не во онаа традиционална смисла дека носи траги од влијанија туку во многу порадикалната смисла: секоја филмска секвенца или сегмент е повторна обработка на други филмови што му претходат или го опкружуваат индивидуалното дело. Не постои нешто како што е оригиналност или прво дело: сета уметност е интертекстуална. Постмодернизмот упатува на тоа дека нема веќе што да се раскажува освен да се истражуваат веќе постојните приказни. Полижанровското испреплетување на македонските постмодернистички филмови е во функција на воспоставување врски со целиот, не само филмски, уметнички универзум. Македонскиот постмодернистички филм се повикува и на општи жанровски модели, но и на конкретни – режисери, авторски писма, филмови, па дури и посебни секвенци од филмови. Во таа смисла, постмодерниот филм не настојува да се издвои од мноштвото филмови и да го наметне своето раскажување како надмоќна претстава на бесконечното и неможното. Повикувањето на другите уметнички дела е признавање на ограничените можности на секое уметничко дело. Овие филмови честопати и намерно го оставаат чувството на несовршеност, незашиеност, шлифот меѓу различните естетски обрасци присутни во нив, со што сакаат да укажат и на материјалниот и на духовниот аспект, начинот на кој настанува едно филмско дело. Интертекстуалната врска се остварува преку техниката на цитатот.

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 28|