Пиксказни

Пиксказни

(Музеј на град Скопје, март 2009)

„Стварноста може да се прикаже единствено со конструкција на стварноста“
(Гурски)

#1 Системот што Ладислав Цветковски го воспоставува, подразбира внатрешно уредување на добро осмислени секвенци што ја прават композицијата, кои ја градат таа неимарска, плетерна структура на лингвистичката репродукција на визуелниот говор. Тој ентитет постојано ги сепарира, ги издвојува деловите кои реципрочно се условуваат – заемната зависност на сите сегменти, на сите вињети, линии, точки… од кои ја создава композицијата – прават една верижна целина која не би можела да се дефинира без примарната карактеристика на авторот – силното чувство за линеарните преплети и соодноси, како и за педантно осмислената композициска основа, осет за добро распределување на композициските елементи.
Конечно, нагласено – не зборуваме за декоративното, за дизајнот – ни зборува една суптилна, мудра, отворена провокативна игра – провокација која што ни ја отвора дилемата за моќта и за отвореноста на нашето разбирање.
#2 Иконографијата се обвиткува околу примарниот сон на хаотичниот свет кој во своите закрила ги сокрива и содржи „остатоците“ на визуелната граѓа од депото на чувствата. И одеднаш, низ тие едноставни прикази на „допир“, на „глобализација“ Ладислав си создава една урбана игра со воздржан или затскриен егзалтиран став. Создава слики кои се контрапункт на овој банален свет со кој нема ништо заедничко освен што живее во него.
Орнаменталната мрежа е основа во која се сменуваат дискретно поместени нијанси на интензивен колорит смирен токму со мултиплицирање на знаците кои ги создаваат нијансите и ги обликуваат допирите на рацете. (На прашање зошто сепак ги употребува интензивните бои, Дејвид Смит, во едно интервју одговори: затоа што се потешки!)
#3 Знакот во графиките на Ладислав се јавува во два вида: или ја исполнува основата, подлогата или се јавува како симбол – знак аплициран поагресивно како вињета преку основниот знаковен преплет. Знакот станува облик и во тој новосоздаден интимен свет на авторот прави еден нов систем на фигури (конкретни: раце; апстрактни: асоцијативни знаци) а потоа тие заживуваат до степен кога во севкупната композиција веќе го губат допирот со изворот како примарна визија. Овие орнаментални шифри од една страна образуваат загадочен преплет кој грижливо го сокрива односот меѓу самите сегменти, додека од друга страна се прилагодуваат на оние мигови кога крупниот план – конкретниот облик изронува од самото ткиво на мрежата од мултиплицираните знаци. Така станува едно интересно, визуелно ефектно и идејно загадочно двојство: знак во знак. Техниката во овој контекст само го транскрибира, сугестивно го имитира природниот поредок со знаците кои се временски и кои ни сведочат за автентичноста на еден актуелен простор, на автентичноста на почетокот и на крајот, но и за загадочното исчезнување на овие нумерички вредности, бидејќи од самата рамка на нашиот живот потекнува тоа мерило на времето.
Овие импресивни слики за одредените сензации поставени на еден општ план како дел од траењето, како денови што се нижат со своите позитиви и негативи, со своите допири и недопири, се одвиваат според еден прецизно осмислен и изграден систем и план на авторот, во исто така еден тек, еден сублимат на дијалогот меѓу мерките и односите.
#4 Имам впечаток дека авторот си има поставено цел: да ја опфати и оптички реализира вистинската стварност, која постои надвор од графиката, а потоа да ги постави на површината оние оптички секвенци од појавниот свет што ги сублимира во корелати селектирани според сопственото толкување на стварноста. Тие визуелно создаваат симболички знаци како субјективни претстави и идеи, но исто така тие се и стварност која што набљудувачот може да ја препознае. Колку и да е искажана низ субјективниот филтер на уметникот, таа сепак ја репрезентира онаа стварност која е една можна секвенца, слика, претстава, импресија од реалниот, појавниот свет, од еден општ план од кој Ладислав само суптилно ги селектира оние битни мигови кои се најдлабоки и суштински за постоењето: љубовта, допирот, разговорот… Сепак, повеќе атакува на нашата совест и свест за негување, враќање, чување и траење на овие вредности уништувани со глобализацијата, монотонијата, емпатијата, апатијата, обезличувањето, заслепеното, болката, задушеното, замолкнатото…
Грижливо градените дигитални конструкции, стотици еднакви, мултиплицирани низи – колористичко шаренило на геометрискиот мозаик, каде што се препознава само орнамент и боја, стануваат еден симболичен знак на глобализацијата, на стварноста која секогаш не изненадува бидејќи најчесто ја откриваме со големо задоцнување.
#5 Конечно овие графики не се декор, не се дизајн, тие се суптилни композиции со извонреден распоред на нејзините елементи, на облиците и на колористичките варијации, но тие се исто така, една кондензирана, аналитична и методична стварност, една трага и духовита забелешка на егзистенцијалните состојби на нештата, денес во овој редуплициран, клониран и отуѓен свет.
Темите на празнината и чувството за загубата, лична и општа, се колосална потврда дека грешките еднаш направени го прават товарот на сегашноста и ја обврзуваат да се справи со последиците. Тие се премногу тука за да не остават рамнодушни.
#6 И сите тие допири, љубовни приказни, лаф – муабети… авторот ги протнува низ иглените уши на глувиот: забрзаниот, растревожен, невротичен, нечувствителен свет на минувачите, на преминувачите на улици, на гладијаторите на емоциите на тоталитарното, на секојдневната парализирачки панична забрзаност што ни ги покрива очите за да нештата што постојано ги гледаме и не ги забележиме и не ги препознаваме.
Во творештво што го познавам на Ладислав мислам дека станува збор за два сегменти: линеарното, ракописот на зголемениот знак како порака, и мрежесто, повеќезнаковното ткаење на потката од која ги извлекува, појавува… трагите – дланките, тактилното, чувствителното во сета геометриска прецизност и знаковност што ги почитува, но и ги преиначува правилата за постоење на точка – таа станува патопис…
#7 Секако, може да се направи мала дистинкција меѓу предложените дела со тоа што „опционите“ графики одат кон една попластична, условно подекоративна, колористички позвучна игра, додека останатите одат кон поинтензивна знаковност на грижливо градена дигитална конструкција, на осмислено мултиплицирање на фрагменти, одбегнувајќи ја единствената визура на геометриската перспектива, туку се обидува да даде еден можен, личен поглед врз кондензираната стварност.
Покрај сета уреденост на композициите, Ладислав Цветковски решавањето на оваа геометриска проблематика не ја поставува како цел сама по себе, туку само ја ползува како средство.
Тивко и ненаметливо, често цинично, низ ликовно разубавениот свет, ги бележи фрагментите на опачината и на аномалиите на времето во кое што живееме.

2018-08-21T17:21:07+00:00 април 29th, 2009|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 65|