Поглед кон заборавеното

/, Галерија, Блесок бр. 39/Поглед кон заборавеното

Поглед кон заборавеното

#10 Проектот Поглед кон заборавеното на Ибрахим Беди е составен од два содржински дела: внатрешен, галериски дел и надворешен, поставен на отворен проствор. Ваквиот начин на претставување воедно ги прикажува двата карактерисгични дискурса во творештвото на овој автор.
#23 Цртеж, објект-цртеж: Цртежите, прикажани во галерискиот простор, се надоврзуваат на циклусот интимни цртежи, започнат во 1996 година.(Мојата соба, Галерија CAM, 1996 и Мојот дневник, САС Галерија, 2002) и се хронологија на најинтимните детали од неговиот живот. Неговиот карактеристичен ракопис, составен од симболи и знаци (порти, птици), со доминантни светли бои (особено сини нијанси) го оживува заборавеното време на градот: чаршијата, улицата, маалото.
#7 Во овој дел, како издвоен циклус се претставени објекти-цртежи кои му се посветени на големиот исламски архитект Мимар Синан. Поедноставените необични форми на предметите – делови од употребени предмети, се патинирани со ведри графички интервенции.
#5 Инсталација: Процесот на нејзина реализација во неискористениот, заборавен и маргинализиран простор започнува со каменот-толчник, карактеристичен елемент од минатото присутен во муслиманските и христијанските куќи. На овој елемент, кој реферира на носталгија кон домот-огништето, се доизградува приказната раскажана преку суптилен, но комплексен состав на објекти архитектонско-скулптурално третирани. Изработени од минлив материјал (гранки, коноп, конци) овие објекти ги рефлектираат тајните на просторот од архитектурата на Мимар Синан и Кападокија. Според авторот, главната идеја во неговото творештво стои наспроти вечноста, односно контра она што во источната филозофија се нарекува put perest (човек кој верува во вечното).
#2 Во делата на Ибрахим Беди е присутна дијалектика на просторот (внатре – надвор, простор – не-простор) и времето (минато – сегашност, вечно – минливо). Поврзувањето на овие елементи се случува преку еден единствен отвор – прозорец, кој суптилно го мами и насочува погледот на посетителот кон соочување со себеси. Огледалата кои создаваат илузија иа длабочина се во насока на рефлектирање на маргиналното и преиспитување на она што се нуди како вистинито.
Акцентот на изложбата Поглед кон заборавеното е ставен на топлината и интимноста на минатото и сеќавањата од кои авторот ја црпи енергијата за своите комплексни дела. Материјалот кој го користи е природен, архетипски (дрво, камен) и е во корелација со митското и ритуалното, наспроти урбаното. На овој начин, со користење на наједноставни готови (обработени, употребувани) или природни парчиња, авторот ги извлекува предметите од заборавот на реалноста и им дава ново митско и уметничко значење.

АвторМаја Чанкуловска-Михајловска
2018-08-21T17:21:36+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 39|