Победа на јазикот над погледот

/, Галерија, Блесок бр. 64/Победа на јазикот над погледот

Победа на јазикот над погледот

#7 Во моментот кога ја доживуваме ноќта без ограничувања, ноќта станува совршено место во чие средиште се наоѓаме на апсолутен начин, и ќе биде точка во просторот во кој се наоѓаме. Во ова повикување на ноќта каде што се губи визуелната стабилност, ноќта ни го открива значењето на објектите и нивната есенцијална кршливост, т.е. нивната вокација да се губат токму кога ни се најблиску. На нивото на перцепција, ноќта се манифестира како чинител на „волуменозноста“ на местото, додека на нивото на означеното, апсолутно неутралниот карактер на она што само се наѕира, преминува во значајна операција во која сетилата се конституираат врз база на отсуство. Парадигмата на ноќта придружена со визуелното неспокојство (уште еден рефлекс врзан и за сликите на Петковиќ) кое притоа се подразбира, поттикнува да ги означиме делата како „заспани“ површини или волумени, како што само ноќта може да биде.

#8 Една друга дијалектичка слика се чини соодветна за разгледување на параболата на погледот – а тоа е вратата или прагот. Црните површини на Петковиќ не личат на врати, но нивната дијалектичка природа сосема точно ги кондензира и двата просторни начина. Всушност, ние се наоѓаме пред или внатре. Енигмата на прагот добро ја знаеме од метафората на Марсел Дишан што ја презентирал со Porte 11, rue Larrey од 1927 година. Дишан ја забележал двосмислената синтеза на доаѓањето и заминувањето, чин секогаш поврзан со вратата, создавајќи врата поставена помеѓу два прага, два отвора, со што неминовно истовремено се затворени и отворени, така што Дишан не потсетува дека смислата и несмислата коинцидираат во парадоксот, речиси граничат со отсуство на смислата. Амбивалентно својство (како место на преминување оттука дотаму, или како место што се преминува или пак место што не може да се премине) е користено во многуте заплети и загатки на митските конструкции. Врата е фигура на отворање, поточно условно отворање, уценета и уценувачка, способна сè да даде или пак сè да земе. Пред сликата се наоѓаме како пред отворена врата чиј праг не можеме да го преминеме: верникот сака да види што е таму преку, додека човекот на тавтологијата ќе се сврти бидејќи цени дека ја познава од едноставна причина што се поставил наспроти вратата. Да се гледа значи истовремено да се земе предвид дека сликата е структурирана како пред-внатре, како еден праг. Сликата на отворена врата го укажува токму единството, проткајувањето на отвореното и затвореното. На сликите на Петковиќ енигмата или двосмисленоста на прагот произлегува токму од меѓупросторот каде што се среќаваат, од една страна, самата обскурност – обскурност која голта или се создава на сопствената разреденост или пак на својата апсолутна густина, а од другата страна, со физичките траги, фактурата, слободниот дуктус или едноставно слободно нанесениот талог.
#9 Додека гледаме, нужно е формата да се сфаќа како процес на деформација или пак како фигура на губење. Место каде да се види е да се губи и во кое објектот на губењето не гледа, е место на вознемиреност (das Unheimliche) кое пак одговара на ауратичната слика која Бенјамин ја нарекол „чудна“ (sonderbar) и „единствена“ (einmalig). Фројдовиот Unheimlich ја манифестира моќта на гледаното врз гледачот кај ауратичните објекти. Објектот на вознемирувањето нè привлекува опсесивно мешајќи ги привлечноста и неспокојството бидејќи состојбата на вознемиреност нè изложува на ризик да не го видиме веќе.
Вознемиреноста дезориентира. Не знаеме точно што е пред нас, а што не е и дали местото според кое се ориентираме е внатре. Дезориентација на нашиот поглед нè дели од нас самите, во нас самите. Значи, уценети сме од отсутното. Оваа поделба во нас (гледаме и сме гледани) е иницирана со прагот. Се наоѓаме меѓу едно пред и зад.
#10 Ако објектот на гледањето го нарекуваме слика, тогаш пред сликата се стои како пред отворена врата низ која не може да се помине. Просторот го носиме преку нашето тело и тој може да се појави само во димензијата на средбата, со што се ослободува од ограничувањата, со што се дели од тука, од визуелната блискост и едновремено се презентира едно таму, една дистанца што „отвора“ и остава да биде отворена. Прагот помеѓу меморијата и очекувањето, помеѓу она што еднаш го запознало крајот и она што еден ден ќе го види крајот. Секоја слика е праг што ја отвора својата длабочина, меѓутоа, повлекувајќи ја, повлекувајќи се, но привлекувајќи ја. Од самата слика, нашиот поглед може да ја распознае тагата и желбата, истовремено да го почувствува губење на времето губејќи се самиот себеси.

АвторМирослав Поповиќ
2018-08-21T17:21:08+00:00 март 3rd, 2009|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 64|