Подвижното кино на Министерството за просвета

/, Галерија, Блесок бр. 35/Подвижното кино на Министерството за просвета

Подвижното кино на Министерството за просвета

#2 Десетината библиографски единици за подвижното кино на Министерството за просвета во периодот од 1944 до 1950 година беа доволен предизвик за да се појде во откривање на дејноста на ова кино. Уште повеќе што неговата патувачка „одисеја“ ја проследила и камерата на Трајче Попов, како што во почетокот нагласив, во филмот НИЗ ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА (1948).
Првиот податок за подвижното кино на МП го среќаваме во документацијата на Президиумот на АСНОМ. Имено, во месец декември 1944 година до Поверенството за финансии при АСНОМ доаѓа писмо од извесен Русе Славејков, член на Агитпроп во македонско-ослободителната бригада „Гоце Делчев“, кој известува дека од Главниот штаб на Црвената армија (сместен во Софија) издејствувал да добие подвижно кино како подарок за нашата република (кое, се разбира, веќе било користено). Во писмото се наведува што сè содржи пратката за Македонија: „Еден подвижен кино-камион со по една резервна внатрешна и надворешна гума, еден агрегат од 3 кв за струја, еден 35 мм кинопроектор марка ‘Супер Империјал’, еден звучник и еден засилувач на тонот, трансформатор за проекција, машина за премотување на филмовите, еден културен филм со ролна за прикажување, едно платно за проекција, две ролни за намотување, педесет метри гумен кабел за агрегатот и специјален лепак за филмовите“. Во писмото се наведува дека дел од оваа опрема се наоѓа во воената фабрика на Црвената армија во Софија на репарација и дека веќе во почетокот на 1945 година сето тоа ќе може да се подигне. (9) Во истиот допис, Славејков известува дека заедно со ова го добил и советскиот документарен долгометражен филм НАРОДНИ ОДМАЗДНИЦИ за прикажување во нашите кина. Филмот е прикажан во Македонија – веднаш – во месец декември и за него Анѓа Џувалековска прави осврт во Нова Македонија од 5 декември 1944/1, број 7, стр. 4. Поверенството за финансии спомнатиот допис го препраќа до Поверенството за просвета и веќе кон крајот на јануари следната (1945) година Љубен Лапе (помошник-повереник за народна просвета), Русе Славејков и шоферот Кирил Атевски заминуваат за Софија да ги преземат деловите за подвижното кино и други апарати (радија, грамофони и сл.).(10) Кирил Атевски во текот на месец февруари уште еднаш оди во Софија каде што во воената фабрика на поправка се наоѓа кино-камионот. (11)
Во 1945 година започнуваат, а во наредните години земаат силен замав кампањите за описменување и народно просветување. За аналфабетската кампања во МП се изработуваат повеќе видови агитациски дијапозитиви, кои потоа се прикажуваат во постојаните и подвижните кина. За подвижното кино на МП во текот на 1946 година се набавени уште два проектори, но до овој момент не е откриен податокот од каде потекнуваат. Во извештаите за извршените задачи во 1946 година и особено за третото тромесечие на истата година се вели дека од постојните три подвижни апаратури само една можела да работи, додека останатите две не работеле затоа што немале ламби. (12) Во овој контекст, интересно е да се цитираат делови од документот што е насловен како „Задачи на одделението за народно просветување, кои треба да се завршат до 3, односно до 10 декември 1946 година“: „… Благој Дрнков да ги поправи двата проекциони апарата… и … да се бараат филмови за прикажување“. (13)
Подготвителните работи што се одвивале во МП за активирање на подвижното кино ги дадоа првите значајни резултати од 1947 година па натаму. Имено, во овој период е регистрирана една неверојатно интензивна работа на ова подвижно кино. И треба да се каже и тоа дека подвижното кино своите обиколки низ Македонија, во најголем број случаи, ги прави заедно со подвижната библиотека на МП. Па така, овие две подвижни, да кажеме, институции ја посетиле и Пиринска Македонија во текот на месец септември 1947 година, кога практично се снимени и материјалите за филмот НИЗ ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА, кој ќе се појави како финален производ во следната, 1948, година. Значајно е да се забележи и тоа дека МП во инвестицискиот план за 1947 година планирало да набави уште 5 подвижни кинопроектори со превозни средства и за тоа издвоило 3.000 динари.(14)
Во 1947 година, Отсекот за печат, радио и филм и Отсекот за библиотеки и читалишта, во соработка со Отсекот за борба против неписменоста и народно просветување, направиле прецизен месечен план за обиколките на подвижното кино и подвижната библиотека низ Македонија. Опфатени се голем број мали и нешто поголеми места. На пример – во јануари е планирано да се посетат повеќе села во Скопска околија, потоа во февруари – дел од Битолско и дел од Малешевијата, во март – Повардарјето, па следуваат населени места во Западна Македонија итн. (15) Според извештаите на МП во првото тримесечје (јануари-март) од 1947 година, подвижното кино обиколило 21 населено место каде што се дадени 36 претстави со вкупно 12 023 гледачи, додека, пак, во второто тримесечје (април-јуни) биле обиколени 16 населени места со 18 проекции и со посетеност од 6 203 гледачи. (16) Печатот, а и радиото, се разбира, редовно ги следат активностите на подвижното кино и подвижната библиотека. Ќе направиме кус хронолошко-содржински преглед на библиографските единици. Нова Македонија на 4 март 1947 година на 5-тата страница ја објавува информацијата под наслов „Подвижно кино и изложба на книги ја обиколуваат Македонија по повод празникот на жената 8 Март“, во која е назначено дека МП во соработка со Главниот одбор на АФЖ организира проекции и изложба на книги во Крива Паланка, Кратово, Свети Николе, Царево Село (Делчево), Пехчево, Берово, Радовиш, Неготино, Валандово, Гевгелија и Дојран. Според информацијата, оваа активност по повод 8 Март се одвивала во периодот од 22 февруари до 6 март. Често се случувало по барање на гледачите да се одржат и по две проекции во едно место. Информацијата завршува со „… активистки на АФЖ ја објаснуваат содржината на филмовите“. Нешто подоцна, повторно Нова Македонија (11 април 1947, стр. 5) ќе објави дека подвижното кино и библиотека ја обиколиле Дебарска околија и дека во Жировница биле одржани две проекции. Најверојатно, по оваа обиколка киното и библиотеката престојувале во Гостиварска околија, затоа што во написот на Нова Македонија од 26 април 1947 година, на стр. 4 се вели дека на 21 април подвижното кино и библиотека на МП пристигнале во Тетовска околија по завршените обиколки на Дебарска и Гостиварска околија. Но, според оваа новинарска вест, во Тетовско се одржале само две проекции и…“потоа киното се вратило во Тетово поради квар“. Весникот Просветно дело од 7 мај 1947 година прави извесна рекапитулација на овие активности за периодот јануари-март, па ќе заклучи дека „Исполнуејќи го тримесечниот план киното на Министерството за просвета до 1 април обиколи 14 села и 11 градови„ (Маџари, Драчево, Лисиче, Петровец, Катланово, Стајковци, Сингелич, Породин, Велушина, Берошани, Бистрица итн.). Во овој осврт се обрнува внимание и на посетеноста, па така „… во село Маџари беа дадени две претстави коишто беа посетени од 250 посетители. Во село Петровец исто така беа дадени 2 претстави…“, додека во селата низ Битолско проекциите ги посетиле над 1400 гледачи, во Берово имало над 1300 гледачи, а во Гевгелија, Свети Николе и Пехчево биле регистрирани повеќе од 1000 посетители. Во овој осврт на Просветно дело (единствено тука) се спомнати и филмовите што ги прикажувало подвижното кино во првата половина на 1947 година. Тоа се советските играни филмови: ДЕНОВИ И НОЌИ, ОВЧАР И СВИЊАРКА и ПАСТИР КОСТЈА. Биле прикажувани и повеќе журнали од советско и југословенско производство. Но, веќе во есенската турнеја, репертоарот на подвижното кино е поинаков. Во Нова Македонија од 28 октомври 1947 година, во освртот насловен како „Во текот на минатиот месец подвижната библиотека и кино на Министерството за просвета ја обиколи Источна Македонија“, се нагласува дека биле прикажани советските филмови ТАЏИКИСТАН и ПОСЛЕДНИОТ ТАБОР, како и журналите ПОБЕДА НА НАРОДОТ и, она што е најзначајно за нас, прикажан е и пропагандниот филм ЖИТО ЗА НАРОДОТ на Трајче Попов. Ова е прва вест во печатот за јавното прикажување на овој филм, еден од двата првенци (заедно со ВО ИЗБОРИ ЗА НОВИ ПОБЕДИ) на македонското повоено (институционализирано) производство. Инаку, обиколката на Источна Македонија уследила по враќањето на подвижната библиотека и кино од Пиринска Македонија. Посетени биле Штип, Радовиш, Неготино, Виница, Злетово или вкупно 15 населени места со повеќе од 40 000 гледачи. Па така, освртот завршува со заклучокот дека „… овие цифри покажуат дека љубовта кај нашиот народ кон народната просвета е голема и дека постоат сигурни основи за културен напредок на нашите работни маси“.
Во годините 1948 и 1949, подвижното кино на МП е во најголема мера ангажирано во агитација на кампањата за описменување, но имало простор и за неговите редовни обиколки на повеќе населени места, со цел да се пропагира филмската уметност како разонода и просветување на народот. Па така, во овој контекст ќе го наведеме податокот дека само во првото тримесечје од 1948 година, киното посетило 16 населени места во Битолска, Прилепска, Велешка и Радовишка околија, при што одржало 49 претстави со вкупно 8 071 гледачи. Притоа биле прикажани советските филмови ТАЏИКИСТАН, ПЕТАР ВЕЛИКИ и НИЕ ОД КРОНШТАД. (17) Интересно е да се забележи и фактот дека МП во својот проект-буџет за 1949 година предвидува 100.000 динари за обезбедување на еден подвижен кинопроектор за најдобриот сојуз на културно-просветни друштва во борбата против неписменоста. (18)
И во следната 1950 година, киното на МП било ангажирано во борбата против неписменоста, но најзначајните активности во таа година биле во рамките на Неделата на националната култура што се одржала од 2 до 9 јули. Така, во текот на месец јули (а по повод веќе спомнатата манифестација) подвижното кино обиколило 15 села од Тетовската околија. „… Посетеноста на проекциите е масовна…“, известуваат весниците Нова Македонија (26 јули 1950, стр. 2) и Шар (21 јули 1950, стр. 3).
Со реорганизацијата на Министерството за просвета во 1950 година, дејноста на подвижното кино ја преземаат други специјализирани организации. Последниот податок што го наоѓаме во печатот датира од 23 септември 1950 година кога Нова Македонија, на својата втора страница, известува дека подвижното кино на МП, заедно со филмското претпријатие од Скопје, ги посетило работните задруги во селата од Струмичкиот крај (Василево, Градошорци, Босилово, Турново, Ново Село итн.) и притоа ги прикажало филмовите: ЗНАМЕ (југословенски, игран), документарецот ЈУГОСЛОВЕНСКИ НАРОДНИ ИГРИ и журналот број 14 произведен во „Вардар филм“.
Заклучувајќи го овој труд, ќе напомнам дека подвижното кино на Министерството за просвета на НРМ, во тие први повоени години, одиграло значајна улога. И покрај неодминливата пропаганда и агитација, сепак, атракција било, да кажеме, во една Жировница, или Градошор, или, пак, во Велуштина да заблеска проекцискиот сноп светлина и на платното да се појави магијата на подвижните слики. Па, и покрај пропагандниот карактер на поголемиот број од прикажуваните филмови, тука биле и незаборавните ПАСТИРОТ КОСТЈА и ПЕТАР ВЕЛИКИ (а тоа се, сепак, антологиски филмови од советската ера).

Белешки:

1. Прва народна влада на Македонија, том 2, книга 1, Архив на Македонија, Скопје, 1995
2. Архив на Македонија, Фонд: Министерство за просвета на НРМ, 170.33.4/235 и 170.5.3/33
3. АМ, ФМП, 170.35.6/114 и 170.34.44/165
4. АМ, ФМП, 170.5.22/354
5. АМ, ФМП, 170.34.44/173-174
6. АМ, ФМП, 170.22.17/68 и 71
7. АМ, ФМП, 170.22.17/81
8. Нова Македонија, 26.03.1948/5, број 997, стр.2
9. АМ, Фонд: Президиум на АСНОМ, 157.11.14/20-22
10. АМ, ФПА, 157.9.61/334
11. АМ,ФПА, 157.11.19/93
12. АМ, Фонд: Министерство за просвета на НРМ, 170.5.22/354 и 170.35.6/119
13. АМ, ФМП,170.34.44/166 и 167
14. АМ, ФМП, 170.22.18/144
15. АМ, ФМП, 170.34.44/183-196 и 170.5.3/45-47
16. АМ, ФМП, 170.5.29/432 и 444
17. АМ, ФМП, 170.35.5/69 и Нова Македонија од 28 март 1948/ стр. 6
18. АМ, ФМП, 170.34.44/245

2018-08-21T17:21:39+00:00 април 1st, 2004|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 35|